Фото: ЕПА

Од исходот на американските избори е јасно дека светот повеќе не е ист, а промените брзо ќе се видат. На самитот на Европската политичка заедница, изминативе два дена, се почувствува таа атмосфера, каде што Макрон настапи со жестока реторика. Македонија мора да биде подготвена за новото време, има можности да успее, има добри врски во Вашингтон и причина во креирањето на новиот светски поредок да не се најде на листата каде што ќе се бројат само мртвите

ТРИУМФАЛНО ВРАЌАЊЕ НА ДОНАЛД ТРАМП ВО БЕЛАТА КУЌА

Америка и светот очекуваа неизвесна изборна трка и војна на изборите и по изборите во САД, но на крајот резултатот кажува сѐ – Доналд Трамп извојува убедлива победа и со гласовите на граѓаните и со изборните гласови, односно веќе има над 300 гласа од изборниот колеџ. Еден од најголемите настани веднаш по победата на Трамп на европска почва се одржа во Будимпешта – самит на Европската политичка заедница на кој учествуваше и делегација од Македонија, на чие чело беше премиерот Христијан Мицкоски.
Многу мастило ќе се потроши за да се види каде промашија најдобрите анкетари во Америка, но не е првпат да промашат и повеќе од дозволената маргина на грешка. Сега мастило ќе се троши на прашањата што ново ќе донесе Трамп во неговиот втор мандат, што ќе значи тоа за внатрешните прашања, за економијата, за односите со Европа (ЕУ), со Кина, со Русија…

СЕ ЧУВСТВУВААТ ВЕТРИШТАТА НА ПРОМЕНИТЕ

Новата администрација од февруари в година, кога Трамп ќе положи заклетва како 47. претседател, ќе се раководи со паролата „Да ја направиме Америка повторно голема“. Знаеме што значи тоа од неговиот претходен мандат – нагласка на унилатерализмот, значи на американизмот. И остварување на ветувањата – запирање на руско-украинската војна, средување на состојбите на Блискиот Исток, трговски бариери за ЕУ…
Првиот впечаток е дека од Вашингтон веднаш е испратена пораката дека компјутерот на ЕУ ќе мора да се ресетира, и тоа брзо. На Европејците не им треба многу објаснување, тие подготвени го чекаа (не)очекуваниот триумф на Трамп. Изострен слух сѐ уште има Најџел Фараџ, а Британецот знаеше дека треба да си резервира место на Флорида и да го чека победничкиот говор на својот пријател Доналд Трамп. Неговиот рејтинг во Велика Британија постојано расте и се очекува да биде можеби и втор политички фактор во земјата. Секако, рано е уште да се зборува за политички потрес во Обединетото Кралство, но ветриштата на промените се чувствуваат. Крупните европски ајкули први се јавија, оти знаат дека во големата слика на океанските води тие се ситните риби, а ајкулите се други големи сили и економски и воено. Големата германска коалиција на чие чело е канцеларот од СПД, Олаф Шолц, веќе подолго време покажуваше знаци на криза, која сакале или не кулминира синхронизирано со резултатите од американските избори – таа е пред колапс. Уште пострашно е што не е само политичката криза предизвик во најсилната европска економија туку лошите економски перформанси, при што алармот веќе го активира еден од симболите на германската индустрија – „Фолксваген“. Најверојатно Германија ќе оди на предвремени избори и логично би било во земјата да продолжи трендот на јакнење на десните сили.

МАКРОН СТАНУВА МЕСОЈАДЕЦ, ЌЕ ГО СЛЕДИ ЛИ ЕУ? Тоа ли го предлагаше Марио Драги?!

Франција, на чело со Макрон има амбиции да ја реформира ЕУ, но сега неговата реторика е многу поагресивна. Ние во Македонија го знаеме тоа, сме го слушнале, сме го виделе и го чувствуваме, зашто токму тој се согласи да ни се наметне преговарачка рамка што ни е ставена на вратот и со неа треба да ги препливаме европските преговарачки води. Тешко, многу тешко. Тој баласт, оставен во мираз од СДСМ/ДУИ, мора да се олабави.
Сега Макрон ја повика Европа да стане „сештојад“, зашто ЕУ била „вегетаријанец“, а во светот владеат „месојадци“. Вака ѝ се обраќа Макрон на Европа, која е во потрага по нови решенија, бара некои реформи, планира поинакви односи внатре во ЕУ, но и во односите со светот. Месојадството сигурно ќе значи и многу повеќе пари за одбранбениот сектор, а тоа ќе биде оружје, оружје и оружје. Европа ќе се милитаризира. Дали мора? Тоа ли го предлагаше Марио Драги?
Во ваква атмосфера се одржа самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, каде што членките на ЕУ имаат можност за заеднички прашања, особено за безбедноста, да разговараат со нечленките, односно кандидати за влез во клубот. Премиерот Мицкоски имаше нова можност на своите соговорници да им ги пренесе македонските очекувања и да ги исцрта македонските линии на повлекување. Дали Макрон останува на своето? Дали, како што бара новопечената еврокомесарка Марта Кос, Македонија ќе мора веднаш да пристапи кон уставни измени за да почне преговори. Но и дали на домашен терен албанските партии ќе чекаат шанса за да го протнат фамозниот амандман дека нивниот јазик не е само 20 проценти, туку е албански јазик, на државно ниво, рамноправен и дома и надвор?

НА МАКЕДОНИЈА Ѝ СЕ ПОСРЕЌИ?

Мицкоски од Будимпешта испрати охрабрувачка порака: „Нашето место е и заслужуваме да сме во Европската Унија, мора да успееме… се бориме за нашите аргументи и за вистината, која е незаобиколива. Ќе дадеме сѐ од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“.
Народски кажано, на Македонија ѝ се насмевна среќата со победата на Трамп, иако токму во мандатот на Трамп тогашната македонска влада ја постигна Преспанската спогодба, договор што е рецепт за самоубиство на една суверена нација. Која е разликата од тогаш и сега? Власта во Македонија е сменета, политичката вага во САД е сменета, затоа што републиканците сега се мнозинство во Конгресот, но и политичкиот спректрум во Европа ги менува боите. Европа оди во десно. Европа се оддалечува чекор по чекор од влијанието на либерализмот изникнат од семето на Џорџ Сорос. Но, да не заборавиме, токму идеите на Стив Бенон, поранешниот медиумски советник за Трамп што работеше низ Европа, фаќаат сериозен десничарски корен како предизвик на Соросова Европа. Впрочем, рековме погоре, крупните риби ги јадат ситните, а во светот се чини ЕУ не ја гледаат како крупна риба, ни во идеолошка смисла.
Македонија има веќе отворен прозорец на можности независно од пародијата наречена преговори за членство во ЕУ, зашто веќе е јасно дека Македонија мора да ги смени својот личен опис и тапијата за да влезе во Унијата. За неа се предвидува второлигашки статус во рамките на идното членство, ако го биде, а тоа ќе значи и помалку помош, без глас, без право на вето, без пристап до важни информации. Секако, ова е сѐ уште во доменот на реформските размислувања во Брисел, но контурите се наѕираат. Затоа не чуди што таа се врза со блокот континентални земји (landlocked countries) што можат да формираат сериозен политички блок со значајна улога во европските текови. Тоа се Унгарија, Австрија, Словачка, наскоро се очекува таму да се најде (природно) и Чешка, потоа Србија. Треба да се очекува и натаму да се засилува соработката во тој регион, поширок од Вишеградската група. Америка сигурно го препознава тоа, па не е чудо ако еден ден некој рече – еј, па тоа се нашите деца, во идеолошка смисла, оти во Европа токму на тој појас се бранат и некои други принципи од оние за кои „гинат во Брисел“.
Да, промените дојдоа и ќе доаѓаат. Сите велеа дека Владимир Путин нема да му честита на Трамп, но и таа рампа е прескокната. Честиташе и Кина. Сите сакаат да соработуваат, да најдат свое место во новиот свет, а Македонија не би смеела да се најде на списокот каде што ќе се бројат само мртвите. Затоа треба да се издржат последните притисоци од Брисел, можности има многу.