Силен одек во јавноста предизвика обемната анализа на „Нова Македонија“ за можните причинско-последични сценарија во врска со одлуката на американскиот претседател Бајден да одобри користење ракети со долг дострел за Киев. Референците на тој потег се навистина повеќеслојни и, како што анализиравме вчера, се однесуваат и на внатрешнополитичката состојба во САД, но се реферираат и на глобалната воено-политичка состојба во насока на нејзина ескалација.
Во текот на вчерашниот ден, за жал, стигнаа информации дека Украина на илјадитиот ден од војната веќе употреби американски ракети АТАКМС за да нападне складиште за артилериска муниција во руската област Брјанск, на околу 160 километри од руско-украинската граница. Токму ваквиот развој на настаните оди во полза на експликациите на нашите соговорници, експерти од областа на меѓународното право и добри познавачи на меѓународните услови, дека новата димензија на воениот судир во Украина би можела да се развие во два несакани правца:
Прво, колепката на демократијата и врвна светска сила САД би биле вовлечени во една вонредна или воена состојба. На тој начин ќе биде запрен трансферот на власта и досегашната администрација на Бајден ќе остане на власт, при што ќе бидат суспендирани изборната волја на граѓаните и функционирањето на другите институции. И второ, поврзано во каузалитет со првото, е што на глобален план би се отворила спиралата за можност за една светска воена пресметка меѓу нуклеарните сили, за што никој не се осмелува ниту да направи предвидување како би завршило тоа. Во контекст на оваа тема, денеска во продолжение пренесуваме избор на вести од светот, следејќи ја исклучително компликуваната состојба што го држи светот на штрек.
На Киев ќе му биде испорачан уште еден нов вид оружје од арсеналот на американските воени сили
САД ја зајакнуваат и Украина, но и наративот за ескалација на воениот судир
Американскиот претседател Џо Бајден го одобри снабдувањето со противпешадиски мини за Украина, што има цел да му помогне на Киев на источниот фронт, особено во комбинација со другите видови муниција со кои САД веќе ги снабдуваат Украинците. САД веќе ја снабдуваа Украина со противтенковски мини, но додавањето противпешадиски мини на асортиманот оружја укажува на обид да се забави веќе забележителниот руски копнен напредок.
Противпешадиските мини ќе бидат поставени исклучиво на украинска територија, со обврска на Киев да не ги користи во области населени со цивили. Американските мини се разликуваат од руските бидејќи се опремени со временско ограничување што ги прави инертни откако ќе им се испразни батеријата. Ова го намалува ризикот од долгорочна опасност за цивили.
Потезите на САД предизвикуваат нови контроверзии, особено со оглед на меѓународната забрана за противпешадиски мини според Конвенцијата од Отава, која САД никогаш не ја потпишале. Се очекува дека понатамошната испорака на оружје и неговата употреба на бојното поле дополнително ќе ја влоши ситуацијата во Источна Европа. Ова е втора одлука во низа од страна на администрацијата на Џо Бајден, која во пакет со претходната, за испорака на ракети со долг дострел, оди во насока на директно вовлекување на САД во состојба на завојувана страна, што повлекува низа контрадикторни прашања и внатре во САД, но и прашања поврзани со сѐ подлабока ескалација на воениот судир со несогледливи последици Р.С.
Одлуката за намалување на прагот за нуклеарен одговор беше донесена само два дена откако САД ја овластија Украина да користи ракети „АТАКМС“ за напади на руска територија
Кремљ и формално ги одобри промените во руската нуклеарна доктрина
Намален прагот за руски нуклеарен одговор на непријателски напади
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша Закон за намалување на прагот за нуклеарен одговор, отворајќи ја можноста за одмазда дури и во случај на напад со конвенционално оружје. Оваа одлука доаѓа во време на интензивирање на тензиите меѓу Русија и Западот, особено откако САД ја овластија Украина да користи ракети со долг дострел „АТАКМС“.
Според новата доктрина, Русија има право на нуклеарен одговор не само во случај на нуклеарен напад туку и во ситуации кога бил извршен конвенционален напад со поддршка на нуклеарните сили, пренесува британски „Телеграф“. Кремљ нагласи дека овој закон ќе овозможи брза и одлучна реакција на потенцијалните закани, а руското Министерство за одбрана извести дека нивните мобилни фрлачи се опремени со ракети од типот „искандер“.
Дмитриј Медведев, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, јасно стави до знаење што значи оваа нова стратегија за непријателите на Москва.
– Русија би можела да возврати со оружје за масовно уништување не само против Украина туку и против клучните цели на НАТО, каде и да се тие. Тоа може да биде почеток на трета светска војна – предупреди Медведев, нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата.
Одлуката за намалување на прагот за нуклеарен одговор беше донесена само два дена откако САД ја овластија Украина да користи ракети „АТАКМС“ за напади на руска територија. Велика Британија и Франција набрзо го следеа примерот, давајќи зелено светло за употреба на сопствени проектили, како што е британската „сторм шедоу“ со дострел од 300 километри.
Како одговор на потезите на Западот, Украина веќе употреби ракети „АТАКМС“ за да нападне складиште за руска артилериска муниција во областа Брјанск, на околу 160 километри од украинската граница. Според украински извори, во магацинот имало и муниција од севернокорејско потекло.
Руското Министерство за одбрана тврди дека пет од шесте лансирани проектили биле пресретнати, а фрагменти од последната паднале врз воена база во регионот. Сепак, Кремљ остро го осуди овој потег, нарекувајќи го „нова фаза од западната војна против Русија“. Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, најави дека Москва ќе реагира „соодветно“.
Изјавата на Медведев за можноста за нуклеарна одмазда против НАТО, како и потпишувањето на новиот закон од Путин, навестуваат ескалација, која може да има глобални последици. Оваа ситуација дополнително ги комплицира односите меѓу светските сили, додека украинските напади во Русија, вклучувајќи го и првиот успешен ракетен напад „АТАКМС“, ги зголемија влоговите во веќе сложениот конфликт. Р.С.
Специјална седница на Советот за безбедност на Обединетите нации
Илјада дена од војната во Украина, што понатаму?
Советот за безбедност на ООН доцна вчера одржа специјална седница одбележувајќи го илјадитиот ден од почетокот на војната на Русија против Украина. Освен 15-те членки на Советот за безбедност, на седницата учествуваа и претставници од Чешка, Италија, Ирска, Германија, Полска, Литванија, Романија и од Турција – што сведочи за тоа колку сериозно меѓународната заедница ја сфаќа војната во Украина. Заменикот на генералниот секретар на ООН за политички прашања, Розмари Дикарло, посочи на високата цена на оваа војна: досега се убиени 12.164 цивили, вклучувајќи и 600 деца; 26.871 цивил се ранети.
На седницата на Советот за безбедност на ООН присуствуваа и министри за надворешни работи на неколку земји, вклучувајќи и на Обединетото Кралство и Украина. Низ говорите на земјите што ја поддржуваат Украина доминираше идејата дека не треба да се попушти пред Русија. Американската амбасадорка во ООН, Линда Томас-Гринфилд, повтори дека администрацијата на Бајден ќе ја поддржува Украина, вклучувајќи и со оружје, додека не се постигне праведен мир за Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига укажа на неспособноста на меѓународната заедница да го запре оружениот конфликт.
– Илјада дена е голема бројка. Од една страна, тоа ја докажува храброста на Украинците пред лицето на суровата руска агресија, како и поддршката на нашите партнери, за што сме благодарни. Од друга страна, оваа бројка сведочи за неспособноста на меѓународната заедница, вклучувајќи го и овој почитуван Совет, да ги запре оружениот конфликт и злосторствата. Мораме искрено да признаеме – меѓународните механизми не функционираа, тие не функционираат. Мораме да создадеме нови механизми, мораме да бидеме принципиелни и да дејствуваме заеднички за да го вратиме почитувањето на Повелбата на ООН – категоричен е Сибига.
Рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензја, изјави дека дозволата на администрацијата на претседателот Бајден, објавена од медиумите, да ѝ се овозможи на Украина да користи американско оружје за напади на територијата на Русија, ќе има сериозни последици.
– Изненадува кратковидоста на Обединетото Кралство и Франција, кои брзаат да ја поддржат заминувачката администрација и ги вовлекуваат не само своите земји туку и цела Европа во целосна ескалација со исклучително сериозни последици. Токму за ова нашите поранешни западни партнери треба добро да размислат, додека не е предоцна. За ова треба да размислат и оние што неодамна почнаа да зборуваат за некакво замрзнување на фронтот и различни шеми слични на оние што Украина и нејзините западни поддржувачи ги отфрлија кога беа предложени Минските договори – изјави Небензја. Р.С.
И на исток се продлабочува воената соработка: Пакт меѓу две нуклеарни светски сили
Севернокорејски артилериски системи пристигнале во Русија
Северна Кореја неодамна ѝ достави на Русија дополнителни артилериски системи за евентуална употреба во Украина. За потсетување, и неколку илјади севернокорејски војници распоредени во Русија почнаа да учествуваат во борбите.
Според севернокорејски медиуми, „Националната разузнавачка служба (НИС) соопшти дека Северна Кореја донела во Русија одреден број самоодни хаубици од 170 мм и повеќе ракетни системи од 240 мм“. Ова го изјави пратеникот Ли Сеонг Квеун. Ли пред новинарите истакна дека агенцијата оценила оти оружјето е тип артилерија што руската војска не ја користи, па Северна Кореја најверојатно испратила персонал за да ги научи руските сили како да го користат и одржуваат.
НИС соопшти дека околу 11.000 севернокорејски војници биле префрлени во руската област Курск кон крајот на октомври, која украинските сили ја нападнаа во август, по обуката во североисточна Русија, рече Ли. Тој изјави дека НИС објави оти севернокорејските војници биле распоредени во единиците на руските поморски и воздушни сили и дека некои од нив веќе почнале да се борат заедно со Русите на фронтот. Минатата недела руските канали на Телеграм објавија фотографии на кои наводно се прикажани севернокорејски самоодни хаубици „коксан“ од 170 мм на железница во Русија. „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на процени на украинските разузнавачки служби, во неделата објави дека Северна Кореја во последните недели испратила во Русија околу 50 домашно произведени самоодни хаубици од 170 мм и 20 повеќекратни ракетни системи од 240 мм.
Артилериските системи се најновото конвенционално оружје за кое се верува дека Северна Кореја ѝ го доставила на Русија, а минатиот месец НИС соопшти дека Северна Кореја испратила повеќе од 13.000 контејнери со артилерија, проектили и друго конвенционално оружје во Русија од август 2023 година, според „Асошиејтед прес“. Р.С
Пентагон не страхува од руски нуклеарен удар во Украина
Министерството за одбрана на САД нема информации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје на територијата на Украина, изјави Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон.
– Не сме изненадени од ажурирањето на руската нуклеарна доктрина. Тоа е нешто на што тие алудираа во последните неколку недели. Ова е истата неодговорна реторика што ја забележувавме и претходно, и, искрено, во последните две години. Ова е нешто што ќе продолжиме да го следиме. Но немаме никакви индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје на територијата на Украина, и не гледаме потреба да правиме промени во нашата сопствена нуклеарна позиција – изјави Синг.
Таа повторно нагласи дека САД не ја промениле својата политика во однос на користењето американско оружје од страна на Украинците за напади во руска територија, додавајќи дека администрацијата и понатаму ќе го обезбедува Киев со претходно ветената помош и во целосен обем.
– Што се однесува до 7,1 милијарди долари што ни останаа и кои можеме да ги искористиме во рамките на претседателските овластувања за повлекување оружје, ние настојуваме да ја искористиме целата сума што ја додели Конгресот. Единствениот начин да го направиме тоа е да се увериме дека нашите магацини се целосно дополнети и обезбедени со резерви. Како што нашите арсенали продолжуваат да се дополнуваат со потребната опрема, таа се повлекува од таму и се испраќа во Украина. Претседателот вети дека секој долар што го додели Конгресот ќе биде потрошен – заклучува портпаролката на Пентагон. Р.С.
Истражување на „Галуп“ за јавното мислење во Украина поврзано со западната воена помош:
Давањето воена помош за Украина е спротивно на волјата на украинскиот народ за мир
Западната воена помош за Украина и дозволата за употреба на оружје со долг дострел врз цели во Русија водат кон ескалација на руско-украинската војна, наспроти желбата за мир на украинскиот народ, што го покажаа резултатите од испитувањето на јавното мислење во Украина, пренесува „Геополитика“.
Според новиот извештај на Пентагон, сегашната сметка за војната во Украина надминува 182 милијарди долари. А американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела вети дека кога станува збор за воената помош, „секој долар што САД го имаат на располагање ќе биде испратен до 20 јануари“, кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде инаугуриран на претседателската функција.
Истовремено, нова анкета на „Галуп“ покажува дека мнозинството Украинци, 52 отсто од нив, сакаат мировни разговори за ставање крај на војната со Русија. Од друга страна, 38 отсто сметаат дека Украина треба да продолжи да се бори, додека девет отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Од оние што се за преговори, 52 отсто рекле дека Киев треба да биде отворен за територијални отстапки, додека 38 отсто не се согласуваат, а 10 отсто не се сигурни. Поддршката за мировните преговори е посилна во источна Украина во близината на линијата на фронтот, каде што 63 отсто инсистираат на дипломатија, а само 27 отсто сакаат борбите да продолжат. Со истражувањето, „Галуп“ првпат по отпочнувањето на војната утврди дека мнозинството Украинци ги поддржуваат преговорите за ставање крај на борбените дејства. Р.С.
Прекин на врските за итна комуникација помеѓу САД и Русија
Вашингтон и Москва играат „расипан телефон“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека специјалната телефонска линија, која беше воспоставена за комуникација меѓу Москва и Вашингтон по кубанската криза, во моментов не е во употреба.
– Имаме посебна безбедна линија за комуникација меѓу двајцата претседатели, Русија и САД. Дури и за видеокомуникација – објаснува Песков за „РИА новости“.
Руските дипломати предупредуваат дека сегашната криза меѓу Москва и Вашингтон е споредлива со кубанската нуклеарна криза во 1962 година, пренесува „Ројтерс“. Р.С.
Амбасадата на САД во Киев затворена поради потенцијален воздушен напад
Американската амбасада во Киев е привремено затворена откако добила „конкретни информации за потенцијален значаен воздушен напад на 20 ноември“, јавија светските медиуми.
– Поради претпазливост, амбасадата ќе биде затворена, а вработените во амбасадата добиваат инструкции да се засолнат – се вели во соопштението.
Амбасадата исто така им препорача на граѓаните на САД да се подготват да се засолнат во случај да биде објавена воздушна тревога. Ова не е првпат амбасадата да ги затвори вратите по предупредувања за потенцијални воздушни напади. Слични предупредувања имаше и за Нова година и околу Денот на независноста на Украина.
Премиерот Мицкоски: Очекуваме што поскоро сето тоа таму да заврши
и да се стави крај на оваа војна
Oдблиску се следат најновите случувања и развојот на настаните поврзани со и околу војната со Украина и Русија, но анализите и процените не можат јавно да се соопштат, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски.
– Одблиску ги следиме најновите случувања и развој на настани. Ги анализираме. Се разбира дека нема јавно да кажеме што е тоа што го анализираме и кои се нашите процени. Очекуваме што поскоро сето тоа таму да заврши и да се стави крај на оваа војна и да можеме нормално да функционираме и да можеме да се развиваме онака како што посакуваме – рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази загриженост поради можни последици од конфликтот во Украина
„Секој следен чекор води кон сеопфатен нуклеарен конфликт“
Заканата од нуклеарен конфликт е поголема од кога било досега, предупреди српскиот претседател Александар Вучиќ во завчерашно вонредно обраќање, истакнувајќи дека и Русија и Украина ќе бидат подготвени да ги користат сите ресурси што ги имаат во конфликтот.
– Ова што се случува сега не води само до светска катастрофа, исто како што, за жал, предвидов. Ако имате 10 чекори до целосна катастрофа, ние веќе преминавме девет. Секој следен чекор нè води до сеопфатен нуклеарен конфликт. Познавајќи ги сите актери, мислам дека никој нема да се оддалечи од користењето на оружјето што го имаат – истакна Вучиќ.
Од друга страна, Вучиќ тврди дека имал информации од еден од светските центри на моќ дека би можело да дојде до божиќно примирје, но истовремено кажа и дека не е сигурен оти може да помине некој мировен предлог.
– Не сум сигурен дека некој мировен предлог може да помине. Ги познавам двете страни. Ниту Володимир Зеленски може да се откаже од својот интегритет и Уставот, ниту Путин може да се откаже од својот Устав во кој четири области веќе станаа составен дел на Русија. Сите ќе настапуваат со максималистички барања, а кога се оди со максималистички барања, се плашам дека работите ќе завршат со катастрофа – посочи српскиот претседател. Р.С.