Контрадикторно е германското МНР, германските парламентарци и дел од германските политички партии најдрско и нафлагрантно да го погазуваат сопствениот устав само за да им излезат во пресрет на Грците, а од друга страна да бараат од Македонија да ги погазува основните демократски принципи и да им ги ускратува основните човекови права и слободи на сопствените граѓани, вклучувајќи го и правото на самоидентификација и изразување на лично чувство околу сопствениот идентитет и припадност кон заедницата, само затоа што станале функционери
Хипокризија во меѓународната политика
Во моментот кога македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова за време на свечената заклетва ја изостави географската одредница пред името Македонија, собраниската сала во знак на револт ја напушти грчката амбасадорка Софија Филипиду, која постапи според претходно дадените инструкции од грчкото МНР.
Чинот на грчката амбасадорка јасно покажува дека грчкото МНР подготвило дипломатска стратегија според која во најкус можен рок ќе бидат упатени реакции до Македонија буквално од сите страни, па така, експресна реакција стигна од ЕУ, од САД, од НАТО, но и од Германија, од каде што побараа државата да ги почитува меѓународните договори и строго да се придржува до Преспанската спогодба.
Германското МНР уште во понеделникот порача дека мора да се почитува Преспанскиот договор, додека пратеници во германскиот Бундестаг изјавија дека новата македонска претседателка направила опасен преседан.
Според пратеникот на владејачките либерали, задолжен за европски прашања, Томас Хакер, потегот на Силјановска-Давкова е „несреќен и за жалење“.
– Европскиот пат на С. Македонија и пред изјавите на новата претседателка беше доволно тежок. И вистина е дека и ЕУ носи дел од вината за бавниот пат на земјата кон ЕУ – признава Хакер.
Осуда стигна и од опозициската ЦДУ. Пратеникот на демохристијаните и надворешнополитички говорник Јирген Харт вели дека Брисел мора да им испрати јасна порака на Силјановска и на ВМРО-ДПМНЕ дека таквата политика нема да се толерира.
– Повторното разгорување на спорот за името на С. Македонија е целосно непотребно и опасно. Новата претседателка на С. Македонија, Силјановска-Давкова, на својата функција е исто толку обврзана да го почитува компромисот меѓу С. Македонија и Грција колку што беше и нејзиниот претходник. ЕУ мора да им испрати јасен сигнал на претседателката и на победничката партија на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, дека патот на С. Македонија кон благосостојба и слобода, како и во ЕУ, води исклучиво преку почитување на постигнатиот компромис со Грција – истакнува Харт.
Крајно парадоксален е настапот на германските парламентарци и на германското МНР бидејќи со сопствениот настап, всушност, најдрско го погазија сопствениот устав, во кој човековите права и личното чувство се во преамбулата на германскиот устав.
– (1) Човечкото достоинство ќе биде неповредливо. Да се почитува и заштити е должност на сите државни органи.
(2) Затоа, германскиот народ ги признава неприкосновените и неотуѓиви човекови права како основа на секоја заедница, на мирот и на правдата во светот – се наведува во првите две точки од членот 1 во преамбулата на германскиот устав.
Токму во овие две точки јасно и недвосмислено е кажано дека за Германија се најважни човечкото достоинство и неприкосновеноста на човековите права како основа за секоја заедница. Контрадикторно е германското МНР, германските парламентарци и дел од германските политички партии најдрско и нафлагрантно да го погазуваат сопствениот устав само за да им излезат во пресрет на Грците, а од друга страна да бараат од Македонија да ги погазува основните демократски принципи и да ги ускратува основните човекови права и слободи на сопствените граѓани, вклучувајќи го и правото на самоидентификација и изразување на лично чувство околу сопствениот идентитет и припадност кон заедницата, само затоа што станале функционери.