Некогаш само во Пиринска Македонија биле попишани 160.00 Македонци, во Албанија се смета дека таа бројка е дури поголема, но Енвер Хоџа призна постоење на Македонци само во областа Мала Преспа (Пустец) и таму сега се попишани едвај 2.000, затоа, пак, се изроди ново малцинство – Бугари, Македонците ги снема и на Косово. Како се случи тоа, дали македонската држава го преспа и 21 век?

ПОПИСИТЕ ВО РЕГИОНОТ КАКО АЛАТКА
ЗА АСИМИЛАЦИЈА

Пописите како сериозна и обемна статистичка операција се спроведуваат откако постои човекот. Тој уште во камено време си ги пребројувал своите од заедницата и морал да знае што има во својот двор. Домаќинлак. Античка Македонија спроведувала извонредно обемни и прецизни пописи, а ако не го правела тоа, немало да биде империја. Таа водела сметка во својата војска да нема повеќе од 5 проценти странци, односно ненаши. Нејзините пописи ги презема и Рим, па токму од пописните книги на Римската Империја дознаваме дека Исус бил живо родено машко дете, а не митолошка фигура.
Пописи спроведувала и нацистичка Германија. И тоа какви! Не случајно ја споменуваме нацистичка Германија, само и само да ги потенцираме разните намери за статистичките операции да се стават во функција на остварување одредена замисла и цел. Некогаш ги попишуваа/отпишуваа Инките, Маите, вчера ги попишуваа/отпишуваа Евреите, Ромите… денес на еден административно елиминаторски начин нѐ попишуваат/отпишуваат нас Македонците. Пописната гума се обидува да избрише сѐ што е македонско, барем на Балканот, па дури и по цена да се искине старата хартија на која со мастило нашите предци се изјаснувале за Македонци.
Ако се вратиме на Рим, тогаш ова што сега им се случува на Македонците најдобро би се претставило со борбите на гладијаторите во арените. Тие се фрлени како жртва, а публиката го стимулира тоа со задоволни навивачки изблици. Многу едноставно – нема вистинско крвопролевање, нема жртви, мртви и ранети, ама Македонци има сѐ помалку. Одат кон административна нула. Како се случи Македонците да ги нема во Грција, да ги нема во Бугарија, да дојдат до цифра од само две илјади и нешто во Албанија? Едноставно – пописна гума! Последното шокантно откритие е тоа дека во Албанија ги снемува Македонците, но затоа, пак, се роди ново малцинство, кое никогаш не постоело таму – Бугари.

ИЗЛЕЗИ НАДВОР, ОВДЕ НЕ ПОСТОЈАТ МАКЕДОНЦИ!

До 1963 година во Бугарија постојат Македонци, постојат македонски јазик и посебна култура, дозволено е да се изучува македонскиот јазик во училиштата. Културна автономија. И Бугарија не пропадна поради таквата политика, но реши цврсто да го сврти листот и да почне да спроведува државна политика на негирање на Македонците. Да ги брише пописно и да ги супресира политички, економски, социјално. Да им ги забранува основните човекови права, како што е и правото на здружување загарантирано со членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Докажано со десетина пресуди пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Две организации главно ги водеа битките во Стразбур против државата Република Бугарија: ОМО Илинден и ОМО Илинден-Пирин. Во поново време таа борба за основните права ја почнаа и десетина граѓански организации што Бугарија одбива да ги регистрира само затоа што во името им стои „македонска“. Дали поради ваквата состојба Бугарија со петни жили настојува својот проблем да го префрли во комшискиот, македонски двор? Веројатно да, но тоа е само еден можен одговор.
За да се разбере атмосферата во Бугарија кон Македонците, издвојуваме еден транскрипт од извештај за состојбата со човековите права.
„На сите нивоа од судскиот процес г. Тилев се соочи со пречки поради неговиот македонски идентитет. Тој дури имаше и расправија со неговата адвокатка Виолета Станкова : Ѝ реков дека сум член на македонската организација ОМО Илинден. Се расправавме малку, а таа ми рече дека не постојат Македонци, јас ѝ реков: Јас сум Македонец, стојам пред вас. Наредниот пат пак се расправавме за македонското прашање, таа ме исфрли надвор велејќи ми: Излегувај одовде, Македонци не постојат… По неколку дена ми рече: Ти си Македонец и тоа не е криминал. Ме советуваше дека нема да го отвораме македонското прашање зашто на судијата може да не му се допадне тоа. Слични проблеми искрснаа и за време на судењето“.
Инаку, според првиот повоен попис во Бугарија од 1946 година, само во Пиринска Македонија 160.000 лица се изјасниле за етнички Македонци. На пописот во 2022 година нивниот број е околу 5.000.
И малку како иронија – само во австралискиот град Квинбејан во Нов Јужен Велс има околу 7.000 Македонци, кои таму се признаени како многу важна заедница за културното наследство на градот. Си учат македонски јазик, си пеат на македонски, имаат македонска црква „Свети Пророк Илија“.
Според последните статистички податоци на Националното биро за статистика на Бугарија, во земјата има околу 5.200 населби, од кои пет илјади се села. Една третина од тие села се со помалку од 50 жители, додека 201 населба се целосно напуштени, немаат ниту еден жител. Дали оваа катастрофална демографија ја мотивира асимилтароската стратегија на Софија за Македонците? Затоа ли бијат софиските камбани?

„АБЕЦЕДАРОТ“ ЕДЕН ОД ФАКТИТЕ ДЕКА ПОСТОЈАТ МАКЕДОНЦИ ВО ГРЦИЈА

„Абецедар“, букварот на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, бил подготвен од специјална комисија на грчката влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева, а отпечатен во Атина во мај 1925 година. В година ќе треба да се одбележат сто години од неговото печатење. Тој е еден од маркантните докази за постоењето на Македонци во Грција како домицилно население. По неговото печатење, „Абецедарот“ бил запленет и уништен од страна на грчката влада, но во 2006 година е дозволено повторно преиздавање на „Абецедарот“, кој е испечатен во Солун. Ако некој мисли дека со овој потег Грција го обелила образот и признала македонско национално малцинство, тој е во голема заблуда. Доказ за тоа се повеќето пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои Грција, исто како и Бугарија, одбива да ги спроведе. Атина признава Македонци, но не како етникум, туку како население што живее во одреден регион. Значи сите што се во регионот Македонија.
Поради систематското прекршување на правата на Македонците (но и на турското малцинство признаено како „муслимани“), пред десет години во Стразбур се актуализира идеја Парламентарното собрание на Советот на Европа да формира специјална ад хок комисија што ќе има мандат да отвори одредени прашања и во земји што не се во мониторинг-постапка, а конкретно и за Грција. Интересно, Бугарија тогаш начелно ја прифатила идејата, но Грција застанала цврсто против.
Денес Грција само малку отиде понапред во почитувањето на малцинските права, со тоа што дозволи на јавни места да се пеат македонски песни. Но таа со суровиот анихилистички (за Македонците) Преспански договор сѐ што спаѓа под македонско наследство и култура го презема како дел од хеленистичкото наследство. Дали некогаш ќе видиме табла со натпис „Куќа на македонската цивилизација“, како што бараат претставниците на Македонците? Чекаме (го чекаме Годо). Дали и прогонот на децата бегалци од македонските семејства, државен план што според дефиницијата на ОН е испланиран геноцид, исто така ќе стане дел од грчкото признавање на историјата? Дали ќе им се извини на Македонците и дали ќе ги обесштети? Таквите идеи одамна се задушени.

БУГАРИЗАЦИЈА НА АЛБАНСКА ТЕРИТОРИЈА

Бугаризацијата на Македонците (и не само нивна) во Албанија не е процес од вчера. Тие планови Софија почна поагресивно да ги спроведува пред дваесетина години. Кога почувствува дека нема отпор ниту од македонската ниту од албанската држава, почна поагресивно со издавањето бугарски пасоши, стипендиички, отворање бугарски градинки и бугарски школи за изучување на македонскиот јазик. Школата, пак, за македонски јазик во Голо Брдо, албанските власти ја затвораа неколкупати. Тоа е еден апсурд од Енверхоџина Албанија – се признаваат Македонци само во Мала Преспа?!
Еве еден настан од мојата новинарска архива од 2013 година. „Иако официјално не беше ни регистрирана, новата политичка партија на Македонците во Албанија од лидерот на една грчка партија беше прогласена за бугарска и како таква таа ќе учествува на парламентарните избори на 23 јуни годинава. Со тоа Партијата за демократски просперитет (ПДП) заплива во нови уште поматни води откако имаше проблеми со регистрацијата пред судските органи, а потоа и со внатрешниот судир со еден од основачите на партијата, Изаир Фетаху.
– Сакам да ѝ соопштам на целата македонска јавност дека Партијата за демократски просперитет се подготвуваше да биде македонска. Тоа што Вангел Дуле, лидерот на партијата на грчкото малцинство го тврди дека таа ги застапува интересите на Бугарите воопшто не е точно и јас денеска му испратив протестно писмо поради тоа – ни изјави Аријана Шутку, која беше претседателка на Иницијативниот комитет на ПДП“.
Ем бугарска запршка, ем грчко тенџере, ќе каже народот. А, сега кога се знае и стратегијата на тиранската платформа, повеќе од јасно е што им се подготвува/ло на Македонците и во Албанија. Тоа што сега не се признаваат пописните резултати е добар потег и тие треба да се борат и да докажат дека не се само две илјади во цела Албанија. Пописот го оспорува и поранешниот претседател Сали Бериша, кој тврди дека во Албанија нема над два милиона жители, туку се некаде околу 1,4 милион! И еве сериозна дипломатска работа за македонското МНР. Тој наш народ таму мора да почувствува заштита.
А, каква е состојбата на Косово? Таму останале само петмина регистрирани како Македонци, ми изјави во еден разговор Исмаил Бојда, долгогодишен политички активист на Македонците од областа Гора. Како? Да се навратиме на насловот на текстот: пописите се сериозни статистички операции, а не политички, за кои важат утврдени правила на Советот на Европа, на Евростат. И ако пописите секаде пребројуваат и овци, на Балканот луѓето ги пребројуваат како овци. Паннационлаистички инженеринг.


Мониторинг и санкции

Комитетот на министрите на Советот на Европа (СЕ) главно е задолжен за мониторинг на извршувањето на пресудите од Судот за човекови права. Парламентарното собрание на СЕ, пак, е одговорно да утврди дали земјите членки ги спроведуваат Статутот на СЕ, Европската конвенција за човекови права и другите конвенции на СЕ кон кои тие пристапиле. Асамблејата може да ги санкционира земјите што постојано не успеваат да ги спроведат обврските или пак не соработуваат со мониторинг-процесот. Почетните санкции се неприфаќање на акредитивите на националната делегација во ПС.


Доколку постојат сериозни прекршувања, земјата може да биде суспендирана од Советот на Европа!

Бугарија е под засилен мониторинг и се очекува во наредните месеци, не повеќе од крајот на годинава, да донесе конечно решение за барањата на македонското малцинство. Доколку и тогаш остане прашањето отворено, односно Софија и Стразбур продолжат со играта топло-ладно, во тој случај државата Македонија може да ја тужи државата Бугарија пред Европскиот суд за човекови права. Ако се има политичка волја, секако.