Фото: „Нова Македонија“

Повод: Преод од летно кон зимско сметање на времето

  • Мини-анкета на „Нова Македонија“:За оваа навидум мала промена, деведесет од сто прашани граѓани одговорија дека чувствуваат некаков „ефект врз расположението“, како и „промена на дневниот ритам“ и дека таа промена „негативно се одразува“… Речиси сите прашани граѓани одговорија дека им е нарушен биоритамот и го потврдуваат тоа од искуството од повеќе изминати години
  • Некои повозрасни граѓани одговорија дека промената во сметањето на времето им ги нарушува крвниот притисок и шеќерот во крвта, а сосема мал број граѓани што читале за ефектите од промената на стрелките на часовникот дури издвоија мислење од стручна литература дека таквата промена „може да доведе до срцев или до мозочен удар“!?

Викендов започна зимското сметање на времето кога ги поместивме стрелките на часовникот за еден час назад – од три часот на два часот. Деновите ќе стануваат сè пократки и пократки, а најкратките ќе бидат при крајот на декември – кога сонцето ќе заоѓа пред 16 часот.
За потсетување, зимското сметање на времето се менува на секој последен викенд во октомври во ноќта помеѓу сабота и недела. Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март 2026 година.
Иако во Брисел во 2018 година беше предложено да се укинат сезонските промени на времето, седум години подоцна – сите сè уште ги поместуваат стрелките на часовниците во март и во октомври.
Шпанија одлучи повторно да поведе иницијатива со која ќе се укинат летното и зимското сметање на времето во Европската Унија. Како што истакна шпанскиот премиер Педро Санчез, тоа е „застарена практика“ со која „веќе не се заштедува енергија“ и „предизвикува непријатност и негативни здравствени ефекти“.
Експертите забележуваат дека адаптацијата кон оваа мала промена трае најмалку две недели. Тие исто така истакнуваат дека поместувањето на часовникот двапати годишно влијае на сите, на здравите, но особено на болните и на хронично болните пациенти.

Мини-анкета на „Нова Македонија“ со граѓаните (Скопје, 26.10.2025 год.): Какво чувство предизвикува кај граѓаните промената на сметањето на времето?

Промените во телото поради поместувањето на стрелките на часовникот се случуваат веќе во првиот ден, но се најзабележителни од три до пет дена потоа, а периодот на приспособување може да трае до две недели, објаснуваат медицинските експерти.
Повеќето луѓе го доживуваат овој премин од летно во зимско сметање на времето како можност да спијат еден час подолго. Но за оваа навидум мала промена, деведесет од сто прашани граѓани одговорија дека тоа има „ефект врз расположението“, како и на дневниот ритам и дека негативно се одразува. Речиси сите прашани граѓани одговорија дека им е нарушен биоритамот и го потврдуваат тоа од искуството од повеќе изминати години. Некои повозрасни граѓани одговорија дека промената во сметањето на времето им ги нарушува крвниот притисок и шеќерот во крвта, а сосема мал број граѓани што читале за ефектите од промената на стрелките на часовникот дури издвоија мислење од стручна литература дека таквата промена „може да доведе до срцев или до мозочен удар“!?

Ставот на експертите

Многу функции во нашето тело се одвиваат според одреден ритам во рок од 24 часа – таканаречен циркадијален ритам. Телото го памети ритамот на нашите дневни активности, кога и во кое време започнуваме одредени задачи, кога јадеме, кога е време за спиење. Поместувањето на часовникот за само еден час доведува до значајни промени во телото.
– Треба да знаеме дека создавањето мелатонин е условено од дневните промени на светлина и темнина. Поради промените во количеството на произведен мелатонин, може да се појават проблеми со спиењето – потребно е подолго време за да заспиеме, се будиме во текот на ноќта, понекогаш ни треба подолг сон, се будиме уморни, се чувствуваме сонливо во текот на денот – објаснува специјалистот по општа медицина д-р Весна Стојановска.
Таа додава дека периодот на приспособување трае околу две недели во просек.
– Притоа, младите луѓе се приспособуваат побрзо на промената на времето, бидејќи нивните адаптивни механизми се зачувани, додека постарите лица, особено оние со хронични заболувања како што се дијабетес и кардиоваскуларни заболувања, се приспособуваат побавно – вели нашата соговорничка.
Како што објаснува, нарушувањето на спиењето доведува до метаболички промени што предизвикуваат формирање или забрзување на растот на постојните плаки во ѕидовите на артериите, кои се причина за срцеви и мозочни удари.
– Недостигот од сон и ненадејната промена на ритамот можат да го зголемат нивото на стрес и да влијаат на крвниот притисок, се јавува чувство на чукање и прескокнување на срцето, што доведува до срцева слабост – вели д-р Весна Стојановска.
Според неа, во периодот по поместувањето на часовникот, пациентите со претходно постојни срцеви проблеми почесто се обраќаат кај својот матичен лекар, зголемен е и бројот на повици во итната медицинска помош поради нерегулиран крвен притисок.
За да се избегнат последиците, како што објаснува нашата соговорничка, матичниот лекар треба навреме да ги информира пациентите дека промената на времето сигурно ќе доведе до одредени проблеми и дека е потребно тие сами да го мерат крвниот притисок дома, дијабетичарите почесто да го контролираат нивото на шеќер во крвта и, во случај на влошување, да се обратат кај лекарот за воведување нова или корекција на постојната терапија. М.В.


За и против летно и зимско сметање на времето

Во 2001 година, членовите на ЕУ беа обврзани да го воведат таканареченото летно сметање на времето, за да може трговијата и транспортот на заедничкиот пазар да се одвиваат непречено и да ги намалат трошоците за енергија.
Дополнителните дневни часови во летниот период би можеле да ги намалат трошоците на граѓаните за вештачко осветлување и да им овозможат да го поминуваат слободното време на отворено. Сепак, реалните заштеди на енергија се покажаа како мошне маргинални.
Намалувањето на електричната енергија е компензирано со зголемена употреба на греење или климатизација, а исто така и со гориво во возилото. Во исто време, некои од главните трговски партнери на ЕУ, како што се Кина, Русија и Турција, не ги поместуваат стрелките на часовникот.
Финска побара крај на летното сметање на времето, откако 70.000 граѓани потпишаа петиција со која го бараат тоа. Во јуни, Финска има 18,5 часа дневна светлина, а во декември само 5,5 часа, додека во Грција денот трае 14,5 часа во лето и 9,3 часа во зима. Двете земји се во иста временска зона – источноевропско време (GMT + 2).
Одредени научни студии покажаа дека промените на стрелките на часовникот имаат негативни ефекти врз здравјето на луѓето. Студиите на Европската комисија наведуваат дека „ефектот врз биоритамот на луѓето може да биде посериозен отколку што првично се сметаше“.
Се верува дека тоа може да доведе до нарушувања на спиењето, но и до зголемен број срцеви удари и кардиоваскуларни проблеми. Исто така, може да влијае на зголемувањето на бројот на сообраќајни несреќи.
Ако одите на училиште или на работа по мрак, очекувано е да ви се приспие.
Поместувањето на стрелките на часовникот исто така значи дека во есенските месеци децата одат на училиште наутро по мрак, што може да биде опасно.
Но вреди да се истакне дека, исто така, постојат различни мислења.
На пример, истражувачите Џенифер Долијак и Николас Сандерс велат дека најголемиот број улични злосторства се случуваат попладне, помеѓу 17 и 20 часот, и препорачуваат летно сметање на времето.
Тие веруваат дека повеќе природна светлина во тој период може да им помогне на жртвите и на минувачите да видат можни закани, како и подоцна да ги идентификуваат сторителите. М.В.


Поместувањето на стрелките на часовникот и хормонот на среќата кај луѓето

  • Нашата соговорничка на оваа тема, како искуство и совет за граѓаните, за наредниот пат (во март 2026 година, при наредното поместување на стрелките на часовниците поради летно сметање на времето) советува неколку дена пред поместувањето на стрелките на часовникот да се помести и времето за одење во кревет, а за да се ублажат негативните ефекти, помага и да се помине што е можно повеќе време на дневна светлина, особено наутро

Истражувањата потврдија дека постои директна врска помеѓу сончевата светлина и производството на серотонин.
– Серотонинот е хормон на среќата, кој влијае на расположението, спиењето, апетитот, варењето, згрутчувањето на крвта и васкуларните функции – вели докторката Весна Стојановска и објаснува зошто повеќето луѓе се чувствуваат уморно, раздразливо и имаат промени во расположението. Биохемиски, тоа е поврзано со пад на серотонинот, мелатонинот и витаминот Д. Тие играат улога во нашето расположение, кога нема доволно од нив, тогаш се јавува афективно нарушување. Социјалното повлекување може да се појави и поради лошо расположение и проблеми со спиењето, понекогаш продолжен сон. Честопати има потреба да се консумираат големи количества храна, првенствено јаглехидрати.
Како што објаснува таа, поради губење сон, многу луѓе пријавуваат проблеми со вниманието и концентрацијата во деновите по преминувањето на зимско сметање на времето.

Фото: „Нова Македонија“

– Студиите покажуваат дека дури и мала промена во времето за спиење може да влијае на донесувањето одлуки и брзината на реакција, како резултат на што се зголемува ризикот од несреќи на работа и во сообраќајот – вели таа и додава дека промената на времето нè воведува во состојба на стрес и вознемиреност – напнатост.
Нашата соговорничка на оваа тема, како искуство за наредниот пат (март 2026 година), советува неколку дена пред поместувањето на стрелките на часовникот да се помести и времето за одење во кревет, а за да се ублажат ефектите, помага и да се помине што е можно повеќе време на дневна светлина, особено наутро.
– Неколку дена пред поместувањето на стрелките, треба да го одложите одењето во кревет за 10-15 минути, за да се намали употребата на телефони, таблети и лаптопи пред спиење – сината светлина се меша во производството на мелатонин, хормонот на спиењето. Наедно, потребно е да се избегнуваат кофеин и тешки оброци навечер, за полесно да се заспие и да се има квалитетен сон. Исто така е важно да се поминува повеќе време на дневна светлина, особено наутро – советува докторката д-р Весна Стојановска, која смета дека треба да се укине практиката со поместување на стрелките на часовникот. М.В.


Зошто всушност било воведено летното сметање на времето?

Бенџамин Франклин предложил луѓето да стануваат порано за да заштедат на свеќи…

Основната идеја е подобро да се искористи дневната светлина. Во лето, кога деновите се подолги, часовникот се поместува така што еден утрински час се „краде“ и се додава навечер – за да паѓа темнината подоцна.
Ваквата промена прв ја замислил американскиот политичар и научник Бенџамин Франклин, уште во 1784 година. Тој објавил есеј во кој предложил луѓето да стануваат порано за да заштедат на свеќи.
Новозеландскиот научник Џорџ Вернон Хадсон заклучил дека човекот е посоодветен за живот преку ден отколку навечер, па затоа во 1895 година предложил да се поместат стрелките на часовникот за два часа нанапред за да се користи повеќе дневна светлина во текот на летото отколку попладне.
Слична идеја му се јавил и на прапрапрадедото на пејачот на „Колдплеј“, Крис Мартин – Вилијам Вилит, во 1907 година. Тој објаснил дека му светнало кога, за време на летно јавање коњи наутро, забележал колку завеси сѐ уште се спуштени. Сепак, тој не доживеал да го види тоа во Велика Британија.
Летното сметање на времето за првпат го воведе Германија во 1916 година, а неколку недели подоцна и Велика Британија. И двете земји тогаш беа во средината на Првата светска војна и за нив беше многу важно најдобро да ја искористат дневната светлина и да заштедат јаглен.
Следната година, Русија го направи тоа, а во 1918 година, Соединетите Американски Држави.
Меѓутоа, во мирновременски услови тоа не се вкорени во Америка. Под притисок на земјоделците, американскиот претседател Вудро Вилсон наскоро го укина летното сметање на времето, наведувајќи дека земјата се враќа во „Божјото време“.
Дури и во Европа немаше правила што би важеле за сите. За време на Втората светска војна, Британците, на пример, ги дуплираа заштедите – ги поместија часовниците за два часа напред.
За одбележување е дека по војната се појави хаос во Америка во врска со пресметувањето на времето. Во Западна Вирџинија, на автобуска линија долга педесет километри, патниците дури мораа да ги поместуваат стрелките на часовниците седум пати за да ги приспособат на пропишаното точно време. Транспортот, како и многу други загуби беа во милиони.
Летното сметање на времето во поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија беше воведено дури на 27 март 1983 година.
Денес, дури 110 од 192 земји во светот го користат летното сметање на времето, а не се користи во Кина, Јапонија, Јужна Кореја и низ целиот африкански континент. Повеќето земји што го користат се во Европа и Северна Америка. Исклучок е Исланд, бидејќи е многу посеверно од цела Европа и има поекстремни варијации во дневната светлина и темнината во текот на целата година, па затоа не би имал многу корист од поместување на стрелките на часовникот. Белорусија, Грузија и Русија исто така избраа да имаат исто време и во зима и во лето. За земјите на екваторот, каде што дневната светлина е приближно иста во текот на целата година, нема потреба од такви заштеди. Исто е и во Аризона и Хаваи, кои имаат сонце во текот на целата година. Сите други држави во Америка ги поместуваат стрелките на часовниците напролет и наесен. М.В.