Покрај фактот што војната во Украина симболично ја трансформираше Полска како земја на првата линија на заднината на војната, воениот судир исто така ја принуди Полска да преземе мерки за темелно воено редефинирање: модернизација на вооружените сили и зголемување на одбранбените капацитети. Полска годинава ќе потроши 4,12 отсто од својот БДП за одбрана, што е двојно повеќе од насоките на НАТО од два отсто. Севкупно, Полска одвои околу 37 милијарди долари за своите вооружени сили, а полскиот буџет за 2025 година предвидува уште едно рекордно издвојување од вкупно 43,6 милијарди евра
Војната во Украина ги поттикна европските држави засилено да инвестираат во своето вооружување
Според повеќе европски аналитичари, економскиот раст на Полска ја профилираше како една од носечките земји на Стариот Континент, а со рекордните инвестиции во вооружување, Полска, пак, станува воена сила, позиционирајќи се како главна сила во источното крило на НАТО, се забележува во светските медиуми.
Полска годинава ќе потроши 4,12 отсто од својот БДП во делот за модернизација на своето вооружување, што е двојно повеќе од насоките на НАТО од два отсто. Севкупно, Полска издвои околу 37 милијарди долари за трошоците за вооружување. Минатата година, исто така, потроши импресивни 3,92 отсто од БДП по истата основа. Полскиот буџет за 2025 година ќе вклучи уште едно рекордно издвојување – ќе бидат потрошени вкупно 43,6 милијарди евра, како што најави премиерот Доналд Туск.
Војната во Украина придонесе за темелно воено реструктурирање на Полска
Покрај фактот што војната во Украина симболично ја трансформираше Полска како земја на првата линија на заднината на војната, воениот судир исто така ја принуди Полска да преземе мерки за темелно воено редефинирање, вклучувајќи и модернизација на вооружените сили и зголемување на одбранбените капацитети.
– Во овој контекст, тие се едногласни како општество. Новата влада го продолжи континуитетот на старата влада, едноставно, темпото на милитаризација оди напред. Знаеме дека во Полска не постои аспирација кон нејзините соседи или желба за територијално проширување или негирање на постоењето на друга земја, ова е чисто за одвраќање. Ова е цената што ја плаќаат за да одвратат некого од помислата да ги нападне. Јасно им е дека е подобро да се биде безбеден отколку да се ризикува нешто. Се наоѓаме во голема фаза на неизвесност – вели надворешнополитичкиот аналитичар Денис Авдагиќ.
Според веб-страницата „Глобал фаерпауер“, која се смета за пристоен показател за воениот потенцијал, Полска има над 600.000 воени лица, од кои 202.000 се активни. Располага со 468 авиони, од кои 59 се борбени авиони. Има и 612 тенка и 45 брода, но не поседува носачи на авиони.
„Јуропиан сикјурити енд дифенс“ пишува дека полските вооружени сили сега се состојат од 198.000 војници, вклучувајќи 130.000 професионалци. Полската армија, во однос на работната сила, сега е секако најголема во Европа, а поранешната влада сакаше да ја прошири на 300.000 војници.
Некои експерти предупредуваат дека армијата е преголема со оглед на ограничувањата во соодветната опрема (таа е на 22-то место во однос на трошоците по војник). Критичарите прават аналогија со 1939 година, кога Полска имаше бројчено голема армија, но ниска борбена ефикасност.
Годинава склучени 150 договори за набавка на најново оружје
Полска само годинава склучи околу 150 договори за набавка на оружје. Станува збор за борбени авиони, оклопни возила, тенкови, хеликоптери, хаубици и системи за противракетна одбрана од САД и Јужна Кореја.
Уште пред војната во Украина, Полска се договори со САД да купи 32 американски борбени авиони „Ф-35А“. Тие беа нарачани во јануари 2020 година за 4,6 милијарди долари. Испораките се планирани за периодот 2026 – 2030. Станува збор за најновите борбени авиони од петта генерација, кои се издвојуваат со исклучителни способности, како што е невидливоста за радарите или повеќенаменските способности за воздушна борба.
Таа набави 12 лесни ловци „ФА-50“ од Јужна Кореја, кои ѝ овозможуваат постепено да ги исфрли своите „миг-29“ и „су-22“ од советската ера. Вреди да се спомене и купувањето на два половни авиони СААБ 340 АЕВ од Обединетите Арапски Емирати и на беспилотните летала „бајрактар ТБ2“ што ги купи од Турција.
На крајот на август, Полска, исто така, влезе во проектот за набавка на високоценети 96 нападни хеликоптери „АХ-64Е апачи“, кои со вооружување ќе чинат 10 милијарди евра.
Полска нарача и 180 јужнокорејски тенка „К2“ и 366 тенка „абрамс“. Се верува дека благодарение на оваа инвестиција, сите тенкови од советската ера ќе бидат повлечени од употреба. Важен проект е и пешадиското борбено возило „борсук“, кое е наменето да се воведе во армијата. Станува збор за домашно производство, бидејќи „борсук“ го произведува полска компанија.
Полска, исто така, набавува 486 мобилни ракетни лансери ХИМАРС по приближна цена од 10 милијарди долари. Станува збор за модерен повеќенаменски ракетен систем, кој се карактеризира со голема подвижност и прецизност, што овозможува напади на долги растојанија.
Шестгодишно засилено вложување во вооружените сили и зголемување на одбранбените капацитети
Во 2018 година, Полска го потпиша најголемиот договор за набавка на оружје во својата историја, кога се договори со Соединетите Американски Држави да го купи системот за противракетна одбрана „патриот“ за 4,75 милијарди долари.
Летово беше потпишан договор за изградба на 48 фрлачи за воздушните и ракетните одбранбени системи „патриот“. Овие фрлачи М903 ќе бидат произведени во полска железарница и се очекува да бидат доставени до полската војска помеѓу 2027 и 2029 година.
Покрај ова оружје, Полска набави и стотици ракети воздух-воздух од САД, како и самоодни хаубици „K9 тандер“. Некои од нив се испорачани, а ќе има вкупно 672. Станува збор за јужнокорејски производ што се смета за исклучително ефикасен и клучен за стратегиски удари на долги растојанија.
Полска, исто така, нарачува мобилни ракетни фрлачи „К239 чунму“, околу 300 парчиња. И овде зборуваме за јужнокорејскиот повеќенаменски ракетен систем, способен да лансира различни видови ракети, вклучувајќи и ракети со висока прецизност на растојанија до 300 километри. Р.С.