Фото: Маја Јаневска-Илиева

За „докази“ прибавени од нелегално прислушување, Европскиот суд за човекови права во Стразбур нема дилеми:

  • Во јавниот дискурс со години се туркаше тезата дека нелегално прислушуваните разговори претставуваат „вистина“ што мора да добие судска верификација, токму поради тоа што обелоденетите содржини се од „висок јавен интерес“, при што аргументацијата на тоа становиште беше дека токму „јавниот интерес е пред сѐ и над сѐ“, па дури и над актуелните важечки правни акти и процедури. Но, правната држава не функционира врз основа на политички прогласена вистина и субјективни квалификации за тоа што претставува висок јавен интерес, туку врз основа на востановени правила и процедури. Уставот гарантира неповредливост на комуникациите и поставува јасна граница: доказ прибавен на незаконски начин не смее да биде темел за ограничување на правата и слободите. Законот за кривична постапка дополнително ги уредува условите под кои можат да се применуваат посебни истражни мерки и ја предвидува забраната за користење незаконски прибавени материјали

Случајот на Сеад Кочан и нелегално прислушуваните материјали употребени како докази во судската постапка против него уште еднаш „изрти во јавноста како фиданка“, како што се изразија нашите соговорници професори по право, односно како нешто што „треба да биде предмет на анализа за тоа како се судело во клучните моменти што ѝ претходеа на подготовката на теренот за промена на уставното име на државата“.
И не само случајот на Кочан туку и многу други судски постапки темелени врз докази обезбедени преку нелегално снимените телефонски разговори се случија во земјава, кои го променија текот на историјата на целата држава, што од друга страна може и да се протолкува како добро осмислен и спроведен проект за демонтажа на македонската држава, која е воспоставена врз принципите на Илинден, АСНОМ и референдумското изјаснување од 8 септември 1991 година.

Стразбур ја става под лупа суштината на постапката

Европскиот суд за човекови права во Стразбур неодамна официјално се обрати до македонската влада во врска со апликацијата на бизнисменот Сеад Кочан, отворајќи суштински правни прашања за користењето прислушувани разговори како докази во кривична постапка, која заврши со правосилна пресуда со која тој беше осуден на казна затвор во траење од четири години и осум месеци. Со комуникацијата од 2 февруари 2026 година, која беше објавена завчера, Судот го става под лупа суштинското прашање дали судењето во предметот „Труст“ било фер, со фокус на тоа дали пресудата била заснована на докази добиени преку незаконско прислушување.
Во комуникацијата со македонската влада, Судот во Стразбур нагласува дека предметот се однесува на кривичната постапка против апликантот Сеад Кочан, во која тој бил осуден за злоупотреба на постапката за јавна набавка, при што обвинението, меѓу другото, се потпирало и на аудиоснимки од пресретнати разговори. Овие аудиоматеријали биле користени како доказ во постапката и биле дел од доказниот корпус врз кој судовите ја темелеле пресудата. Клучниот момент е што Судот во Стразбур директно поставува прашање дали апликантот имал правично судење во смисла на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, особено имајќи ги предвид околностите во кои биле прибавени и користени аудиоснимките од наводно незаконски пресретнатите комуникации. Со ова формулирање, Судот јасно сигнализира дека не го игнорира спорното потекло на доказите, туку го става во центарот на анализата на прашањето дали постапката била фер.
Дополнително, Стразбур бара од Владата да се изјасни и дали биле почитувани принципите на контрадикторност и еднаквост на оружјата, односно дали одбраната имала реална можност да се запознае со доказите и да ја оспори нивната автентичност. Судот експлицитно ја проблематизира ситуацијата во која одбраната не ги добила аудиоснимките на носач на податоци, туку само нивни транскрипти, што отвора сериозни дилеми за можноста за ефективна експертска анализа на доказите.

Судир меѓу политичкиот наратив и уставниот поредок

И не е само предметот на Кочан за кој Судот во Стразбур констатирал правни аномалии, туку има и многу други случаи што се на разгледување пред меѓународните судии, а чии предмети се базирани врз докази прибавени на основа на нелегално снимените разговори. Очекувањата се дека Судот од Стразбур и за ова ќе побара појаснувања од страна на македонската влада, односно одговори на прашањата дали против обвинетите е постапувано во согласност со законите или, пак, се работело за постигнување некакви политички цели со флагрантно погазување на законите и Уставот на државата.
Забелешките на Судот во Стразбур исфрлаат на површина и една друга димензија за однесувањето на бриселските либерални елити, кои кога нешто е во нивен интерес премолчено поддржуваат силување на правдата, а со тоа и соборување легитимно избрани влади и преуредување цели држави. За таа цел бриселските либерални кругови имаа несебична поддршка и од некои внатрешни сили, кои требаше да креираат општествен амбиент во кој заради одредени политички цели ќе биде нормално заобиколувањето на правната држава и на законите. Некои од нив беа посочени и во документите што пред извесно време ги објави и американскиот Стејт департмент, со забелешка дека одредени луѓе во земјава примале пари за да го туркаат проектот за промена на името така што преку судски постапки оформени со нелегално прибрани докази ќе се елиминираат противниците на ваквата идеја. За слични тајни финансиски фондови пишуваа и грчките медиуми, кои објавија дека грчката влада финансирала слични проекти во Македонија.

Експерти: Законите мора да бидат над политиката

Според дел од правните експерти со кои се консултиравме, нема никаква дилема дека законите се флагрантно погазени за да се постигне одредена политичка цел, а тоа е преседан само по себе, констатиран и од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
– Случајот со Сеад Кочан, како и другите предмети во кои како доказен материјал беа користени нелегално прислушувани разговори, отвора едно суштинско прашање: Што во една правна држава е доказ – она што политички се прогласува за „доказ“ или она што Уставот и законите го дефинираат како дозволен доказ? Во нашиот уставен поредок, хиерархијата е јасна. Уставот гарантира неповредливост на комуникациите и предвидува дека доказ прибавен на незаконски начин не може да биде основа за ограничување на правата и слободите. Законот за кривична постапка дополнително ги уредува строгите услови под кои може да се применуваат посебни истражни мерки и јасно ја поставува забраната за користење незаконски прибавени материјали. Тоа не е техничко прашање, туку прашање на владеење на правото – сметаат експертите.
Според нив, она што денес го гледаме преку постапувањето на Европскиот суд за човекови права во Стразбур е токму судир меѓу две логики.
– Од една страна, постои наратив дека одредени материјали, иако прибавени спротивно на законот, биле „нужни“ за повисока политичка цел. Од друга страна, постои правниот стандард утврден со членот 6 од Европската конвенција за човекови права – правото на фер судење – кој не познава политички исклучоци. Фактот што Судот во Стразбур експлицитно го поставува прашањето дали пресудата се темелела на незаконски прибавени аудиоматеријали и дали одбраната имала реална можност да ги оспори, покажува дека за меѓународното право не е доволно нешто да биде прогласено за доказ во политички контекст. Клучно е дали тој доказ е прибавен и изведен во согласност со законот и со принципите на контрадикторност и еднаквост на оружјата. Во правната држава целта не може да ги оправда средствата. Ако еднаш прифатиме дека политичката цел – без разлика дали е претставена како „реформа“, „прочистување“ или „историски компромис“ – е поважна од Уставот и законите, тогаш го релативизираме самиот темел на системот. Денес тоа може да биде употребено против еден обвинет, утре против кој било граѓанин. Оттука, суштинската порака е едноставна: законите мора да бидат над политиката. Доказ е само она што е прибавено и изведено во согласност со Уставот и со законите. Сѐ друго може да биде политички аргумент, медиумски материјал или инструмент на притисок, но не и правно валиден доказ врз кој се темели кривична осуда. Постапувањето на Судот во Стразбур не е мешање во суверенитетот, туку потсетник дека владеењето на правото не смее да биде селективно. Кога еднаш ќе се дозволи политичката цел да ја надвладее правната норма, државата престанува да биде правна и станува инструментална. А тоа е најопасниот преседан што може да се создаде – констатираат некои од правните експерти.