„Сомнителни се и несигурни извештаите на Европската разузнавачка служба дека претстои неизбежен руски напад врз ЕУ – тоа е изговор за програмите за вооружување, кои се финансирани од задолжувања! Кои се тие конкретни извештаи на Европската разузнавачка служба што ги цитира Европската комисија, кои цврсти докази и информации постојат што ги поткрепуваат нејзините алармантни предупредувања за напад од Русија врз земјите членки на ЕУ?“, наведува австриската политичарка Петра Штегер, пратеничка во Европскиот парламент, во своето прашање упатено во писмена форма до Европската комисија на 27 март 2025 година. Штегер актуализираше сериозни сомнежи дека европските безбедносни институции се злоупотребуваат преку погрешни и манипулативни „аналитички извештаи“ за „руското загрозување“ на европските држави, за да се создаде оправдување пред европската јавност за огромните вложувања во одбрана и купување оружје од стотици милијарди евра, кои се планираат и се подготвуваат

Дали Брисел ги злоупотребува европските безбедносни служби за да остави впечаток на предвоена психоза (1)

Во освртот што следува, „Нова Македонија“ ќе се обиде да направи кус пресек на пројавените и зачестени политичко-безбедносни сомнежи и дилеми во европската општествено-политичка и експертска јавност, без никаква намера да завлегува и во прашањето дали има или нема „закана за руски напади и окупација на делови на европската територија, по завршувањето на војната во Украина“, како што е актуелното становиште на челниците на ЕУ и премиерите и претседателите на водечките европски држави.

Патриотите за Европа подготвуваат поднесување иницијатива во Европскиот парламент за измена во планот на ЕУ „Повторно да ја вооружиме
Европа“!

Со своето прашање (издвоено во поднасловот на текстот), Петра Штегер поправо одразува поширок став на Патриоти за Европа, која е трета по големина парламентарна група во Европскиот парламент со 86 пратеници од 14 земји. Имено, на 31 март информативниот портал „Сино“ објави дека италијанската владејачка партија Лега сака да ѝ предложи на групата Патриоти за Европа, на која ѝ припаѓа, поднесување иницијатива за измена на планот на Комисијата на ЕУ за повторно вооружување на Европа („Rearm Europe“).
– Граѓаните на Европа заслужуваат инвестиции во работните места, здравството и внатрешната безбедност. Не се неопходни мегаинвестиции за купување оружје, ниту план за повторно вооружување, за кој се верува дека ќе биде мртов – соопшти владејачката италијанска партија Лега во неделата. Тие се надеваат на широка расправа во Европскиот парламент во врска со нивната инцијатива. Сепак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сака да ја избегне оваа расправа по секоја цена, се вели во соопштението за печатот на Лега. Лега, предводена од вицепремиерот Матео Салвини, се противи на планот за повторно вооружување, но италијанската партија Форца Италија, предводена од министерот за надворешни работи Антонио Тајани, ѝ е сојузник на Урсула фон дер Лаејн – објави порталот „Сино“.

Германските разузнавачи од БНД алармираат дека „Путин се подготвува за војна со Европа“, САД и Русија демантираат

Навистина, зошто на Брисел и на европските елити им е потребно лиферување на информациите дека „се подготвува агресија на Европа од страна на Русија“, кога нивниот стратегиски НАТО-партнер – САД, ги демантира и ги одбива ваквите станoвишта како неточни?! Зошто на Европа ѝ се потребни вакви фингирани „одбранбени планови“ и планови за огромно вооружување и огромни издатоци за таа намена? И дали најпосле Брисел и Европската комисија, но и водечките европски држави, заради одредени свои политички причини, првин донесуваат (неосновани) „одбранбени одлуки“ во врска со некој потенцијален „реален“ агресор кон Европа, а потоа вршат манипулативен притисок врз нивните безбедносни, разузнавачки и други служби како знаат и умеат за да „изнајдат“ „оперативни сознанија“, за да ги поткрепат и да ги „аргументираат“ споменатите „одбранбени одлуки“, заради постигнување одредени политички цели на Брисел. За издвојување е дека американските безбедносно-разузнавачки служби јасно укажуваат дека нема сознанија што би ги потврдиле тврдењата на ЕУ и европските држави во врска со Русија и Путин.
Американскиот дипломат Стивен Виткоф, во својство на специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, во средината на минатиот месец во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека „рускиот претседател Владимир Путин не планира да ја нападне Европа“.
– Не сметам дека Путин има желба да ја преземе цела Европа, од кои речиси сите се членки на НАТО – нагласи Виткоф во тоа интервју.
Хрватскиот аналитички геополитички медиум „Геополитика“ во напис со наслов „Германски разузнавачи: Русија се подготвува за војна со Европа“, објавена на 2 април 2025 година, пишува дека „наодите од германското воено разузнавање ги наведоа европските претставници да веруваат дека Русија се подготвува за голема војна со НАТО и европските држави“.
Во извештајот на германското воено разузнавање се тврди дека Путин планира „да употреби воена сила, за да ги постигне своите империјалистички цели“, тврдејќи дека „руската инвазија на Украина во 2022 година беше само првиот чекор во движењата против цела Европа“.
Балтичките соседи на Русија не се целосно убедени во сегашните способности на Русија да води војна против НАТО. Меѓутоа, литванската Специјална служба (ВСД) смета дека Русија е способна да спроведе ограничена воена акција против една или повеќе земји на НАТО. Германската Сојузна разузнавачка служба (БНД) тврди дека Путин планира да тестира колку земјите од НАТО сериозно ќе ја сфатат својата обврска да дадат помош според членот 5 од Договорот за НАТО, особено во итни ситуации, објави германската новинска агенција „Билд“.
Наводите за напад на Европа се во спротивност со она што го кажува администрацијата на Трамп, а и самата Москва зборува за неоснована европска „паника“, пишува во споменатиот текст објавен во медиумот „Геополитика“.
– Она што го велат за нас дека планираме да ја нападнеме Европа, по Украина, е целосна глупост, заплашување на сопственото население, само со цел да се исцедат пари од него, од сопствениот народ, особено сега во време кога им опаѓаат економијата и животниот стандард – излезе во јавноста со изјава и рускиот претседател Путин.

Проф. д-р Цане Мојановски: Политички се „присвојуваат“ разузнавачките и безбедносните институции за да се оправдуваат државните трошоци

Во изјавата за „Нова Македонија“ пензионираниот професор од Факултетот за безбедност д-р Цане Мојановски укажува дека има многу примери кога политичките, најчесто партиските елити, кога се во позиција да бидат носители на високи државни функционери во институциите на власта, ги „присвојуваат разузнавачките и безбедносните институции“ заради тесни партиски, групни, бизнис или други лукративни интереси.
– Таквата употреба на разузнавачките и безбедносни институции и служби е на штета на демократијата, човековите слободи и права, безбедноста на граѓаните, довербата во институциите. Секогаш кога во определена земја или регион се менуваат политиките, особено во областа на одбраната и се преземаат активности за градење сопствени одбранбени структури, кај водечките сили на определена земја се наметнува потребата од сознанија што ќе ја оправдаат таквата политика. И така би можеле да се гледаат пласираните разузнавачко-безбедносни информации во определени земји. Сега кога се најавуваат определени поместувања во одбранбената филозофија на евроатлантската асоцијација (НАТО), на еден значителен дел од даночните обврзници има потреба да им се даде до знаење дека значителните вложувања во одбранбено-безбедносните институции, а од таму и даночното оптоварување, што треба да го понесат граѓаните е и заради „растечката опасност“, до која на некој начин можат да дојдат разузнавачко-безбедносните структури – оценува проф. д-р Цане Мојановски.

Свето Тоевски