фото: Маја Јаневска-Илиева

Станува збор за наоди од деветмесечен мониторинг на штетните наративи на политичките партии и како тие се пренесуваат на телевизија и во онлајн медиумите. Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања, имајќи предвид дека наесен следуваат локални избори

Собраниска презентација за деветмесечното истражување на Институтот за комуникациски студи (ИКС) во врска со сеприсутните штетни политички наративи во јавноста

Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази е еден од заклучоците од презентацијата на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ пред пратениците, која ја организираше Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието на Македонија.
Станува збор за наоди од деветмесечен мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на телевизија и во онлајн медиумите. Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања, имајќи предвид дека наесен следуваат локални избори.
Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов, истакна дека одговорноста е поголема кај политичарите што спротивставените ставови треба да ги бранат со аргументи, а не со говор на омраза.
– Добро е да се разговара, сметам дека има определени центри и индивидуалци што го спуштаат долниот праг на пристојната комуникација. Секој пратеник, министер има право да избере на кој начин ќе ја води политичката комуникација, но долните граници треба да се почитуваат – истакна Пренџов.
Оваа дискусија е повик за одговорност, особено кога се приближуваме до нов изборен циклус, како што нагласи Бојан Георгиевски, член на истражувачкиот тим на ИКС. Според него, новото во оваа тема е што овие наративи сега, за разлика од порано, се шират побрзо, се појавуваат во посуптилни и пософистицирани форми и сѐ потешко се препознаваат – како за граѓаните така и за институциите.

Елеонора Серафимовска, членка на истражувачкиот тим, детално ги претстави клучните наоди за прекршување на стандардите за етична политичка комуникација и ги посочи најчесто застапените штетни наративи во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери: поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби.
Таа укажа на огромниот потенцијал на овие наративи да предизвикаат штета во многу сфери, истакнувајќи дека тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги, а поривот да се пласираат е да се заострат поделбите и поларизацијата во општеството по национална, верска, а пред сè политичка основа.
– Истражувањето е значаен инструмент за воспоставување етички критериуми, кои нема да бидат само на хартија, туку прв чекор во градење еден позрел демократски капацитет на институциите – рече пратеничката Марија Петрушевска.
Од друга страна, пратеникот Реџеп Исмаил изрази несогласување со наодите од истражувањето, потенцирајќи дека реториката што се употребува ја одразува реалноста и не може, ниту пак треба, да се преземат чекори за намалување на штетните наративи.
Учесниците во дебатата се согласија дека политичарите имаат многу поголеми можности за меѓусебна размена на ставови и усогласување од граѓаните, поради што носат и зголемена одговорност за тонот на јавната комуникација. Тие потенцираа дека употребата на говор полн со навреди и емоционални манипулации има директно влијание врз порастот на насилството во општеството – од фемицид до врсничко насилство.
Затоа, беше упатен повик за зголемена свесност кај политичарите за последиците од јавно изречениот збор, за промена на личното однесување и за промоција на дискурс што вклучува почит и аргументираност. Само преку таков пристап може да се обезбеди инклузивна и праведна јавна сфера, ослободена од реторика што продлабочува поделби и поттикнува насилство. Н.М.