Кисела Вода
Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место Покрсти, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје. Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата Покрсти добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активности за уредување плоштад, велосипедски патеки и поставување урбана опрема – клупи, канти за отпадоци и други содржини што ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката Покрсти секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката што се протега во должина од над осум километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност во текот на целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам.
– Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да ја направиме достапна и пријатна за сите –спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.