Преговорите на МОН со СОНК сѐ уште се во тек
Се очекува поголем буџет за образование и за наука в година и наскоро постигнување договор со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и покачување на платите на наставниците, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Министерката посочи дека МОН дискутира со Министерството за финансии за поголем буџет за идната година, за кога, како што најави, е предвидено зголемување и на средствата за наука, пред сѐ за научните институции.
– Се работи на правилникот, се надевам дека тоа ќе биде по изработени проекти, за дополнителни стипендии за постдипломски и докторски студии со објавување научни проекти, кои во минатото ги немаше, а од идната година ги предвидуваме, така што средствата за наука ќе се зголемуваат, а ќе се зголеми и севкупниот буџет на Министерството за образование и наука – рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Министерката Јаневска кажа дека преговорите со СОНК се во тек и оти очекува за релативно кратко време да биде постигнат сериозен договор, најавувајќи дека постојат реални можности наставниците да добијат покачување на платите годинава.
Таа соопшти и дека МОН прави анализи како да продолжи градењето на објектите за ФИНКИ и за Факултетот за физичка култура во близината на Ректоратот на УКИМ. Н.М.