Авторски текст на унгарскиот премиер Виктор Орбан во пресрет на самитот на Северноатлантската алијанса
– Целта за која беше создадено НАТО е да обезбеди мир во интерес на стабилен економски, политички и културен развој. НАТО ја исполнува својата цел кога ќе добие мир, а не војна. Ако избере конфликт наместо соработка и војна наместо мир, тоа ќе биде самоубиство, пишува унгарскиот премиер Виктор Орбан во својот авторски текст за американскиот магазин „Њузвик“, објавен во пресрет на самитот на НАТО во Вашингтон, кој почнува утре. Во продолжение интегрално го пренесуваме написот во кој унгарскиот премиер ги изразува своите ставови за Северноатлантската алијанса
– Денес НАТО е убедливо најмоќниот воен сојуз во светот, како во однос на вложувањето во одбраната така и во однос на воените способности. Унгарија, како што видовме, постигнува резултати над очекувањата во развојот на своите одбранбени способности, учеството во мисиите и во развивањето на своите воени сили. Но кога станува збор за иднината на НАТО, не сме во целосна согласност со мнозинството земји членки. Денес сè повеќе гласови во НАТО ја потврдуваат неопходноста, па дури и неизбежноста, од воена конфронтација со другите светски геополитички центри на моќ, нагласува Орбан
Виктор Орбан,
унгарски премиер
НАТО се наближува до пресуден момент. Вреди да се потсетиме дека најуспешниот воен сојуз во светската историја почна како мировен проект, а неговиот иден успех зависи од неговата способност да го одржува мирот. Но денес, наместо мир, на дневен ред е потрагата по војна, a наместо одбрана, напад. Сето ова е спротивно на основачките вредности на НАТО. Историското искуство на Унгарија е дека таквите трансформации никогаш не водат во добра насока. Задачата денес треба да биде да се зачува сојузот како мировен проект.
Во оние пригоди кога треба да дадеме изјави за НАТО, ние Унгарците сме во посебна позиција. Со нашето пристапување во НАТО, дојде до тоа Унгарија доброволно да се приклучи на воен сојуз, првпат по неколку века. Значењето на нашето членство станува јасно, земајќи ја предвид историјата на Унгарија.
Историјата на Унгарија од 20 век е исто така, за жал, историја на порази во војни. Нашето колективно искуство е од војните што периодично се водат во рамките на системите на Алијансата, во кои првично не сакавме да бидеме дел, а кои беа воспоставени со идеја за некаков облик на освојување – или барем со некоја експлицитна милитаристичка цел. Колку и да се трудевме да останеме настрана од двете светски војни и колку и да се обидувавме жестоко да ги предупредиме земјите со кои бевме принудени на сојузи, секоја пригода носеше пораз, што речиси ја избриша Унгарија од лицето на Земјата.
Иако најлошото не се случи, сепак, нашите загуби беа колосални. Овие војни ја оставија Унгарија без контрола врз нејзината иднина. По 1945 година станавме неволен дел од советскиот блок, а со тоа и од Варшавскиот пакт: тогашниот воен сојуз на источниот блок. Унгарците протестираа со сите сили. Дадовме сѐ од себе за да дојде до пад на Варшавскиот пакт. Во 1956 година нашата револуција го заби првиот клинец во ковчегот на комунизмот; и, бидејќи тој систем конечно беше отфрлен, нашиот тогашен премиер беше првиот лидер во поранешниот источен блок, кој изјави (во Москва!) дека Варшавскиот пакт мора да се распушти. Другото е историја. Воениот сојуз што ни беше наметнат речиси веднаш се распадна, а само неколку дена по тој познат состанок во Москва, унгарскиот министер за надворешни работи беше во Брисел, каде што преговараше за отпочнување на нашиот процес за пристапување во НАТО.
Кога унгарската нација влезе во НАТО, таа претходно долго време не беше доброволна членка на воен сојуз – можеби дури петстотини години. Важноста на оваа околност не може да се нагласи доволно. Покрај нашата природна желба да се ослободиме од советската доминација и да се приклучиме на Западот, посебен фактор ни го направи НАТО привлечен: конечно се приклучивме на воениот сојуз што не беше посветен на водење војна, туку на одржување на мирот, не на офанзивно проширување, туку на сопствената и меѓусебна одбрана. Од унгарска перспектива не можевме да посакаме ништо подобро.
Сè уште го заземаме овој став и досега никогаш немало околност што го довела во прашање. Сепак, вреди накратко да се осврнеме на тоа зошто пред 25 години во НАТО ја видовме нашата гаранција за мир и одбрана. Во втората половина на 20 век, Унгарија беше отсечена од својата природна цивилизациска средина – Западот – и всушност од цела Европа. Би било добро да се потсетиме на зборовите на американскиот претседател Хари С. Труман, кој, по основањето на Алијансата, ја сумираше нејзината суштина во следните зборови: Во овој пакт, се надеваме дека ќе создадеме штит против агресијата и стравот од агресија – бедем што ќе ни овозможи да продолжиме со вистинската работа на владите и општеството, односно со работата за постигнување поисполнет и посреќен живот за сите наши граѓани.
Зборовите на претседателот Труман се совпаднаа со аспирациите на унгарската историја – мирот. Читајќи ги денес, јасно е дека концептот на НАТО беше категорично воен сојуз за одбрана. Неговата примарна задача беше да создаде геополитичка средина во која членките на Алијансата меѓусебно ќе се бранат. Ова не е само безбедносна гаранција, туку и конкурентна предност. Меѓусебните гаранции ѝ овозможуваат на секоја земја членка да ги насочи своите ресурси кон економскиот развој, наместо на одбегнување на воените закани. Но имаше уште еден важен елемент во говорот на претседателот Труман: НАТО обезбедува не само одбрана и одвраќање туку и ги смирува надворешните актери.
Гледајќи наназад 25 години, можам со сигурност да кажам дека она што конечно ги убеди Унгарците да се приклучат – покрај општата желба за интеграција како дел од Западот – беше ветувањето на НАТО за мир. Пред 25 години, на 16 септември 1999 година, како премиер бев присутен кога беше подигнато унгарското знаме во седиштето на НАТО во Брисел. Еве како сумирав што значи за нас приклучувањето кон најголемиот воен сојуз во светот: „За Унгарија, влезот во НАТО значи и мир. Па, за да се води војна, дури и успешно, сѐ што ви треба се непријатели; но, за да создадете траен мир во овој дел од светот, е невозможно без сојузници“. Оттогаш внимателно го следам развојот на визијата на Алијансата за иднината и начинот на кој Унгарија ги исполнува обврските што ги презеде кога се приклучи. Тоа го направив, не само поради општо чувство на политичка одговорност за Унгарија туку и како резултат на моите лични сеќавања и директна вклученост.
Чувството за чест и јасното разбирање на нејзиниот личен интерес диктираат дека кога една земја доброволно се приклучува на воен сојуз, нејзината минимална обврска е да ги исполни своите задолженија кон тој сојуз. Ова не е само затоа што првичната цел на НАТО – да гарантира мир, бара сила, решителност и искуство. А Унгарија направи сѐ за да ја зголеми својата сила, да ја покаже својата решителност и да стекне искуство во одржувањето на мирот. Така, заедно со нашите НАТО-сојузници, учествувавме во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што Унгарија беше првата од најновите примени членки што презеде национална улога на лидер на тим за реконструкција. Ние сме учесник во Меѓународната мировна мисија во Косово – КФОР, уште од првиот ден во 1999 година, а Унгарија е четвртиот најголем придонесувач во таа мисија, во однос на силите на теренот. Покрај тоа, Унгарија обезбедува воздушна одбрана за два други сојузници од НАТО – Словачка и Словенија, и на ротациона основа, за балтичките земји. Ние, исто така, сме домаќини на Централноевропскиот штаб на мултинационалниот дивизиски центар, клучен елемент на системот за воена соработка, кој е дел од источното крило на НАТО.
И Унгарија е на став дека покрај учеството во мисиите, можеме да бараме солидарност од другите земји членки на НАТО за да можеме да се одбраниме. Ова е основно прашање за суверенитетот. Со цел да се обноват одбранбените капацитети на Унгарија, нашите трошоци за одбрана во 2023 година веќе беа два отсто од БДП, во согласност со обврските што ги презедовме на самитот на НАТО во Велс, претходната година. До самитот на НАТО во Вашингтон во јули, покрај Унгарија, се очекува две третини од земјите членки да го исполнат ова барање. Во 2016 година Унгарија, исто така, почна сеопфатна програма за модернизација на силите, а ние за развој на силите трошиме 48 отсто од буџетот за одбрана, што е повеќе од двојно од барањата на НАТО. Ова нѐ направи една од 10-те земји членки со најдобри резултати. Ја купуваме најсовремената опрема за унгарските одбранбени сили. Нашите војници веќе користат тенкови „леопард“, нови хеликоптери „ербас“ и оклопни возила „линкс“ и „гидран“, а набавивме и единици на системот за воздушна одбрана НАСАМС. Благодарение и на организациската модернизација што се одвива паралелно со аквизициите, унгарските одбранбени сили се подигнати од борбено на оперативно ниво.
Во тек е и обновата на унгарската одбранбена индустрија. Војната во Украина покажа дека европските земји членки на НАТО се соочуваат со сериозен недостиг од воено-индустриски капацитет. Развојот на нашата одбранбена индустрија почна долго пред избувнувањето на војната, како дел од плановите за економски развој на Унгарија, но оттогаш стана клучен фактор за идната позиција на НАТО. Одбранбената индустрија на Унгарија се фокусира на шест приоритетни сектори: производство на борбени и други воени возила, производство на муниција и експлозиви, радио и сателитски комуникациски системи, радарски системи, производство на малокалибарско оружје и минофрлачи, како и на воздушната индустрија и развојот на беспилотни летала.
Зајакнувањето на унгарските вооружени сили и одбранбената индустрија е од корист, не само на Унгарија туку и на НАТО како целина. Унгарија е сојузник, кој, покрај тоа што е лојален партнер, е подготвен активно да соработува со другите членки на Алијансата, за да ги постигне своите цели за зачувување на мирот и за обезбедување предвидлив развој.
Денес НАТО е убедливо најмоќниот воен сојуз во светот, како во однос на вложувањето во одбраната така и во однос на воените способности. Унгарија, како што видовме, постигнува резултати над очекувањата во развојот на своите одбранбени способности, учеството во мисиите и развивањето на своите воени сили. Но кога станува збор за иднината на НАТО, не сме во целосна согласност со мнозинството земји членки. Денес сè повеќе гласови во НАТО ја потврдуваат неопходноста, па дури и неизбежноста, од воена конфронтација со другите светски геополитички центри на моќ. Оваа перцепција за неизбежна конфронтација функционира како самоисполнувачко пророштво. Колку повеќе лидерите на НАТО веруваат дека конфликтот е неизбежен, толку поголема ќе биде нивната улога во неговото забрзување.
Денес, самоисполнувачката природа на ова пророштво за конфронтација станува сè поочигледна, со веста дека почнале подготовките за можна операција на НАТО во Украина – па дури и извештаите дека војниците од земјите членки на НАТО веќе се во близина на украинскиот фронт. Меѓутоа, за среќа, Унгарија постигна важен договор со НАТО, признавајќи ја нашата суштинска улога во Алијансата, а истовремено ослободувајќи нѐ од напорите на Алијансата за директна поддршка во Украина, без разлика дали се воени или финансиски. Како мирољубива нација, го разбираме НАТО како одбранбен сојуз, што овој договор помага да се обезбеди. Оние што се залагаат за конфронтација вообичаено ги базираат своите аргументи на воената супериорност на НАТО и западниот свет.
Големиот историчар Арнолд Тојнби тврдеше дека „цивилизациите умираат од самоубиство, а не од убиство“. Како најсилниот воен сојуз што светот некогаш го видел, не треба да се плашиме од пораз од кој било надворешен непријател. Ако воопшто има разум, надворешниот непријател нема да се осмели да нападне ниту една земја членка на НАТО. Но треба многу да се плашиме од сопственото отфрлање на вредностите што го родиле нашиот сојуз. Целта за која беше создадено НАТО е да обезбеди мир во интерес на стабилен економски, политички и културен развој. НАТО ја исполнува својата цел кога ќе добие мир, а не војна. Ако избере конфликт наместо соработка и војна наместо мир, тоа ќе биде самоубиство.
Секако дека е обврска на секоја земја членка да донесе нови сознанија заедно со сопствениот поглед на светот и искуство; но овие погледи се информирани од различните искуства на различни земји. Така, еднообразното искуство на западните земји е искуство на победа – тие последователно ги добија војните од минатите векови. Кога станува збор за војна или мир, не е ни чудо што тие се помалку претпазливи. Но унгарското историско искуство вели дека кога воениот сојуз се менува од фокусирање на одбрана во фокусирање на напад, од избегнување конфликт во барање конфликт, тој оди кон пораз. Тоа е она што ни се случи нам, Унгарците, со сојузничките системи што ни беа наметнати во текот на 20 век. Тие сојузнички системи ги фаворизираа конфликтите и војните, а во војната целосно потфрлија. Спротивно на тоа, од самиот почеток НАТО постоеше како одбранбен сојуз. Затоа наша задача е да го зачуваме такво како што беше создадено, да биде мировен проект.