Темелите на договорот за наоѓање излез од војната во Украина се на маса: претседателот на САД, Доналд Трамп, им го презентира тоа на Европејците и на Зеленски. Лидерите на Стариот Континент со своите вербални настапи и фацијални експресии го одобруваат планот на Трамп, но со одредени постапки тие покажуваат дека не го делат оптимизмот на американскиот претседател
Во фокус средбата помеѓу претседателите Трамп и Зеленски и европските лидери во Белата куќа
Кога би требало да го сумираме овој историски ден, би можеле дури и вака: Мапата и територијата! Звучи како наслов на роман, но, гледано од Вашингтон, навистина е фотографија објавена од придружбата на американскиот претседател Доналд Трамп. Во центарот на оваа фотографија во црно-бело, која очигледно ја нагласува важноста на моментот, се Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски, сами во Овалната соба на Белата куќа.
Тие се во длабока дискусија пред карта на која е прикажана украинска територија, каде што областите под руска воена контрола можат да се видат на истокот од земјата, во проценти. Според „Волстрит журнал“, самиот Трамп му ја покажал оваа мапа на Зеленски за директно да се осврне на прашањето за териториите, што довело до необична размена. „Добра мапа е!“, воскликна жителот на Белата куќа. „Да, и размислувам како да го вратам тоа!“, одговори Зеленски на шега. На што, со излив на смеа, заклучи Трамп: „Ќе најдеме начин!“ Зеленски зборуваше за отпорот на украинската армија пред Трамп, со мапа во рака, што можеби успеа да го ублажи ударот од средбата на Трамп со Путин.
Среде средбата со европските лидери, пак, Трамп го зеде телефонот и предложи средба очи в очи на рускиот претседател со Зеленски за неколку дена, можеби за две недели. Американскиот претседател верува дека за идејата за примирје треба да се дискутира директно меѓу двајцата противници, со цел да се подготват условите за иден троен самит помеѓу САД, Украина и Русија.
Европејците плаќаат голем цех за присуство на преговарачката маса
„Тие освоија поени, загубија пердуви“, се наведува во коментарот на францускиот јавен сервис „Франс интер“. Лидерите на Стариот Континент се заложија за сето ова за помалку од 48 часа по самитот во Алјаска, а потоа ги осигурија безбедносните гаранции како централно прашање во разговорите со САД во замена за огромна инвестиција во американска воена опрема за Украина, финансирана од Европејците, што е загуба за Европејците.
Зеленски зборуваше за договор од 90 милијарди долари, бидејќи на Украина ѝ е потребна робусна армија за да се спротивстави на намерите на Русија за продолжување на воените офанзиви, со солидна заштита во заднина – онаа на Европејците, поддржана од Американците. Сето ова на крајот ја зголемува зависноста на Европејците од Вашингтон. Сметката е висока, но тоа е цената што ја постави Трамп за враќање на преговарачката маса.
Европските коментатори даваат одговор и на прашањето какви воени средства би биле подготвени да употребат Американците доколку Москва го прекрши прекинот на огнот и дали Европејците, во екстремен случај, би отишле дотаму што би се соочиле со руската армија на бојното поле. Тие велат дека „очигледно, сè уште не сме таму, но ова сценарио, дури и хипотетички, неизбежно ќе биде разгледано. Затоа што Европејците не веруваат во дадениот збор на Путин и сметаат оти само веродостојна рамнотежа на моќ би го принудила рускиот претседател да ги почитува своите обврски“.
– Русија трајно стана дестабилизирачка сила и потенцијална закана за многумина од нас. Од 2007-2008 година, претседателот Путин ретко ги одржуваше своите ветувања и се обидуваше да ги преиспита границите за да ја прошири својата моќ – предупреди францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ги Европејците „да не бидат наивни“ во врска со Русија, во интервју за француската телевизија ЛЦИ по состанокот во Вашингтон.
Макрон, во друго интервју за американската мрежа „Ен-би-си њуз“, не го криеше фактот дека не го дели оптимизмот на Трамп за постигнување мировен договор.
– Кога ги гледам ситуацијата и фактите, не гледам дека претседателот Путин сака мир во моментов, но можеби сум премногу песимист – истакна Макрон.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција