Неподготвеноста да се анализираат, синтетизираат, предвидат и менаџираат разните ситуации и предизвици во општеството од страна на носителите на власта говори дека државата во целост станува нефункционална и неподготвена за реакција, и тоа од најниските организациски сегменти, почнувајќи од различни тела, агенции, дирекции и слично, до врвот на пирамидата. Граѓаните го констатираат тоа едноставно низ примери од животот: нема доволно возила за итна помош кога треба да се спаси живот, нема лекови и вакцини по болниците, нема учебници кога треба да почне учебната година, не се исчистени каналите кога има врнежлив период, нема авиони кога треба да се гаси пожар…
Граѓаните со апел за прекин на доскорашните практики на неодговорно однесување во сите сегменти
Секоја сериозна држава однапред ги предвидува и проектира решенијата за потенцијалните предизвици со кои би се соочила во периодот што е пред неа, а навремената реакција е клучна за да не се доведе во ситуација да нема одговор на каква било ситуација што би ја загрозила државата, како и интересите, а во некои случаи дури и животите на нејзините граѓани.
За такво нешто на чело на земјата секогаш треба да бидат луѓе со визија, кои во секој момент ќе имаат подготвено соодветен одговор од една, две, па понекогаш и три алтернативи, наместо безидејност и празната флоскула дека нема друга алтернатива. Неспособноста да се предвидат ситуациите однапред доведе до тоа земјава да се најде во подредена ситуација, како во Договорот за пријателство и соработка со Бугарија така и во Спогодбата со Грција, но и со Европската Унија, која наметна неевропска преговарачка рамка, а Македонија прифати.
Неподготвеноста да се предвидат ситуациите во високата политика говори дека истата неподготвеност е трансферирана и по трансферзала, односно и во најниските организациски сегменти во државата, почнувајќи од различни тела, агенции, дирекции и слично. Затоа нема авиони кога треба да се гаси пожар, нема доволно возила за итна помош кога треба да се спаси живот, нема лекови и вакцини по болниците, нема учебници кога треба да почне учебната година, не се исчистени каналите кога има врнежлив период…
Уште колку ѕидови треба да паднат за некој да заклучи дека работите не функционираат како што треба
Секоја ситуација бара решителен одговор што би бил подготвуван многу порано, односно воспоставување систем на меѓусебно поврзани механизми што би дејствувале во спрега и би превенирале секакви ризични состојби.
Имено, јавноста со денови е обременета со проблемот на потпорниот ѕид над Детската клиника во Скопје, почнувајќи од тоа под чија надлежност е ѕидот, па одејќи дотаму кој треба да го санира за да не дојде до целосно уривање и загрозување на животите на граѓаните што секојдневно се движат таму. Но сето ова немаше да се случи доколку некој имаше проекција дека бетонот што го држи ѕидот е стар, дека потегот над Клиниката е натежнат со енормно многу нови високи згради и дека над него минува улица преку која секојдневно транзитираат огромен број возила со различен габарит, пренесувајќи постојани вибрации врз ѕидот. Да имаше барем малку предвидливост кај надлежните, кои и да се во овој случај, тогаш уште претходно стариот ѕид ќе беше урнат и ќе беше изграден нов, цврст ѕид. А такви дотраени ѕидови постојат на многу места.
Уште пред официјалното календарско пристигнување на летото, Македонија веќе се соочи со два топлотни брана во кои температурите во некои делови се доближија до 40 Целзиусови степени, а прогнозите на метеоролозите за следниот период се дека температурите ќе одат уште повисоко. Од безбедносен аспект, тоа значи потенцијално зголемување на бројот на повици до итната помош поради сериозно загрозување на здравјето на луѓето, особено кај постарата популација, но ризик има и за имотите на граѓаните, имајќи предвид дека со растот на температурите расте и ризикот од пожари.
Без оглед што земјава секоја година се соочува со идентична ситуација, навремен одговор никогаш нема. Бројот на возила на итната помош е мал, здравствените установи низ земјава се целосно запустени и без доволен кадар, сите случаи се препраќаат во Скопје, каде што Клиничкиот центар не може да одговори онака како што треба.
Високите температури висок ризик од пожар
Расте ризикот и од пожарите, а на овој план повторно нема мерки на предвидливост и заштита. Ако пред десетина години беа набавени „ер трактори“ како алатка за гасење пожари од воздух, години потоа тие беа оставени без одржување, речиси сите беа надвор од функција, а Македонија беше пеплосана од голем број шумски пожари, кои нанесоа ненадоместливи штети врз шумскиот фонд.
Под констатнтен притисок на јавноста, за што „Нова Македонија“ во континуитет и алармира и потсетува што треба да се направи за заштита од пожари, надлежните конечно ги доведоа во кондиција авионите, но сега нема пилоти што ќе ги управуваат, бидејќи старите заминале во пензија, а нови нема обучено.
– Колку што ми е мене познато, „ер тракторите“ сега се исправни, но не можат да бидат оперативни зашто во моментов, во државата, немаме вработени пилоти за нивно управување – одговора државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи, Драги Тарчуговски.
Горан Стојановски, раководител на Секторот за операции и координации во Центарот за управување со кризи, рече дека летово за пожари имаат на располагање три хеликоптери од МВР и еден од армијата.
– Ни остануваат на располагање три хеликоптери од МВР и еден хеликоптер од армијата на Република Македонија, интервентен, затоа што тој е оперативен, меѓутоа кога ќе имаме такви ситуации, ќе може да го користиме секако. Во четвртокот добивме известување од страна на „Национални шуми“ дека практично поради немање финансиски средства во буџетот, тие немаат во моментот финансиски средства ниту за полнење на возилата со гориво, а камоли да излезат и да можат да интервенираат во согласност со оперативните планови со кои располагаат. Така што останува да се потпираме исклучиво на Бригадата и ТППЕ-единиците што ги имаме во рамките на општините, како и доброволните противпожарни друштва, како и МВР – посочи Стојановски.
Обајцата се согласија дека поради високите температури веруваат оти и летово ќе имаме пожари на отворен простор.
Нема ниту систем ниту план
Апсурдноста на целата ситуација говори дека во земјава едноставно не постои план како сите служби да бидат навремено опремени, екипирани и подготвени да реагираат, а причините за таквата неажурност мора да се бараат во системот на неодговорност воспоставуван со години. Што и да се случувало, никој не преземал одговорност, никој не бил казнет, а да биде трагедијата уште поголема, идентичните сценарија се повторуваат од година на година.
– Кога со години ќе го руинираш системот што подразбира на одговорни позиции да се поставуваат стручни и квалитетни луѓе, а кога на сето тоа ќе се додадат и непреземањето одговорност и неказнивоста без оглед што и да се случи, тогаш е доловена комплетната слика зошто работите во државата се такви какви што се. Имаме период во кој се очекуваат пожари, ние немаме функционални авиони за гаснење или, еве, како сега, немаме пилоти. Пожарникарските возила се дотраени, од „Македонски шуми“ немаат гориво за возилата да излезат на терен по потреба, учениците ни започнуваат учебна година без учебници, на крајот немаат свидетелства. Се случија неколку несреќи со трагични последици во државата, а старите практики и натаму продолжуваат. Никој за ништо не презема одговорност, никој не предвидува што треба да направи за да може ефикасно да се справи со предизвиците. Мора да ги предвидиме последиците, за да ги превенираме причините што утре би довеле до такви последици. За тоа се потребни стручни луѓе, кои околу себе ќе соберат способни тимови и кои ќе воспостават рутина во работењето. Пред сезоната на пожари, да биде сѐ во готовност, авиони, луѓе, камиони. Пред сезоните на поплави, исто така. Исчистени канали, проширени корита на критичните места, зајакнати насипи и слично, регрутирани спасувачки тимови. Нема никаква филозофија, само треба сериозен пристап и работа – велат познавачите на состојбите.
Според нив, апсурдно е да се направи таков пропуст сега да констатираме дека немаме пилоти за „ер тракторите“.
– Значи некој и претходно знаел дека луѓето се пред пензија, дека треба да се ангажираат и обучат нови пилоти уште пред неколку години. Нели со Грција потпишавме договор за соработка, зошто таму не пратија луѓе на обука? Од друга страна, ја наполнија Контролата на летање со еден куп партиски послушници, кои земаат огромни плати, а ништо не работат. Наместо да се обучат пилоти, ние плаќаме за партиски луѓе, кои уште и предизвикуваат инциденти и се тепаат – посочуваат соговорниците.
Тие сметаат дека поразителниот факт дека немаме пилоти за авионите за гаснење пожар е одраз на севкупната состојба во државата.
– Мора да се врати мерит-системот за секоја функција. Сите треба да подготват планови за работа однапред, во секој момент да се знае што е на ред и што треба да се прави, за да не останеме затечени од некои состојби. Утре ако, не дај боже, избувне пожар и бидат засегнати населени места, кој ќе биде одговорен? Тие граѓани плаќаат даноци, така што очекуваат од државата да ги заштити кога се загрозени, а не да им продава приказни дека немале пилоти и затоа не им ги спасиле нивата, автомобилот, куќата – посочуваат соговорниците.
Нивната паралела оди дотаму што сметаат дека овој патерн на однесување се пренесува на сите нивоа.
– Ако имавме добар тим и стручни луѓе и кога преговаравме со Бугарија и со Грција, немаше да ни се случат таквите асиметрични договори. Да имаше некој од тие преговарачи барем малку визија, ќе заклучеше дека и натаму постои ризикот повторно да бидеме изиграни, па можеше во Преспанската спогодба да стават една заштитна точка, дека ако Македонија од моментот на потпишување на Преспанската спогодба за седум години не стане членка на ЕУ, тогаш спогодбата станува ништовна. Исто е и со Бугарија, исто е и со францускиот предлог. Предвидливоста е клучна за да не се соочиме со предизвици што ќе ја втурнат државата во хаос – констатираат соговорниците.
Време е за стручни и способни луѓе што нудат решенија
Несомнено, во Македонија се воспостави систем на неодговорно однесување и ќе бидат потребни време и многу енергија таквиот систем целосно да се разобличи и демонтира. Тоа значи за новата, но и за секоја идна влада, да ги имплементира европските искуства кога станува збор за превенција. Од друга страна, тоа значи и одговорност на оние што се задолжени да ги спроведуваат таквите мерки, а не криење и забошотување на потфрлањата.
Тоа подразбира тие луѓе за својата стручност да бидат добро платени, да бидат мотивирани да покажуваат резултати и тоа да им биде препорака за уште поодговорни функции во иднина. Лесно е само да земаш висока плата, а притоа да не се појавуваш на работа, да немаш никаква одговорност и потоа да си заминеш од функцијата без да одговараш за штетите што си ги предизвикал. Тие времиња мора да завршат. Кој си ја сака својата држава и сака да направи нешто добро за неа и нејзините граѓани, а е стручен и докажан во одредена област, треба да биде ангажиран врз основа на стручноста, а не партиската подобност. Доста е веќе со полнење на институциите со лепачи на плакати. Крајно време е да воспоставиме мудри и предвидливи политики преку кои никогаш во иднина нема да бидеме изненадени од ниту една состојба, туку подготвено ќе го пречекаме секој предизвик. Така се гради силна држава.