Илустрација: „Нова Македонија“

Два концепта на САД за завршување на руско-украинскиот конфликт

  • Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, изјави во јавноста дека сериозно треба да се разгледа идејата за поделба на Украина на зони на контрола меѓу европските земји и Русија, по моделот на повоениот Берлин и Германија, додавајќи дека тоа е една опција за замрзнување на конфликтот
  • Наспроти него, вториот концепт за завршување на руско-украинскиот конфликт е на помошникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, чиј став е дека „најбрзиот и ефикасен начин да се постигне прекин на огнот во Украина е да се поддржи стратегија што би ѝ ги дала на Русија четирите источноукраински региони“

Деновиве во јавноста, во два реномирани светски медиума, „Тајмс“ и Ројтерс“, беа публикувани два концепта што сериозно ги разгледува Вашингтон, кои се поврзани со завршување на руско-украинскиот конфликт. Во врска со ова прашање, наскоро САД треба да заземат конечен став.
На прв поглед предлог-стратегиите за решавање на конфликтот изгледа дека се совпаѓаат во некои елементи, но постојат и суштински разлики. И предлагачите на двата концепта се двајца високи претставници на американската администрација, блиски до претседателот Доналд Трамп. Едниот е специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, а предлагач на вториот концепт е помошникот на американскиот претседател, Стив Виткоф.
Интересно е што медиумите се занимаваат и ги обележуваат противречностите во пристапите на двата високи американски функционера, при што пишуваат и дека меѓусебните „противречности меѓу Келог и Виткоф стануваат сè подлабоки“.

Предлогот на специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог

Реномираниот медиум „Тајмс“ деновиве излезе со вест во која го цитираше специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Келог, чиј став е дека „Украина би можела да се подели на зони на контрола меѓу европските земји и Русија, како Берлин по Втората светска војна“.
– Британските и француските трупи би можеле да преземат зони на контрола во западна Украина, формирајќи „сила за убедување“ за наводно спречување понатамошни борбени операции, додека Русија би можела да го контролира источниот дел од земјата. Помеѓу европските и руските трупи би биле украинските сили, а по постојните линии на контрола би можела да се воспостави демилитаризирана зона – изјави за јавноста специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог.
Тој исто така изјави за „Тајмс“ дека речиси е сигурен дека „евентуални сили предводени од Англија и Франција западно од реката Днепар воопшто не би биле провокативни за Русија“.
– Украина е доволно голема за да прими неколку армии што сакаат да спроведат прекин на огнот – рече специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина. Интересно е што Кит Келог за кратко време се дообјасни во своите ставови и малку ги преформулира.
– Во дискусиите за поделба се осврнував на области или зони на одговорност на сојузничките сили (без САД). Не зборував за поделба на Украина како држава – рече подоцна тој по истиот повод.

Предлогот на помошникот на американскиот претседател, Стив Виткоф

По средбата меѓу специјалниот претставник на рускиот претседател Кирил Дмитриев во Вашингтон минатата недела и помошникот на американскиот претседател Стив Виткоф, реномираниот медиум „Ројтерс“, цитирајќи свои анонимни но доверливи извори, напиша дека „американскиот претставник му го претстави своето мислење на Доналд Трамп дека најбрзиот пат до мировен договор е да се признае рускиот статус на четири украински региони – Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон“.
– Помалку од 48 часа по вечерата со рускиот преговарач (испратен во Вашингтон од рускиот претседател Владимир Путин), Стив Виткоф, специјалниот претставник на САД, форматира информација специјално за својот претседател, Доналд Трамп, при што, според „Ројтерс“, тој доставил јасен предлог – став до Белата куќа.
Имено, според Виткоф, „најбрзиот и ефикасен начин да се постигне прекин на огнот во Украина е да се поддржат стратегии што би ѝ дале на Русија сопственост врз четири источноукраински региони“ – пишува „Ројтерс“.
За потсетување, минатата недела, специјалниот претставник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, ги посети Соединетите Американски Држави, каде што се сретна со претставници на администрацијата на Белата куќа. Според него, за време на разговорите биле разгледани многу прашања за обновување на билатералните односи, вклучувајќи ја економската соработка, како и обновувањето на директниот воздушен сообраќај меѓу земјите.
За издвојување е дека на средба со Трамп, специјалниот претставник на американскиот претседател за Украина, генерал Кит Келог, се изјасни против идејата на Виткоф. Тој изјави дека Киев, иако е подготвен да преговара за некои услови во врска со спорните територии, никогаш нема да се согласи еднострано да го префрли целосно суверенитетот на тие територии на Русија, пренесува „Ројтерс“.
Исто така, „Ројтерс“ забележува дека претходно споменатиот состанок завршил без Трамп да донесе одлука за нова стратегија на САД. Во меѓувреме, според извори на „Ројтерс“, противречностите во пристапите кон условите за завршување на украинскиот конфликт меѓу Келог и Виткоф стануваат сè подлабоки.
Од друга страна, по истиот повод, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров само ја потсети јавноста дека „присуството на трупи на НАТО под какво било знаме и во каков било капацитет на украинска територија претставува закана за Русија, додавајќи дека Москва нема да го прифати тоа под никакви услови“! П.Р.