По состанокот во Лондон на неколку челници на ЕУ плус Зеленски, во текот на оваа седмица, 27-те земји од ЕУ ќе одржат и вонреден самит во Брисел на истата тема. Но на тој состанок во престолнината на ЕУ ќе бидат вклучени лидери што денеска не беа поканети во Лондон, а кои имаат многу поразличен став за „перспективите за развој на украинската криза и воен судир“, во споредба со ставот на земјите на ЕУ што се состанаа во Лондон во неделата. ЕУ се чини дека со своето консензуално одлучување ќе се блокира себеси, а неефикасноста на дејствувањето, во формат онаков како што е сега, ќе се нагласи уште еднаш
Европските лидери што ја поддржуваат Украина се собраа во неделата (2.3.2025 година) во Лондон во обид да им дадат поддршка на Зеленски и на Украина, по дипломатскиот дебакл на претседателот на Украина во Белата куќа, по што се создадоа дополнителни тензии меѓу Зеленски и Трамп. Домаќинот и премиер на Обединетото Кралство, Кир Стармер, го нарече самитот во Лондон „момент за генерацијата“ за „безбедноста на Европа“. Покрај Зеленски и Стармер, на средбата во Лондон присуствуваа и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, италијанската премиерка Џорџија Мелони, францускиот претседател Емануел Макрон, шпанскиот премиер Педро Санчез, финскиот претседател Александар Стуб, холандскиот премиер Дик Шолц, германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо и премиерот на Полска.
Четирите клучни договорени цели во Лондон
Во Лондон беа договорени четири клучни цели:
– да се продолжи со испраќање воена помош за Украина;
– да се осигури дека Украина учествува во сите мировни преговори;
– да се спречи каква било идна руска инвазија;
– да се создаде „коалиција на подготвени“ да ја бранат Украина и да гарантираат мир.
Британскиот премиер Стармер нагласи дека во мировниот процес „Европа ќе мора да го преземе најголемиот товар“, но дека договор не би бил можен без поддршка од САД. Британија ќе ѝ обезбеди на Украина пристап до 1,6 милијарда фунти (1,94 милијарда евра) за набавка на нови ракети. Исто така било договорено дека „како група ќе работат со Украина на план за запирање на борбите, а потоа европската група ќе разговара со САД и за да се продолжи заедно“.
Неколку впечатоци на европските лидери за нивната можна улога во понатамошниот процес во европското сценарио за Украина
– Францускиот претседател Емануел Макрон се гледа себеси како мост меѓу САД и Европа, на ист начин како што го прави тоа британскиот премиер Кир Стармер. Сериозно политички ослабен дома, Макрон се надева дека ќе остави свој белег на глобалната сцена во преостанатите две години од своето претседателствување.
– Италијанската премиерка Џорџија Мелони и нејзините отворени комуникациски канали со претседателот Трамп, а со клучните фигури во администрацијата на САД, особено со Илон Маск, е исто така важна врска – се констатирало на состанокот на европските лидери.
– Иако канцеларот на Германија во заминување Олаф Шолц беше на средбата, за Германија беше значајно што се истакна на средбата дека „Фридрих Мерц ветил дека ќе има позначајна улога од сегашниот канцелар Олаф Шолц и дека германскиот канцелар е подготвен да разговара со Велика Британија и Франција за тоа дали тие ќе ги споделат своите капацитети за нуклеарна одбрана со Германија, додека веројатното излегување на САД од европската безбедност ги преобликува односите.
Лондон помина, следува Брисел во полн состав
За издвојување е дека во текот на оваа седмица, поточно на 6 март, 27-те земји од ЕУ ќе одржат вонреден самит во Брисел. На тој состанок ќе бидат вклучени лидери што денеска не беа поканети во Лондон, а кои имаат многу поразличен став за „перспективите на развој на украинската криза и воен судир“, во споредба со ставот на земјите на ЕУ што се состанаа во Лондон во неделата.
Значи, во Брисел ќе биде поканет и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Овие лидери (чиј суверенистички пристап се разликува од оној на либералните актуелни елити на ЕУ) во Брисел би можеле, изнесувајќи ги своите позиции и формирани ставови, да значат „закочување на процесот на ЕУ за една заедничка (консензуална) политика за поддршка на Украина“.
Лидерите на ЕУ и Обединетото Кралство шокирани од неуспехот на средбата Трамп-Зеленски
Состанокот во Лондон треба да овозможи продолжување на подготвителната работа за европските мировни сили што Лондон и Париз предлагаат да ги распоредат во Украина, во рамките на европскиот мировен договор по евентуалниот прекин на огнот, велат нашите соговорници
И што сега? Не само Украина туку и голем дел од Европа е потресен од неуспехот на средбата меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски во петокот на 28 февруари, во Белата куќа. Како сега Брисел ќе ѝ се спротивстави на Москва без САД? Како, во случај на американско заминување, може да продолжат да го поддржуваат Киев и, надвор од тоа, да ја обезбедат безбедноста на Европа од Русија поддржана од администрацијата на Трамп подготвена да направи отстапки за да потпише прекин на непријателствата што е можно побрзо? Тоа беа егзистенцијалните прашања на кои Европејците што требаше да бидат одговорени на самитот што британскиот премиер Кир Стармер го организира во Лондон во неделата на 2 март.
Британија сака да биде мост меѓу Европа и САД
Британскиот премиер се надеваше дека ќе ги убеди своите партнери во способноста на својата влада да служи како мост меѓу Стариот Континент и САД. Но со „понижувањето што го претрпе Зеленски пред светските камери“, овие амбиции некако му избледеа, вклучувајќи ги и амбициите и напорите на Емануел Макрон да се заложи за украинската кауза пред Доналд Трамп.
За дваесет и четири часа во петокот, Европејците се најдоа уште повеќе сами отколку што беа две недели претходно, кога на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс спектакуларно ги минимизираше руските и кинеските закани во корист на критикување на Европската Унија. Како што призна во петокот вечерта на мрежата Икс Естонката Каја Калас, високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи: „Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. Од нас, Европејците, зависи да го прифатиме овој предизвик“.
Подготовка на европски мировни сили
На самитот во Лондон, како што и споменавме, присуствуваа покрај претседателот на Украина, Зеленски, и шефовите на држави и влади на Франција, Германија, Полска, Италија, Данска и на Турција, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Советот, Антонио Коста, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Кир Стармер треба да разговара преку видеоврска со лидерите на балтичките држави (Летонија, Литванија и Естонија) претходно во текот на денот.
– Состанокот особено треба да овозможи продолжување на подготвителната работа за европските мировни сили што Лондон и Париз предлагаат да ги распоредат во Украина, во рамките на вистинскиот мировен договор по евентуалниот прекин на огнот, велат нашите соговорници.
Што да се очекува на вонредниот самит на ЕУ во Брисел посветен на Украина?
Лидерите на дваесет и седумте ЕУ-земји (по состанокот во Лондон на кој беа само мал дел од европските лидери), наредно треба во полн состав да се сретнат в четврток на 6 март во Брисел на вонреден Европски совет. Европејците дотогаш треба да објават нови мерки за поддршка на Киев и да се консултираат како да ги зајакнат своите одбранбени напори, со цел подобро да го „поделат товарот“ со нивниот американски „сојузник“, без разлика дали е во НАТО или надвор. Нема сомнеж дека односот на Доналд Трамп кон украинскиот претседател ризикува да ги принуди да избрзаат со одредени одлуки – без да се чека нивниот безбедносен одговор да биде подготвен. Но дали ЕУ ќе зборува во еден глас или тој на Унгарија ќе биде различен од тој на другите лидери на ЕУ?!
– Ни треба моќна Европа повеќе од кога било. (…) Скокот е сега – твитна Емануел Макрон, по избрзаното заминување на украинскиот лидер од Белата куќа. За него, „ако некој игра трета светска војна, тоа е Владимир Путин“, а не Володимир Зеленски, како што го обвини Доналд Трамп за време на интервјуто.
Издвојуваме изјави на оваа тема на неколку европски лидери
Џорџа Мелони, италијанска премиерка:
Потребен е итен самит меѓу Соединетите Американски Држави, европските држави и сојузниците за да разговараме искрено
Соочени со клучните прашања што им се појавуваат – каков трансатлантски однос, каков мир во Европа – Европејците се поделени.
– Потребен е итен самит меѓу Соединетите Американски Држави, европските држави и сојузниците за да разговараме искрено за тоа како имаме намера да се соочиме со големите предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина, која заедно ја браневме во последните години – изјави во петокот вечерта италијанската премиерка Џорџија Мелони, задржувајќи се на средната позиција. Додека ја поддржува Украина, Мелони нема намера да ја критикува администрацијата на Трамп, со која е идеолошки блиска.
Емануел Макрон, француски претседател: Повик за „масивно и заедничко
финансирање“ од земјите на ЕУ за да се изгради „заедничка одбрана“
Во интервју за неколку француски весници, Емануел Макрон рече дека се надева оти земјите од Европската Унија брзо ќе тргнат кон „масивно и заедничко финансирање“ што ќе чини „стотици милијарди евра“ за изградба на заедничка одбрана.
– Верувам дека денес е време за стратегиско будење, бидејќи во сите земји постојат конфузија и неизвесност за американската поддршка на долг рок – објасни тој.
Претседателот сепак има намера да ги убеди Соединетите Американски Држави да ја задржат финансиската и воената помош за Киев.
– Она што САД го направија во изминатите три години е целосно во согласност со нивната дипломатска и воена традиција. Сакам да им објаснам на Американците дека откачувањето од Украина не е во нивен интерес – истакна тој.
Кир Стамер, британски премиер: Обединетото Кралство и Франција работат со Украина на планот „за запирање на борбите“
Британскиот премиер Кир Стармер објави дека Обединетото Кралство и Франција работат заедно на „план за запирање на борбите“ меѓу Украина и Русија, неколку часа пред самитот на околу петнаесет европски лидери во Лондон.
По разговорите со американскиот, украинскиот и со францускиот претседател, Кир Стармер во интервју за Би-би-си рече: „Се договоривме дека Велика Британија, Франција, а можеби и уште еден или двајца други, ќе соработуваат со Украина на план за прекин на борбите, а потоа ќе разговараме за тој план со САД“.
Франција и Велика Британија предлагаат делумно едномесечно примирје помеѓу Русија и Украина. Но тоа би се однесувало на воздушните и поморските воени судири, како и на напади врз енергетската инфраструктура, а не и на копнените борби. Ова е накратко планот што го објавија францускиот претседател Емануел Макрон и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
– Вакво делумно примирје би овозможило да се утврди дали рускиот претседател Владимир Путин е навистина посветен на примирје. И тогаш би почнале вистинските мировни разговори – изјави францускиот министер Баро.
Според англо-францускиот предлог, европски копнени трупи би биле распоредени во Украина дури во втората фаза.
– Не би имало европски трупи во Украина во следните недели. Прашањето е како да го искористиме ова време за да се обидеме да постигнеме примирје со преговори што би траеле неколку недели – изјави Макрон.
Емануел Макрон ги повика Трамп и Зеленски да покажат „почит“ и „признание“
„Сите мора да се смират“
Во интервју за „Трибун ду диманш“, францускиот претседател, кој разговараше со Трамп и Зеленски во петокот вечерта по нивната жолчна дебата во Белата куќа, рече дека сè уште верува во дијалогот за „придвижување напред“ кон мир.
Емануел Макрон сака да верува дека дијалогот сѐ уште е можен. Еден ден по многу жестоката расправија меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски во Белата куќа, која ги запрепасти меѓународните набљудувачи, шефот на француската држава се врати на оваа епизода во интервју дадено за „Трибун ду диманш“ и неколку други неделни весници. За него, тензичната размена, која прикажува како „прес-конференција тргна наопаку“, можеби не е дефинитивен пресврт во текот на меѓународните односи.
– Мислам дека надвор од гневот, сите треба да се вратат на смиреност, на почитување и на признавање, за да можеме конкретно да продолжиме напред – го повика Емануел Макрон во ова интервју дадено и за францускиот печат, потсетувајќи дека „она што е во прашање е премногу важно“. Францускиот претседател, кој и самиот отпатува во Вашингтон неколку дена претходно за да се изјасни за поддршка за Украина, разговараше телефонски во петокот вечерта со двајцата протагонисти, велејќи дека претпочита формат на „стратегиска и доверлива“ дискусија наместо јавни говори, со цел да се „расчистат недоразбирањата“ без „сведоци“. Во пресрет на самитот на ЕУ в четврток во Брисел, тој за „Паризиен“ изјави:
„Ќе ѝ дадеме на Европската комисија мандат да ги дефинира потребите за капацитети за да изградиме заедничка одбрана, бидејќи мора да мобилизираме заедничко финансирање со стотици милијарди евра, и тоа на брз начин“. За да се постигне автономна европска одбрана во однос на НАТО, „ќе бидат потребни пет години, 10 години“, призна францускиот претседател, цитиран од „Журнал ду диманш“, „но тоа не е сериозно. Верувам дека денес е време за стратегиско будење, бидејќи во сите земји постојат конфузија и неизвесност за американската поддршка на долг рок“.
Претседателот сепак има намера да ги убеди Соединетите Американски Држави да ја задржат финансиската и воената помош за Киев.
– Она што САД го направија во изминатите три години е целосно во согласност со нивната дипломатска и воена традиција. Сакам да им објаснам на Американците дека откачувањето на Украина не е во нивен интерес – рече тој.
Тони Гламчевски
Дебатата во Овалната соба во Белата куќа во Вашингтон меѓу Трамп и Зеленски ги испровоцира Макрон и Мерц за уште една подзаборавена тема:
Европско нуклеарно одвраќање
Со цел повеќе да не зависи од добрата волја на САД, францускиот претседател Емануел Макрон викендов го обнови својот предлог да се отвори „дискусија“ за т.н. европско одвраќање.
– Кредибилитетот на одвраќањето мора да се разгледа на неколку начини: во однос на Русија, за да се одврати нападот, и во однос на нашите европски партнери, за да ги убедиме дека можат да бидат заштитени – објаснува Хелоис Фаје, специјалист за стратегиски прашања во „Ифри“. Овие прашања и денеска остануваат неодговорени.
Темата може да биде на агендата на дебатите зад затворени врати меѓу европските лидери деновиве. Во случај на неисполнување на обврските на САД, двете европски нуклеарни сили, Франција и Обединетото Кралство, ќе преземат посебна одговорност за одбраната на континентот.
– Ако двете земји разговараат заедно, има смисла за одвраќање – уверува Јаник Пинсе, специјалист за стратегиски прашања во „Екол нормал супериур“. Нивниот арсенал тежи малку меѓу 3.700 американски нуклеарни боеви глави наспроти 4.380 руски боеви глави.
За потсетување, Емануел Макрон ја обнови и дебатата за многу чувствителната идеја за европски нуклеарен чадор, кој дополнително продлабочува раскол во европската политика. Францускиот претседател, кој е на чело на една од двете нуклеарни сили во Европа заедно со Обединетото Кралство, рече дека е подготвен да „отвори дискусии“ за европско нуклеарно одвраќање наспроти ризикот од историски раскин на сојузот со САД.
Стратегискиот дијалог со европските земји што немаат нуклеарно оружје „ќе ја направи Франција посилна“, смета тој.
– Ние имаме штит, тие немаат. И тие повеќе не можат да зависат од американското нуклеарно одвраќање. Потребен ни е стратегиски дијалог со оние што го немаат – рече францускиот претседател во „Паризиен“.
„Фигаро“: „Европскиот час“ на Емануел Макрон
Да се одржи поточно да се врати Европа во центарот на играта; да остане или, подобро кажано, повторно да стане лидер на оваа Европа поканета на „стратегиско будење“. Тоа е двојната амбиција на Емануел Макрон. Францускиот претседател можеби ќе се обиде да го минимизира судирот меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски, кој се сведе на „прес-конференција што тргна наопаку“, но бруталноста на размената меѓу американскиот и украинскиот претседател може да биде поттик за европското будење што Макрон долго време го бараше, се наведува во едиторијалот на „Фигаро“
„Стратегиската автономија“ на Унијата е концепт што Макрон го бранеше од неговото пристигнување во Елисејската палата, теоретизиран во неговите два говора во Сорбона во 2017 и 2024 година. Требаше да се случи ковид за да се укине табуто на заедничкиот долг (ЕУ) за да ги спаси своите економии. Изгледите за крајот на американскиот штит сега мора да бидат реални за европските земји да се согласат конкретно да разговараат за заедничка европска одбрана, смета „Фигаро“.
Средбата во Лондон неделава и самитот во Брисел в четврток се два дела од истата амбиција. Од една страна, создавање услови за зголемена поддршка за Украина без раскинување со Вашингтон; од друга страна сега да се изгради алтернатива на НАТО. Емануел Макрон очигледно не може да се претставува како единствен архитект на оваа стратегија. И покрај брегзит и бидејќи е исто така нуклеарна сила, Англија игра еднаква суштинска улога. И додека никој не може да го обвини францускиот претседател што играл на личната карта за да се обиде да го убеди Доналд Трамп, Британецот Кир Стармер има особена заслуга кај американскиот претседател со оглед на специфичната врска меѓу Лондон и Вашингтон. Слично на тоа, шансите за придвижување кон вистинска европска одбрана се должат исто толку на историскиот пресврт што е подготвен да го направи идниот германски канцелар Фридрих Мерц и на подготвеноста на Италијанката Џорџа Мелони, која сепак е најблиска до Трамп од лидерите на ЕУ, да поддржи „заеднички европски одговор“.
Но Макрон ќе игра на својот статус на пионер во застапувањето на стратегиската автономија и на најстариот шеф на држава и влада на ЕУ, со надеж дека ќе го надомести неговото отсуство на националната сцена, па дури и да ја преземе својата заложба на меѓународната сцена, во ова време на враќање на неизвесностите и стравовите, и можноста да си го врати имиџот на домашната сцена. Всушност, претседателот повторно добива одредена боја во анкетите. И ако Марин Ле Пен или Ерик Земур предупредуваат за заемно споделување на нуклеарното оружје – што Макрон негира дека е негова намера – идејата за чекор кон европска одбрана е предмет на широк консензус во Франција, за кој шефот на државата ќе се претстави како портпарол, завршува „Фигаро“.