По обраќањето пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски одговараше на прашања од пратениците, при што, очекувано, најмногу прашања имаше од бугарските пратеници, за уставните измени, внесувањето на Бугарите во Уставот, за коридорот 8, но и за бугарските тврдења, како тие што кажаа, за насилство од омраза кон Бугарите и бугарските организации во Македонија
Пораки од Стразбур, градот на француско-германското помирување
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски од Стразбур порача дека Македонија ќе ги чека претстојните избори во Бугарија, на кои очекува позитивен и демократски исход, за потоа со бугарската влада проактивно и ангажирано да разговараат за серија прашања што ги засегаат двете страни, бидејќи како регион имаме не само заедничка иднина туку и заеднички обврски. По обраќањето пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Муцунски одговараше на прашања од пратениците, при што, очекувано, најмногу прашања имаше од бугарските пратеници за уставните измени, внесувањето на Бугарите во Уставот, за коридорот 8, но и за бугарските тврдења, како што кажаа, за насилство од омраза кон Бугарите и бугарските организации во Македонија.
– Прашањето за уставните измени има и друг контекст. Уште колку уставни измени мојата држава треба да направи за да продолжи на патот кон ЕУ? Дали некој може да гарантира дека ова ќе биде последната уставна измена што ќе ја бара некој од нас за да станеме членка на ЕУ – рече Муцунски одговарајќи на пратеничко прашање кога планира Македонија да ги направи уставните измени.
Притоа тој го повтори ставот дека овие уставни измени немаат ништо заедничко со критериумите на ЕУ за членство и додаде дека сме „подготвени да зборуваме со нашиот сосед како да одиме напред во однос на уставните измени врз база на реципроцитет и меѓусебно разбирање“.
Повик до Бугарија за соработка
Пред пратениците во ПССЕ, Муцунски повтори дека договорите со соседите, Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија, се обврска за двете страни.
– Договорот од Преспа има многу недостатоци, но тој е реалност. Колку и да не ни се допаѓа, според меѓународното право сме обврзани да го почитуваме. Но таа обврска е за двете страни – одговараше Муцунски.
Тој на прашање на бугарски пратеник за насилство од омраза против Бугари во Македонија рече дека „за многу работи нашата земја има забелешки, но ако нешто правиме добро, тоа се малцинствата, и тоа над европските стандарди“.
– Да зборуваме за она што нѐ обединува и за тоа што можеме да го направиме заедно. Придвижувањето на нашиот пат кон ЕУ е важно не само за нас туку и за нашите соседи, кои ќе имаат најголеми придобивки од нашето членство – рече Муцунски.
Министерот исто така зборуваше за третманот на малцинствата во двете земји, бугарското малцинство во нашата држава и македонското во Република Бугарија.
– Не постои случај каде што бугарското малцинство било дискриминирано во нашата земја, но ако постои таков случај, подготвени сме да разговараме и да работиме институционално за негово решавање. Ајде заедно да ги унапредуваме правата на малцинствата во двете земји. Секој предлог за подобрување го прифаќаме со отворени раце, но и ние имаме право да дадеме примери каде што и Бугарија мора да се подобри, особено во врска со пресудите на Европскиот суд за човекови права – истакна Муцунски, додавајќи дека „никој не е перфектен, но имаме институции и судство што се занимаваат со овие прашања“.
Шефот на македонската дипломатија не пропушти да ја повика Бугарија на заедничка маса институционално да ги подобрат состојбите на малцинствата во двете земји, секако земајќи ги предвид уставните разлики.
– Вие ни давате примери, но и ние може да ви дадеме примери што може да направите подобро, како што е спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) – кажа Муцунски.
Како до заедничко, ефикасно решавање на спорните прашања
И додека во одговорите на прашањата од пратениците Муцунски беше доста конкретен и јасен, во обраќањето повеќе се осврна на сите прашања што се важни за Советот на Европа, без конкретно да спомене некоја земја, како Бугарија или Грција. Тоа се толкува како еден вид опомена, особено до Бугарија, со надеж дека ќе преземат нешто и како израз на македонската политичка волја да се работи заеднички на решавање на спорните прашања.
– Постои растечка тенденција во делови од нашиот регион да се гледаат пресудите на ЕСЧП како сугестии, а не како обврзувачки пресуди. Ова ги поткопува самите основи на нашата архитектура за човекови права и ризикува да го наруши кредибилитетот на нашите институции. Кога земјите одложуваат или одбиваат да ги спроведат овие пресуди, особено кога се однесуваат на правата на малцинствата или ранливите групи, тие праќаат опасна порака – дека за некои права може да се преговара и дека правдата може да се одложува на неодредено време – рече Муцунски.
Според него, „ние во Северна Македонија избравме да дејствуваме кога ќе се соочиме со пресуди на ЕСЧП, дури и кога тие одлуки бараа од нас да направиме тешки избори и да се занимаваме со длабоки прашања. Ние разбираме дека вистинската демократија не е само за волјата на мнозинството, туку значи заштита на правата на секој поединец, без разлика колку е мал или маргинализиран неговиот глас. Лесно е да се почитува законот кога е погодно, но токму во моменти на непријатност и тешкотија нашата посветеност на владеењето на правото е вистински тест“.
– Сите, особено во нашиот регион, треба да размислуваме за оваа реалност. Неуспехот да се спроведат одлуките на ЕСЧП не само што им штети на поединците чии права се загрозени туку го ослабува и нашиот статус како демократски нации. Тоа му кажува на светот дека ние избираме кога да ги почитуваме институциите што ветивме дека ќе ги почитуваме. Ова, верувам, е многу поголема закана за нашето единство и нашата иднина отколку каква било политичка непријатност што може да произлезе од спроведувањето тешки пресуди – додаде македонскиот министер.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Упатена силна порака кон ЕУ
Во говорот Муцунски испрати и силна порака и критика кон Европската Унија, почнувајќи со зборовите дека и покрај сите напори, нашиот пат кон членство во ЕУ останува долг и полн со одложувања. Притоа тој напомена дека Македонија идната година ќе одбележи 30 години членство во Советот на Европа, но чека уште една поотрезнувачка годишнина – 30 години откако Европскиот совет ни даде кандидатски статус за ЕУ.
– Дваесет години чекање, надеж и докажување дека заслужуваме членство во европското семејство. Сепак, и покрај сите реформи и жртви, нашиот пат кон членство во ЕУ останува опструиран од неоправдани пречки. Процесот стана политизиран и се чини дека целите ни бегаат како што се приближуваме до нив. Нашето патување е обележано со вета од многу помоќните соседи, кои го користат своето влијание да го формираат, односно да го обликуваат наративот на начин што не рефлектира правичност или меѓусебно почитување – рече Муцунски. Т.Г.