Ветераните се потсетија на истоварувањето на Нормандија / Фото: ЕПА

Рускиот претседател Владимир Путин не беше поканет на церемонијата на 80-годишнината од Денот Д во Нормандија. Неговиот украински колега Володимир Зеленски беше поканет од организаторот. Според сега актуелните (во Украина) „западни сојузници“, тие по повеќе од две години борби, „треба да ја покажат својата кохезија и да ја продолжат својата поддршка за Украина“, правејќи паралела (?!) меѓу Втората светска војна и војната во Украина…

Преполовено чествувањето на 80-годишнината од Денот Д во Нормандија поради воениот судир на тлото на Европа

Организаторите на 80-годишнината од Денот Д во Нормандија ги споија во пакет последните двесте ветерани на Денот Д и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на церемониите по повод јубилејот од истоварувањето на сојузниците на брегот на Нормандија во 1944 година. Ним им прави друштво Емануел Макрон, во придружба на дваесетина шефа на држави и влади. Се очекува на настанот да допатуваат и да присуствуваат и Џо Бајден, како и германскиот канцелар лидери Олаф Шолц, британскиот крал Чарлс Трети и премиерот Риши Сунак и канадскиот Џастин Трудо.
Емануел Макрон вчера веќе започна со комеморациите во Бретања, во Плумелек (Морбихан), каде што пред 80 години беа спуштени околу дваесет француски падобранци (ноќта меѓу 5 и 6 јуни 1944 година) за да спречат, со борците на локалниот отпор, Германците да стигнат до Нормандија. Францускиот претседател ќе ја затвори секвенцата в петок наутро (7 јуни) во Баје (Калвадос), по стапките на генералот Де Гол. Церемониите организирани во текот на три дена се во знак на почит и на ослободувањето на Франција, од бомбардираните градови (Сен-Ло, Каен), како и на дел од воените жртви што лежат на воените гробишта (Вер-сур-Мер, Колевил-сур-Мер).

Што пишуваат француските медиуми?

За разлика од прославата на 70-годишнината, Русија годинава не беше поканета, токму поради Украина. А западните сојузници сакаат да ги покажат своето единство и продолжувањето на нивната поддршка за Украина. По повеќе од две години борби, прославата на мирот оркестрирана на плажите на Нормандија во голема мера е засенета од стагнацијата на војната пред портите на Европа, пишуваат француските медиуми, а на прво место „Ле монд“.
– Белата куќа ја гледа оваа посета на Франција како добредојдена средба меѓу историјата и сегашноста, меѓу приказната за истоварувањето на Денот Д – фокусирана на посветеноста на американските војници – и современата борба против автократските режими. Сепак, Џо Бајден во голема мера го напушти овој бинарен пристап, кој ги оптоварува земјите од глобалниот југ, за време на неговиот говор на Генералното собрание на Обединетите нации во септември 2021 година – забележува „Ле Монд“.
„Нема промена“, ја наслови своја статија во понеделникот „Монд“, во врска со изјавата на портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби.
– Претседателот беше многу доследен за моќта на демократијата и што значи таа. Тоа во надворешната политика не значи дека не треба да работиме со недемократски земји. Ова нема да се промени – пишува „Ле монд“.
Според портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, „Џо Бајден сака да ја брани идејата за точка на пресврт во историјата, каде што автократиите сакаат да ја преземат контролата“, со цели понекогаш спротивни на американските интереси.
Очигледна е референцата на оваа изјава за Русија.

Што планираат западните лидери и нивните влади за Украина, а тоа да го објават на јубилејот на Денот Д во Нормандија?

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој треба да се сретне лице в лице на 7 јуни со Володимир Зеленски, се очекува да објави – нова воена помош. Тоа би можело да открие формирање коалиција, несомнено скромна, на земји што доброволно ќе испратат воени инструктори на теренот. Пред тоа мора да се одржат завршните подготвителни состаноци.
Понатаму, по упорните барања на Володимир Зеленски, западните престолнини исто така се обидуваат (не без тешкотии) да ги зајакнат своите испораки во областа на артилерија, муниција и противвоздушна одбрана. Токму оваа тема е најавена да се издискутира за време на посетата на претседателот на САД, Џо Бајден, на Париз, в сабота на 8 јуни, во рамките на прославите на Денот Д.
Исто така, издвојуваме дека со поддршка на Швајцарија, Киев организира „мировна конференција“ на 15-16 јуни во близината на Луцерн. Русија брзо стави до знаење дека нема да учествува на состанокот. Доколку Емануел Макрон планира да оди таму, Соединетите Американски Држави ќе бидат претставени од нивната потпретседателка Камала Харис, со помош на советникот за национална безбедност Џејк Саливан.
Вредно е да се спомене дека претседателот на САД, Џо Бајден, ја одби поканата од украинскиот претседател.
– Неговото отсуство би било како да му аплаудирате на Путин – рече Зеленски во обид да го убеди својот американски колега да се појави во Швајцарија, забележува „Ле монд“.

Олимписко примирје?

Повиците на Емануел Макрон за „олимписко примирје“ по повод Олимписките игри во Париз, од 26 јули до 11 август, досега останаа без одговор, иако кинескиот претседател Си Џинпинг се придружи на иницијативата за време на неговата неодамнешна посета на Франција.
Според повеќе западни воени аналитичари што деновиве излегуваат со анализи во јавноста, „ниту Владимир Путин ниту Володимир Зеленски не сакаат да ги прекинат борбите. Првиот има намера да ја истурка својата предност, додека вториот не сака да ги жртвува окупираните територии – околу 18 отсто од својата земја – на олтарот на прекинот на огнот“.
– Мирот не е капитулација – инсистираше Макрон за време на неговата државна посета на Германија. Во опкружувањето на шефот на државата, сепак мислат дека мора да се обидат да го полуотворат дипломатскиот прозорец за да почнат дискусии, сѐ додека тоа го сакаат Украинците.
За западњаците, нормандските прослави нема да бидат единствената можност да ги засилат редовите околу Киев. Судбината на Украина се очекува да биде во срцето на самитот на Г7, 13-15 јуни, во Италија. Соединетите Американски Држави водат кампања за нов план за финансиска помош, но условите за нивното финансирање – со помош на камати за замрзнатите руски средства – не се по вкусот на Франција и Германија. Володимир Зеленски треба и овде повторно да учествува во дел од дискусиите, барем од далечина.
Од друга страна, ќе мора да почека уште малку во однос на неговата амбиција што побрзо да влезе во НАТО. Нешто повеќе од еден месец пред самитот во Вашингтон, од 9 до 11 јули, Соединетите Американски Држави и Германија остануваат против каква било формална покана од Киев, поради загриженост да се избегне нова ескалација со Русија. Антони Блинкен, американскиот државен секретар, зборува да се подготви „мост“ со цел да се подготви долгорочно пристапување на Украина во Атлантската алијанса. Во отсуство на формална посветеност, затоа на украинскиот претседател навистина му се потребни знаците на поддршка, дури и симболични, кои ќе му бидат покажани на брегот на Нормандија, а потоа и во Париз.


Кој ќе присуствува на прославите во Нормандија

Ако кралот Чарлс Трети, болен од рак на простата, биде присутен во Нормандија во придружба на неговата сопруга Камила, тој не треба да учествува на „големата“ церемонија заедно со своите колеги. На церемонијата на која се поканети Џо Бајден, како и неговите претходници Доналд Трамп и Барак Обама (чие присуство не е потврдено), германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателот на италијанската република, Серџо Матарела, канадскиот премиер Џастин Трудо, како и Риши Сунак за Обединетото Кралство, Мете Фредериксен за Данска, Лук Френден за Луксембург, Киријакос Мицотакис за Грција, Јонас Гар Сторе за Норвешка и Марк Руте за Холандија. Се очекува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и неговиот претходник Петро Порошенко.
На страната на крунисаните глави ќе бидат принцот Алберт од Монако, големиот војвода од Луксембург, белгискиот крал Филип, данскиот крал Фредерик Десетти, кралот Вилем-Александар од Холандија и престолонаследникот Хакон Магнус од Норвешка. Се очекува да присуствуваат и австралискиот генерален гувернер Дејвид Харли и претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел.
Ниту една делегација од Русија не беше поканета бидејќи, според западните сили, „условите за учество на Русија не се исполнети“, објави т.н. „Ослободителната мисија“ – организатор на настанот.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур