Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несомнено, со потпишувањето договор за безбедносно и одбранбено партнерство со Македонија, ЕУ донесе стратегиска одлука со која сака да обезбеди предвидливост во делот на својата одбрана, но од иста страна и Македонија сака слична стратегиска одлука со Унијата за да ги отстрани сите дилеми околу својата европска перспектива преку јасни и прецизни критериуми. Истовремено, ваквиот нов европски пристап дополнително ќе ги мотивира реформските процеси во земјава, пред сѐ во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата, клучни критериуми на кои Европа инсистира

Нов предлог на Македонија до европските челници во насока на предвидливост на пристапниот процес

Годинава се навршуваат 20 години откако Македонија е во европската чекалница и за целиот тој период, наместо да биде оценувана за нејзините реформски капацитети, постојано се соочуваше со билатерални прашања наметнати од соседите што ја оддалечуваа од европскиот пат.
Тој преседан што беше направен врз Македонија го искористија многу други земји членки што го ставија во заложништво целиот процес на проширување на Европската Унија, за сега новата еврокомесарка Марта Кос да најавува дебилатеризација на проширувањето, но откако Македонија ќе исполни уште еден билатерален услов, да ги спроведе уставните измени.

ЕУ непредвидлива, лицемерна, со политики на два колосека

Континуираната европска хипокризија дополнително ја зголемува недовербата што македонското општество ја има во ЕУ, иако своевремено официјален Брисел со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Македонија ги одреди точните цели и критериумите за членство.
За жал, по две децении ЕУ ги напушти сопствените начела и почна да им удоволува на билатералните барања на земјите членки, најпрво за промена на името, а сега и за промена на Уставот доколку земјава сака да почне да отвора преговарачки поглавја.
Од тие причини пристапот на новата македонска влада е прагматичен – предвидливост на процесот на евроинтеграции, гаранции дека нема да има нови билатерални опструкции, целосна посветеност на реформите и европската агенда, како и наоѓање решенија за проблемите преку активна дискусија со сите чинители на рамноправна основа.
– За жал, оваа 2025 година одбележуваме еден многу неславен јубилеј – 20 години од стекнувањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Точно две децении во кои донесовме серија крупни одлуки со кои направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја и наоѓање рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за време на работниот појадок со амбасадорите на ЕУ-членките во земјава.
Тој уште додаде дека очекува конечен почеток на пристапните преговори и отворање на поглавјата годинава.
Очигледно Македонија се обидува топката да ја префрли во европскиот двор и наместо Брисел постојано да бара отстапки од земјава, да почне и тој да го испорачува она што претходно го ветил.

Македонија сака јасна гаранција, не манипулација и импровизации

Носењето стратегиска одлука од страна на ЕУ за членството на Македонија во ЕУ на некој начин би можело да биде онаа јасна гаранција дека уставните измени се последното билатерално барање наметнато од соседите, а понатамошниот пат на земјава да биде мониториран преку исполнувањето на европските критериуми, исто онака како што беше за сите сегашни членки на Унијата.
Во ноември минатата година ЕУ потпиша договор за безбедносно и одбранбено партнерство со Македонија, како прва земја од регионот што потпишува ваков клучен договор. Очекувањата се со овој договор за партнерство да се зајакне отпорноста на земјата и да се овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици и поефикасна соработка во сферата на безбедноста и одбраната.
Несомнено станува збор за стратегиска одлука на ЕУ со која таа сака да обезбеди предвидливост во делот на својата одбрана, но од иста страна и Македонија сака слична стратегиска одлука со Унијата за да ги отстрани сите дилеми околу својата европска перспектива преку јасни и прецизни критериуми. Истовремено, ваквиот нов европски пристап дополнително ќе ги мотивира реформските процеси, пред сѐ во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата, клучни критериуми на кои Европа инсистира.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов е внимателен околу ваквите позиции што сега ги презема македонската дипломатија, повикувајќи се на негативните искуства што земјава ги имала со сите досегашни европски ветувања.
– Не знам дали ЕУ би можела да донесе таква стратегиска одлука, но очигледно тие нема да попуштат со притисокот врз земјава таа да ги направи уставните измени. Тоа неодамна го повтори и еврокомесарката за проширување Марта Кос, така што нашиот маневарски простор е доста стеснет. Од една страна ЕУ сака да се ослободи од билатерализацијата на процесот на проширување, од друга страна притиска Македонија да ги направи уставните измени. Не сум голем оптимист дека официјален Брисел би можел да донесе некаква стратегиска одлука за Македонија – вели Јањатов.
Познавачите на евроинтегративните процеси сметаат дека ако сака, ЕУ може да донесе стратегиска одлука за тоа како ќе постапува понатаму со Македонија и тоа за земјата ќе значи предвидлив процес.
– Договорот за стабилизација и асоцијација требаше да биде мапата по која Македонија ќе се движи кон полноправно членство, но се покажа дека ЕУ почна постојано да ја менува таа мапа со билатерални барања на соседите. Наместо критериумите од Копенхаген, Македонија се соочува со проблем за името на државата, со идентитетот на македонскиот народ, на неговиот јазик, историја и слично, а сето тоа ЕУ дозволи да стане дел и од преговарачката рамка. Тоа е недозволиво, Македонија беше изиграна и редно време е Европа да ја исправи грешката. Нека донесе стратегиска одлука во која ќе стави кој е патот на земјава до крајната цел и на тој начин да нема подоцнежни скршнувања со нови билатерални пречки. Со една таква одлука ќе се укине преседанот за внесување билатерални проблеми во процесот на проширување и така работите ќе се вратат на вистинскиот европски колосек – заклучуваат соговорниците.