На пат одам, леле, За пат прашам Кој пат води, леле, Мариово…
Македонија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, има усвоено серија стратегиски документи што ја дефинираат насоката на енергетската транзиција и ја обврзуваат да придонесе кон европската зелена агенда. Националниот план за енергија и клима (ИНЕКП), усвоен во таа насока, предвидува амбициозни цели: намалување на емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година (во однос на 1990 година) и постигнување 38 отсто учество на обновливи извори во нето-финалната потрошувачка на енергија, односно 66 отсто во бруто-производството на електрична енергија. Пред Владата се поставува дилемата кој пат да го фати, за да обезбеди стабилно снабдување со енергија, пред сѐ тоа се однесува на електричната енергија, а во исто време да ги исполни обврските што се преземени со стратегиските документи.
Иако овие цели се во согласност со европските стандарди, реалноста во македонскиот енергетски систем покажува дека нивната реализација, со постојната инфраструктура и расположливи ресурси, е речиси невозможно остварлива во дадениот временски период. Особено е алармантна обврската за затворање на сите термоцентрали на јаглен до 2027 година. Практичното спроведување на оваа мерка би резултирало со сериозно нарушување на енергетската стабилност на државата.
Зошто не можеме да се откажеме од РЕК „Битола“?
РЕК „Битола“ е столбот на македонскиот електроенергетски систем. Идејата за негово затворање, без обезбедена замена со базни ротациони (со голема инерциона маса) производни капацитети – како што се хидроцентрали, когенеративни постројки на гас или други технолошки решенија што обезбедуваат стабилна и континуирана енергија – е технички и стратегиски неодржлива.
Дури и при трикратно зголемување на инсталираниот капацитет на сончеви и ветерни електроцентрали (на пример 5.000 MW), не може да се гарантира континуирано снабдување со електрична енергија 24 часа дневно, во текот на целата година. Производството од овие извори е променливо, зависно од временските услови и не може секогаш да одговори на моменталната побарувачка. Дополнително, недостигаат и капацитети за балансирање и складирање на енергијата.
Да потсетиме: електричната енергија мора да се произведува во истиот момент кога се троши. Дисбаланс меѓу производство и потрошувачка води до промена на фреквенцијата (од 50 Hz), што може да доведе до дефекти на опремата и дури колапс на целиот енергетски систем – како што се случи во Шпанија и Португалија.
Што можеме да направиме?
Потребно е РЕК „Битола“ да остане во функција најмалку во следните 10-15 години, додека не се изградат и ставaт во функција алтернативни капацитети за базно производство. Изградбата на нови хидроцентрали, гасни когенеративни постројки и евентуално складишта за енергија бара значителни инвестиции, време и институционална координација.
На краток рок, тоа значи дека мора да обезбедиме сигурно и квалитетно снабдување со јаглен. Проблемот со увозот на јаглен од Грција и Албанија – кој се меша со домашен јаглен од осиромашените резерви – не нуди долгорочно решение. Напротив, ги намалува животниот век и ефикасноста на котлите, ги зголемува трошоците на производство и загадувањето и ги компромитира безбедносните аспекти на работењето.

Рудникот „Живојно“ – неизбежна алтернатива
Македонија располага со потврдени резерви на јаглен, посебно во рудникот „Живојно“, каде што се докажани геолошки резерви од над 46 милиони тони (категорија А+Б). Тоа би било доволно за комотно работење на два блока на РЕК „Битола“ во наредните 10 години или еден блок за следните 20 години.
Придобивките од отворањето на овој рудник се повеќекратни:
- Енергетска независност – користење домашен ресурс.
- Техничка ефикасност – јаглен со слични карактеристики на оној од Суводол, проектиран за постојните котли.
- Помало загадување – помала емисија на прашина и штетни гасови при оптимални услови на согорување.
- Пониски трошоци – двојно поевтин јаглен во споредба со увезениот.
- Намалено транспортно оптоварување – без потреба од 200 камиони дневно, кои предизвикуваат загадување (особено низ улиците на општината Новаци) и оштетување на патната инфраструктура.
Европа и климатските обврски
Ќе се постави прашањето: Што ако не ги исполниме обврските кон ЕУ? Одговорот е во веќе предвидените мерки: повисоки давачки за емисија на јаглерод диоксид, такси преку ЦБАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism) и други трговски рестрикции.
Но реалноста покажува дека и најголемите економии како САД, Кина и Индија продолжуваат со користење јаглен како клучен енергетски ресурс. САД дури излегоа од Парискиот договор (под администрацијата на Трамп), а Кина и Индија градат нови термоцентрали. Во Африка истото сценарио е на повидок. Земјите од глобалниот југ со право прашуваат: „Ако вие го користевте јагленот за индустриски развој, зошто нам ни го оневозможувате?“
Македонија треба да води одговорна, но и рационална политика – приспособена на сопствените економски и енергетски реалности.
Клучни препораки:
- РЕК „Битола“ е неопходен за енергетската стабилност на Македонија.
- Неговото работење треба да продолжи барем 10–15 години.
- За таа цел мора да се отвори рудникот „Живојно“.
- Користењето домашен јаглен значи поголема ефикасност, помали трошоци и помало загадување.
- Транзицијата кон обновливи извори е потребна, но мора да биде постапна, реалистична и со соодветни базни капацитети.
Проф. д-р Константин Димитров