Фото: Влада

Планот за раст на ЕУ го гледам како олеснувач кој ги отвора портите кон европскиот единствен пазар и кон слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Оваа структурирана рамка засилена со финансиска поддршка станува клуч за беспрекорна интеграција. Таа го охрабрува усвојувањето на европските регулативи и стандарди, промовирајќи интеграција и во регионот и во ЕУ. Оваа стратегија за двојна интеграција не само што го забрзува пристапниот процес кон ЕУ, туку носи и брзи придобивки – зголемена трговија и инвестиции, подобрена конкурентност и регионална поврзаност. Планот е мост кој ги поврзува аспирациите со реалноста, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на лидерскиот состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан.

Ковачевски, кој е домаќин на состанокот, напомена дека Планот за раст ги надминува економските стратегиии и е реална движечка сила кон просперитетна иднина на Западен Балкан.

– Планот е моќен симбол за непоколебливата посветеност на реформите, решителен чекор за трансфармација и за усогласување на националните економии со високите европски стандарди. Овој инструмент за нас е момент на пробив. Со него, земјите од Запад Балкан ќе ги збрзаат фундаменталните реформи, создавајќи врска меѓу заедничкиот регионален пазар. Во тој процес, пристапот до дополнителна финансиска помош станува клучен елемент. Инструментот за реформи и раст дејствува како финансиски столб со кој се поддржуваат реформите – подвлече Ковачевски.

Претходно, во изјавата пред почетокот на состанокот, премиерот рече дека Планот за раст е конкретна акција на ЕУ за зголемена регионална соработка и вклучување на земјите од Западен Балкан на заедничкиот европски пазар. Потсети дека разговорите почнаа со синоќешната вечера на лидерите и најави усвојување заедничка декларација како заложба за спроведување на активностие од Планот кои, пред се, напомена, се однесуваат на реформите и на унапредување на соработката.

На состанокот во Скопје присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Црна Гора и Косово, Еди Рама, Милојко Спаиќ и Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на БиХ, Срѓан Амиџич, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.

Присутни се и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан, претставници од Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА, Коморскиот инвестициски форум, УСАИД, Фондацијата отворено општество, Центарот за Европа, Атлантскиот совет, како и претставници од повеќе меѓународни финансиски институции како Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка.

Планот за раст на Западен Балкан беше усвоен од Европската Комисија на 8 ноември и со него се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024 – 2027 година. Од овие средства, две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се концесиски заеми обезбедени од ЕУ. Целта на Планот е поттикнување на економскиот раст и забрзување на социо-економската конвергенција.


Копман: Планот за раст нуди значителни придобивки, може да го забрза процесот на пристапување кон ЕУ

Планот за раст нуди значителни придобивки и за постојните 27 земји членки на ЕУ. Повеќе царински олеснувања, подобра гранична инфраструктура, интегрирање на системот за регистрација на компаниите е се она што може значително да го намали трошокот на трговијата, посочи генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија Герт Јан Копман во обраќање на денешниот лидерски состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан.

Тој истакна дека е поттикнат од работата која досега Македонија ја има постигнато и напомена оти смета дека Планот за раст може потенцијално да го промени регионот, но може и да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија.

-Охрабрен сум од работата која што досега Северна Македонија ја има сработено од агендата за реформи. Вашите преговарачи со нашите тимови напредуваат многу и ова не помина незабележано во ЕУ. Денес го гледаме заедничкиот регионален план во рамките на Планот за раст и сметаме дека тоа е клучно за поттикнување на растот но и на зголемување на економијата. Често го споменувам и фактот дека со пристапувањето во ЕУ, трговиите растат. Ние сме тука да ви помогнеме – рече Герт Јан Копман.

Тој додаде дека е охрабрен од личната посветеност на Македонија и потенцираше дека е потребно земјите да соработуваат меѓу себе, да не постојат блокади, бидејќи трошокот од несоработката е многу висок.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во обраќањето на лидерскиот состанок денеска посочи дека за нив се многу поважни зелените ленти, отколку единствената европска зона за плаќање.

– Ова нешто што ние го гледаме како голема иницијатива. За нас се поважни зелените ленти, отколку единствената европска зона за плаќање. Не ја потценувам важноста на единствената европска зона за плаќање, но за нас најважни се зелените ленти. Тоа ќе биде од голема помош за да се креира подобра бизнис средина за нашите луѓе, но и за сите други кои ќе сакаат да инвестираат во овој регион – рече Вучиќ.

Тој напомена дека се отворени за идеи секогаш кога се зборува за регионалниот заеднички пазар. Потенцираше дека е потребно земјите да се усогласат за економските мерки пред да влезат во ЕУ.

– Имам голема молба за сите вас од регионалните организации од ЕУ, да ни помогнете со некои прашања затоа што ќе мора да решиме некои тешки проблеми со кои ќе се соочиме. И знаете дека треба да се усогласиме кога зборуваме за економските мерки и заменски политики пред да влеземе во ЕУ – додаде Вучиќ.

Српскиот претседател потенцираше дека ова може да биде позитивна работа во однос на поврзувањето на регионот, исто како што беше со иницијативата Отворен Балкан.

-Добро е сето она што досега го дискутиравме. Дискутиравме за економијата, за луѓето и тоа е нешто што секогаш ќе ни биде заеднички именител – оцени Вучиќ.