Фото: „Нова Македонија“

Дел од стручната фела го лоцира проблемот исклучиво во лошата казнена политика, која на некој начин ја стимулира оваа негативна и опасна појава. Според нив, единствен излез да се стави крај на палењето стрништа и шуми е да се воведат енормни казни, не 1.500 или 3.000 евра како сегашните, туку 150 или 300 илјади евра, па секој да биде свесен дека ако запали стрниште, притоа загрозува човечки животи и имоти, а државата е принудена да ангажира дополнителни ресурси, некогаш да бара и странска помош, тоа има цена. Таа цена треба да почнат да ја плаќаат несовесните граѓани за во иднина да не страдаат невини луѓе

Некои аспекти на феноменот – пожари: Рекорден број за само 20 дена во март, најголем дел предизвикани од палење стрништа

Главната причина што доведе до трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ во која животот го загубија 59 лица е непочитувањето на правилата и прописите, а истата состојба се повторува во сите сфери на општественото живеење во земјава веќе со години.
Не беше доволен ниту траурот од прерано згаснатите млади животи токму поради пожар, за набрзо повторно да пламне пожар во околината на Струмица, при што благодарение на натчовечките напори на пожарникарите беше спречена нова катастрофа во која можеа да бидат изгубени уште човечки животи и да биде причинета материјална штета.

Стрништата први се палат

Имено, додека земјава тагуваше, несовесни граѓани запалиле стрништа во струмичката околина, а огнот поради силниот ветер многу брзо излегол од контрола и почнал да се движи кон викендичките и населените места. Катастрофата беше спречена буквално во последен момент, а на помош на струмичките пожарникари им дошле и колегите од Гевгелија, Валандово и од Радовиш.
Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов апелираше на свест и совест кај граѓаните и праша уште колку жртви треба да дадеме за да се свестиме дека со оган нема играчка.
– Во денови на голема жалост во Македонија, за жал, наши несовесни граѓани запалија стрниште, а, за среќа, со нашите пожарникари од Струмица со поддршка на пожарникарите од Радовиш, Валандово и од Гевгелија, успеавме за максимално брзо време да го локализираме пожарот без притоа да има изгорени луѓе или не дај боже човечки жртви. Апелирам на свест и совест кај граѓаните. Уште колку жртви треба да дадеме за да се свестиме дека со оган нема играчка и дека треба да бидеме одговорни граѓани за да не ни се случуваат катастрофи – рече Костадинов.
Истрагата покажа дека причина за пожарот е палењето стрништа, без оглед што тоа е казниво со закон. Малите казни и почесто непронаоѓањето на потпалувачите дополнително го стимулираат овој нелегален процес.
Според податоците на Центарот за управување со кризи, во само еден ден овој месец, односно на 21 март, се регистрирани 28 пожари, а од почетокот на месецов заклучно со 21 март се регистрирани вкупно 484 пожари на отворен простор што биле од пошироки размери.
– Сите пожари започнаа од стрништа, земјоделски земјишта на кои се палат остатоци од земјоделски култури или меѓи обраснати со трева, трње, грмушки и слично – информираат од ЦУК.
Земјоделските експерти предупредуваат дека со палењето на стрништата не само што постои опасност од пожари од пошироки размери туку се оштетува и земјиштето што потоа помалку раѓа.
– Оваа пракса има низа негативни последици што нашите земјоделски производители не ги знаат или, пак, намерно ги занемаруваат. Со палење на стрништата доаѓа до долготрајно уништување на земјиштето, особено ако се изведува секоја година. Се убиваат корисните микроорганизми во земјиштето, кои се важни за рамнотежа и создавање хумус. Потребно е земјиштето да се изора со остатоците, за тие да скапуваат и да ослободуваат хранливи материи за почвата. Тоа е клучно. Пепелта само ја испостува земјата и влијае врз помал принос. Покрај тоа, она што е многу поопасно и од година на година се потврдува е дека огинот од нивата може да се прошири и да предизвика пожар од поголеми размери при што може да настрадаат луѓе – посочуваат земјоделските експерти.

Фото: „Нова Македонија“

Само со драконски казни ќе се демотивираат потпалувачите

Дел од стручната фела проблемот го лоцира исклучиво во лошата казнена политика, која на некој начин ја стимулира оваа негативна и опасна појава.
– Фрапантен е податокот дека само во 20 дена од март, кога немаше ниту горештини, забележани се скоро 500 пожари, од кои речиси 90 отсто се предизвикани од палење стрништа. Не сакам ниту да помислам што ќе се случи кога температурите ќе отидат над 40 степени, кога ќе се активираат дрвокрадците, урбаната мафија што поради свои цели ќе почнат да ги палат шумите. Малку ни беше кочанската трагедија, па уште си играме со оган. Единствено чаре да се стави крај на палењето стрништа и шуми е да се воведат енормни казни, не 1.500 или 3.000 евра како сегашните, туку 150 или 300 илјади евра, секој да биде свесен дека ако запали стрниште, притоа загрозува човечки животи и имоти, а државата е принудена да ангажира дополнителни ресурси, некогаш да бара и странска помош, тоа има цена. Таа цена треба да почнат да ја плаќаат несовесните граѓани за да не страдаат невини луѓе – велат познавачите.
Според нив, без оглед што во повеќе наврати се одвивале едукативни кампањи меѓу земјоделците за опасностите од палењето на стрништата, тие и натаму продолжуваат со истата практика.
– Имавме неколку кампањи меѓу земјоделците за опасностите од палење стрништа, но очигледно тие не даваат плод. Колку и да е непопуларно, сепак само казните ќе ја променат оваа ситуација. Секоја локалната власт има податоци за земјоделските површини и шумите на нејзина територија, сопствениците им се познати на надлежните, така што точно се знае кој пали бидејќи не може секоја година пожарите да се појавуваат на исто место. Во време на модерни технологии, секоја општина може да си дозволи набавка на дрон со кој би се правело контрола од небо и би се снимиле потпалувачите. Доволно е некој од административците да се обучи да ракува со дрон, има млади луѓе што лесно можат да го совладаат тоа, да излезе на терен и на самото место ќе ги сними потпалувачите. Дополнително, законодавецот мора да ја промени казнената политика, па наместо симболични, тие да добиваат драконски казни што ќе влијаат демотивирачки врз сите. Што се за него 3.000 евра казна ако од продадени опожарени дрва прави над 30.000 евра профит? Но кога казната ќе биде толкава да биде принуден да си го продава имотот, тогаш верувам дека секој добро ќе се замисли дали ќе продолжи да ги крши законите. И тоа треба да се преслика на сите области, не само за палењето стрништа и шуми, туку и за градбите, за објектите, за транспортот, за здравството… Не се Швеѓаните, Германците или Французите подисциплинирани од нас, туку високите казни ги прават такви – заклучуваат познавачите.