За да се подобри севкупната состојба во борбата против корупцијата, не само за бизнис-секторот, потребни се големи напори. Најавите и преструктурирањата започнаа, како што се промени во институциите, градење ефективни контролни механизми против корупцијата во институциите, програми за што е можно поголема дигитализација, имплементација на законите од областа на борбата против корупцијата во вистинска смисла, работа со граѓаните за потенцирање на штетноста од корупцијата, како и поголема транспарентност и отвореност на институциите, вклучувајќи го и делот за дискреционите овластувања. Генерално кажано, корупцијата се крие во темнината, а најефикасна алатка за нејзино сузбивање е транспарентноста
Колосалниот предизвик на борбата против корупцијата
Македонија досега неконтролирано тонеше во спиралата на корупцијата. Високата корупција се чувствуваше на очиглед на целата јавност. Институциите и надлежните беа „и слепи и глуви“ за материјалните докази што се појавуваа и без посебни специјални (кривичноправни мерки) истражувања по тој основ. А, пак, и кога имаше такви посебни институционални мерки, тие беа игнорирани, а востановените коруптивни практики си продолжуваа и се засилуваа.
Бизнисот и економијата тешко настрадаа
Стопанската комора на Македонија направи извонредно истражување, преку непосредна широка анкета низ бизнис-субјектите, и пластично ја отслика состојбата со корупцијата во бизнисот.
Имено, вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција од два до пет пати во текот на годината, а повеќе од 20 отсто еднаш. Притоа, ниту едно коруптивно барање не е пријавено во постапка на Јавното обвинителство или кога некој вршел ревизија, во такви случаи немало нудење мито. За да ја разработиме подлабински темата, која дефинитивно влијае на економијата и го намалува економскиот раст, „Нова Македонија“ побара стручни мислења од реномирани професори и експерти за корупцијата во Македонија. Во колкава мера му штети на бизнисот, дали го намалува економскиот раст? Како да се елиминира корупцијата? Како компаниите да сфатат дека поткупот не е единствена можност да го направат својот бизнис успешен?
Универзитетскиот професор Ѓорѓи Сламков вели дека резултатите од анкетата на Стопанската комора на Македонија се поразителни за владеењето на правото во Македонија, но тоа е реалноста досега. Тоа ќе послужи сите форми и облици на тој феномен да влезат во радарот на новите власти, кои се решени со различни форми и методи да излезат накрај со оваа општествено девастирачка појава.
Професор Ѓорѓи Сламков: Ништо од постојната регулатива за борба против корупцијата не се имплементирало во пракса
– Корупцијата е навлезена во сите сегменти на живеењето, вклучувајќи го и приватниот сектор. Анкетата презентира дека дури на две третини од компаниите им било дадено на знаење дека од нив се очекува нешто, дали подарок, погодност или слично, за да добијат нешто што според закон треба да се случи. Притоа, 61 отсто од компаниите истакнале дека во текот на годината повеќепати им бил побаран поткуп. Покрај тоа, 42 компании изјавиле дека нема ефикасна заштита на оние што пријавуваат барање поткуп. А притоа треба да се има предвид дека во Македонија има закон за заштита на укажувачи чија цел е токму заштита на лицата што се охрабруваат да пријават корупција, неправилности и незаконски дејства и преку вистинска имплементација на тој закон треба превентивно да се дејствува за и други лица да пријавуваат корупција. Овој податок кажува дека законот не се имплементира во пракса – истакнува Сламков.
Според него, ставањето на компаниите во состојба да мора да даваат поткуп за да работат во целост ја изместува смислата на бизнис-функционирањето и во таква ситуација странските инвеститори ќе ја избегнуваат Македонија, бидејки тие меѓу другото бараат правна сигурност и предвидливост.
– За да се подобри севкупната состојба во борбата против корупцијата, не само за бизнис-секторот, потребни се големи напори. Најавите и преструктурирањата започнаа, како што се промени во институциите, градење ефективни контролни механизми против корупцијата во институциите, што е можно поголема дигитализација, имплементација на законите од областа на борбата против корупцијата во вистинска смисла, работа со граѓаните за потенцирање на штетноста од корупцијата, како и поголема транспарентност и отвореност на институциите, вклучувајќи го и делот за дискреционите овластување. Генерално кажано, корупцијата се крие во темнината, а најефикасна алатка за нејзино сузбивање е транспарентноста – укажува Сламков.
Тој нагласува дека оваа состојба се надминува, но за таа цел се потребни суштински чекори, волја, решителна неселективна примена на нормативна и институционална рамка, одговорност и отчетност во работата на носителите на јавни функции, а со минимални корекции во оваа област и постигнување интегралност во борбата на повеќе општествени нивоа, ќе ги постигнеме посакуваните резултати.
Ненормалното станало – нормално!?
Како што вели претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров, анкетата на Стопанската комора само го потврди она што сите добро го знаеме, дека земјава плива во мито и корупција.
– Податокот дека оние што учествувале на тендери му плаќале од 6 до 10 отсто мито на оној што одлучувал по тендерот само зборува дека корупцијата станала „нормална“ појава и ретко кој граѓанин во земјава ќе поверува дека таа не постои. За жал, корупцијата е најразновидна и присутна насекаде во земјава. Не се само тендерите извор на корупцијата, тука се и непотребните бирократски процедури и обврски на компаниите, па често се случува бизнисмените да одлучат да им понудат некаква награда на инспекторите наместо да ги почитуваат законите – објаснува Димитров.
Според него, еден од начините за намалување на корупцијата, како потсетник и мал придонес до најавените политики на новите власти, е, „поедноставување на процедурите и намалување на бирократските процедури во сите закони и постапки“.
– Честопати се случува самите инспектори или друг вид државни службеници да се свесни дека некоја законска обврска е непотребна и бесмислена, па наместо изрекување некаква прекршочна санкција, се задоволуваат со некаква награда – додава Димитров.
Тој додава дека сложените бирократски процедури се особено голем товар за микро и малите компании, па тие многупати свесно не ги почитуваат, додека за голем број законски обврски никогаш не чуле, а проблемот го решаваат со нудење мито на инспекторите.
– Ваквата ситуација доведе до заклучок кај бизнисмените дека е поевтино и поедноставно да го поткупат службеникот отколку да ги почитуваат законите. Тоа доведува и до нелојална конкуренција помеѓу оние што ги почитуваат законите и оние што се подготвени да понудат мито. Значи, за корупцијата и митото се „заслужни“ не само државните службеници туку и бизнисмените, а удел во сето тоа има и законодавството, кое кога ги носи законите воопшто не размислува дека тие непотребни обврски не само што му штетат на бизнисот туку претставуваат и основ за развој на митото и корупцијата – укажува претседателот на собранието на ОРМ.
Тој посочува дека поткупот и корупцијата се негативна појава во општеството и треба сите заеднички да се бориме против тоа. А, наедно, според него, тоа ги одвраќа странските и домашните инвеститори и дава лоша слика за бизнис-опкружувањето во Македонија.
– Ваквата состојба дава лоша слика не само за државните службеници туку и за претприемачите во земјава. Тоа доведува до одвраќање на младите од идејата за сопствен бизнис, бидејќи не сакаат да бидат „лошите момци“. За решавање на овој проблем е потребна политиката на „морковот и стапот“. Само со заострување на казните и репресивни мерки не се решава проблемот. Истовремено мора да се олеснат обврските и процедурите за да не бидат основ за развој на митото и корупцијата – потенцира Димитров.
Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии: Корупцијата ја генерираат високите државни функционери и нивните бизнис-пријатели
Според Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, нема дилема дека корупцијата е метастазирана насекаде во македонското општество, ама треба да се запрашаме и како дојде до тоа, за да може полесно да се реши, треба и анамнезата да биде прецизно кажана, заедно со генезата на проблемот.
– Дојде така што во раните 1990-ти, за време на транзицијата, мала група на моќници, во спрега на носители на високи државни функции и носители на висок бизнис во Македонија, криминално се збогати прекуноќ, присвојувајќи ги добрата во општествена сопственост, односно фабриките и фирмите што претходно ги градеа работниците со здружен труд со децении, и никој од нив не одговараше за тоа. Не само што не одговараа туку станаа и угледни бизнисмени, а некои од нив потоа беа наградувани. Малку подоцна, кога се приватизираа големите државни монополи, јавна тајна е дека премиери заработуваа по десетици милиони евра, ама повторно никој од нив не одговараше. Така што, бизнис-заедницата, особено крупниот капитал, не е баш невина и наивна жртва на корупцијата. Да, малите и средните бизниси страдаат поради корупцијата, ама големите бизниси се збогатија токму поради неа. И сѐ додека не се сфати тоа, ништо нема да се промени. Рибата смрди од главата. Високата корупција не ја прават чиновниците или шалтерските работници, корупцијата ја прават високите државни функционери и нивните бизнис-пријатели. Сѐ додека не видиме некои од крупните бизнисмени и политичари да бидат ригорозно санкционирани во коректна законска процедура, и не само тоа туку и да им биде конфискуван нелегално стекнатиот имот, работите ќе си продолжат по старо, а ваквите анкети ќе служат за замајување на јавноста – објаснува Јовановиќ.