По падот на француската влада на премиерот Мишел Барние
Политичкиот земјотрес по непромисленото распуштање на Националното собрание доведе меѓу другото до реплики, како и гласање недоверба на владата на Мишел Барние. Сега треба да се чекаат репликите за „земјотресот“ предизвикан од гласањето недоверба на владата и од очекуваната оставка на Мишел Барние, нешто на што сите го сметаа. Првата реплика треба да дојде од Елисејската палата, каде што претседателот Емануел Макрон, тукушто вратен од својата државна посета на Саудиска Арабија во средата вечерта, веднаш ги повика своите тимови. Состанок во последен момент, за да му соопшти на своето блиско опкружување дека има намера да им се обрати на Французите, на 5 декември за време на свечен говор во вестите во 20 часот.
Иако претседателот на Франција знаеше, во последните денови, дека Националниот собир на Марин Ле Пен и Новиот народен фронт ќе ги здружат гласовите за да ја соборат владата на Мишел Барние, тој сепак беше изненаден од бројот на гласовите на пратениците. Со 331 глас против премиерот, многу повеќе од потребните 289, Макрон смета дека „во Собранието е формиран антирепубликански фронт“.
Десниот блок, а и левицата, на нишан на Макрон
Така, на нишан на Макрон, се разбира, се најде десниот блок, но и меланшонизираната левица, во пакет со Социјалистичката партија.
– Да се мисли дека оваа партија владееше пред седум години… – се жалат блиски лица до шефот на државата, кој, како и многу други макронисти, и самиот доаѓа од редовите на социјалистите и на некој начин се виновни за нејзините слабости.
Додека Барние се очекува официјално да ја поднесе оставката на неговата влада до Макрон, студениот гнев на претседателот наведува неколку негови соговорници да помислат дека тој нема да именува левичарски премиер. Одлука што доколку биде потврдена, несомнено веројатно ќе врати одредена стабилност во Собранието. Каде што Марин Ле Пен уверува дека сака „да му дозволи на идниот станар на Матињон да работи“ на „буџет прифатлив за сите“.
Одлука мотивирана од „гласот на Французите и нивната заштита“
Гостинка во вестите во „20 часот“ на TФ1, двојната финалистка на претседателските избори, ја мотивираше својата одлука со еден единствен критериум: „Заштита на Французите“. Жалејќи што била „принудена да ги додаде“ гласовите на РН „на оние на Бунтовна Франција“, избраната функционерка од Па-де-Кале тврди дека „немало други решенија“, освен гласањето недоверба. Иако Марин Ле Пен „не бара оставка од Емануел Макрон“, таа оценува дека тој „во голема мера е одговорен за моменталната ситуација“. Потпишувајќи во исто време во една париска книжарница, нејзиниот млад наследник Џордан Бардела беше воодушевен што „успеа да придонесе неговите гласачи да се почитуваат“ со тоа што го спречи усвојувањето на „буџетот за рецесија“.
Од другата страна на политичкиот спектар, славењето беше краткотрајно за Новиот народен фронт (НФП). По неколку неуспешни предлози за гласање недоверба под водство на Елизабет Борн, потоа Габриел Атал, левицата немаше време да ја вкуси својата победа отстапувајќи пред поделбите, нејзината најрадикална маргина бараше итно заминување на шефот на државата.
– Се случи неизбежната цензура. Дури и со Барние на секои три месеци, Макрон нема да издржи три години – рече Жан Лук Меланшон, кој синоќа требаше да биде гостин во „20 часот“ на TФ1, несомнено во пресрет на претседателскиот говор.
Шефот на социјалистите, Оливие Фор, го повика Емануел Макрон „конечно да ги слушне Французите“. Потоа „да се прифати идејата дека постои левичарски премиер отворен за консензус“.
Во централниот блок се слушнаа многу малку гласови. Освен срамежливиот коментар на Едуар Филип, првиот премиер на Макрон, кој испрати „пријателски и благодарен поздрав“ до Мишел Барние, додека чека да зборува повеќе овој четврток, на БФМТВ, каде што ќе биде гостин на крајот од денот. Освен ако говорот на шефот на државата не ги осуети плановите на неговиот поранешен премиер, кој сега се стреми да го замени во Елисејската палата.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Падна француската влада, колку ќе се чека за пад на францускиот претседател?
Дури и со нов Барние на секои три месеци, Макрон нема многу да издржи
Францускиот парламент ѝ изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние. И десничарските и левичарските пратеници ги здружија силите за да го поддржат предлогот за недоверба на премиерот Мишел Барние и неговата влада. Имено, недоверба на Владата ѝ изгласаа 331 (од 574) пратеник во францускиот парламент. По објавувањето на резултатите, претседателката на претставничкиот дом, Јаел Браун-Пиве, изјави дека премиерот сега е должен да му ја предаде оставката на претседателот Макрон.
Куриозитет е фактот што ниту една француска влада не ја изгуби довербата од периодот на Жорж Помпиду во 1962 година. Нови избори уставно не се можни пред јуни, а францускиот претседател Макрон сега ќе се соочи со голем предизвик за именување нова влада во парламент што е длабоко поделен. Падот на француската влада влече корени во одлуката на претседателот Макрон да го распушти парламентот во јуни, што доведе до предвремени избори. Овие избори резултираа со парламент поделен на три приближно еднакви групи без преовладувачко мнозинство, а Макрон не сакаше да им верува на левите или на десните опции, туку на центристите блиски до него. Жан-Лук Меланшон, кој ја предводи крајно левичарската партија Франција неосвоена (ЛФИ), која е дел од поширокиот левичарски сојуз, изрази задоволство од падот на владата.
– Дури и со нов Барние на секои три месеци, Макрон нема да издржи три години – додаде тој, мислејќи на преостанатото време на претседателот Макрон на функцијата. Следните претседателски избори се закажани за април 2027 година, но пред гласањето за доверба, сѐ погласно се повикува Макрон да поднесе оставка. Сепак, засега тешко е да се поверува дека Макрон ќе поднесе оставка, а бидејќи ја нема поддршката на левицата или на екстремната десница, премиерот и владата што тој ќе ја назначи најверојатно нема да ја имаат довербата на парламентот, што може да го парализира францускиот политички систем до нови избори, кои исто така не гарантираат излез од оваа ситуација. Францускиот претседател Емануел Макрон има намера брзо да постави нов премиер откако парламентот ѝ изгласа недоверба на владата. Останува да се види дали десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен ќе биде подготвена да го поддржи предложеното име на Макрон или ќе се обиде да го собори кандидатот со итно гласање недоверба, најверојатно во согласност со левицата. Н.М.