Бугарскиот премиер Кирил Петков задутре ќе реферира за резултатите од контактите со македонскиот државен врв, на барање на најголемата опозициска партија ГЕРБ, на неговиот претходник Бојко Борисов. Обраќањето на Петков ќе биде прва точка на собраниската седница закажана за петок.
Петков и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по вчерашната заедничка владина седница во Софија, оценија дека атмосферата на изразена политичка волја и духот на искреност и отвореност што преовладува на досегашните средби, водат кон заеднички прифатливи решенија за прашањата од интерес на Македонија и Бугарија.
Тие по заедничката прес-конфернција истакнаа дека потпишаните договори за цел го имаат економскиот развој на регионот, како и дека добрососедството ќе биде на пиедестал. Петков и Ковачевски наведоа и дека се поставени основи за брз напредок во меѓусебните односи, што треба да придонесе за пронаоѓање на компромис за спорните прашања.