Претседателот Стево Пендаровски прими формално известување од Собранието дека е констатирана оставката на Зоран Заев од премиерската функција, која повлекува оставка на целата Влада, oбјави МИА, повикувајќи се на информации од Кабинетот на шефот на државата. Собранието претходно ја констатира оставката на денешната седница.
Претседателот Стево Пендаровски според член 90 од Уставот е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот за состав на Влада на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски, по констатирањето на оставката на Заев.
По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би следувало избор на неговата влада на собраниска седница.