На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека италијанскиот претседател Серџо Матарела кој престојува во официјална посета на Македонија.
Како што соопшти прес-службата на Кабинетот напретседателот, Пендаровски и претседателот Матарела одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.
Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Италија, политиката на проширување на Европската Унија, сојузништвото во НАТО и безбедносните предизвици во регионот и во Европа.
Претседателот Пендаровски, изразувајќи задоволство од традиционалниот интерес и континуираната јасна и безрезервна поддршка на Италија за македонските евроинтеграции, порача дека интегрирањето на Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.
По завршувањето на пленарниот состанок на делегациите, предвидено е претседателот Пендаровски и претседателот Матарела да одржат заедничка прес-конференција.