Фото: Андреј Ковачев/ фејсбук

Бугарија категорично не се однесува со Македонија, како што се однесува Русија со Украина, вистината е спротивна, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковчев во настап за бугарската „БТВ“.

– Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во јануари или февруари имал средба со нивни функционери, на која станало јасно дека тој е иницијатор на „црните листи“ со бугарски граѓани – изјави европратеникот Андреј Ковачев.

– Бевме толку возбудени што не сметавме дека е потребно да ги разјасниме нашите проблеми надвор од територијата на Бугарија. Мислевме дека на братски начин ќе успееме да го надминеме повеќедецениското несогласување, омразата и на тој начин самите да ги надминеме проблемите – потенцира Ковачев.

– Повеќе од 25 години молчиме на оваа тема, но ве уверувам дека во секоја декларација во ЕУ пишува за дискриминација на Бугарите – додава европратеникот.

– Човековите права се клучни за ЕУ. Во Скопје ако тврдиш дека си Бугарин е проблем. Оваа земја е кандидат за Европската Унија. Го повикувам Националното собрание итно да ги усвои измените на законот за бугарско државјанство – рече тој.

– Имаме земја во која моментумот од југословенската идеологија продолжува и сега. Не велам дека ние сме совршени, но има многу проблеми и кај соседите. И двете земји имаат долг пат – категорично рече Ковачев.

Според него, историската комисија е апсолутно блокирана и не работи. „Вистината за историјата не може да ги дискриминира луѓето што живеат сега. Нема шанси да не натерате да замолчиме пред дискриминацијата и историските факти“ – заклучува европратеникот Ковачев за бугарската „БТВ“