ЕКСКЛУЗИВНО: 600 ДЕНА ВОЈНА МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ХАМАС
- И шестотини дена по нападот врз овој јужен град во Израел уште се чувствува мирисот на крв, на барут, на тешка атмосфера обременета со неизвесност. Жителите на овој град велат дека тие не се справуваат со посттрауматски синдром, туку живеат во постојана траума. И покрај тоа, цврсто се решени да го продолжат животот во Сдерот, зашто таму е нивниот дом
- Преживеана од нападот ни кажува како терористите облечени во униформи на израелската армија ѝ упаднале дома
- Ако мислите дека е лесно да шетате по улички и тротоари каде што биле убивани недолжни цивили, па дури и деца, хммм, се лажете, не одат нозете, верувајте
Христо Ивановски (Наш специјален известувач од Израел)
Со Мајкл Голдштајн, познат адвокат не само во Израел, седиме во еден ресторан во центарот на Ерусалим. На вечерата сме заедно со неговата сопруга Изабел и почесниот конзул на Израел во Македонија, Градимир Шумковски. Вечерата е пријатна, со марокански рибен специјалитет и розе вино направено од енолог од една позната македонска винарница.
– Ова е само еден мал доказ дека соработка меѓу Македонија и Израел е можна на многу полиња – вели Мајкл. Луѓе како него го прават тоа и се надеваат на многу повеќе. Шумковски го потсетува и на соработката со ЕЛБИТ-системи, како и дека туризмот може да биде една голема отворена врата за соработка. Но за тоа се потребни и авионски летови, за што постои и меѓудржавен договор. Се нагласуваат и медицинската соработка и брзата реакција на израелскиот тим доктори по несреќата во Кочани. Можност на нашите израелски пријатели уште еднаш да им се заблагодариме.
Додека се одвива разговорот, погледот ми шета кон луѓето што излегле во квечерина на прошетка. Времето е прекрасно, а утре ќе биде 36 степени. Не може, а да не се забележи дека има многу млади двојки што се своевиден декор на израелската реалност – мажот ја турка количката, жената го прегрнала, а тој на рамена носи автоматска пушка.
Израел е во голема војна од 7 октомври 2023 година кога терористички групи на Хамас од Газа влегоа во пограничниот појас и направија масакр каков што Израел не памети во поновата историја. Кога дојдов во Израел се навршија точно 600 дена од почетокот на таа војна и воениот одговор на израелската армија во Појасот Газа. И ако многу светски агенции информираат од минута на минута за состојбата во Газа, многу малку се пишува за тоа што се случувало и што се случува во Израел сега. Дали Израел ја загуби пропагандната војна? Мојот впечаток е таков, но не мора да сум во право. Кога го пишувам ова се сеќавам и на нашата македонска сага од 2001 година и за тоа како големите светски медиуми пристрасно известуваа на штета на македонската држава. Но тоа е војна – првиот куршум ја убива вистината, а потоа куршумите, бомбите, ракетите… понекогаш не избираат цели.
Мајкл има четири сина, а три му се во израелската армија (ИДФ) и во моментов се на фронтот во Газа. Кога го прашав како се чувствува, само го гледав во неговите пробивни сини очи и таму го барав одговорот. И тој како и илјадници други татковци и мајки се надева дека мирот ќе дојде, дека војната наеднаш некако ќе запре, но… надежта по тој крвав пир на Хамас е спласната, речиси и да ја нема. Сите со кои разговарав ми истакнуваа дека мир со Хамас не може да има и дека таа терористичка организација, која е сериозно растурена, е фактичка влада на Газа.
ОДАМ НА ЈУГ, ШТО ЛИ ЌЕ ВИДАМ?
Во раните утрински часови ние, група македонски новинари предводени од амбасадорката во заминување на Израел во Македонија, Симона Франкел, одиме на југот на земјата кон најголемиот град во тој дел – Сдерот. Сум го слушал многупати на вести и знам како информација што се случи таму на 7 октомври. Сега имам можност да видам на самото место. Од Ерусалим до Сдерот нѐ води одличен автопат преполн со возила и многу товарни камиони. Земјата функционира беспрекорно и во воени услови. Забележливо е дека на стотици места на автопатот беа закачени плакати со натпис – „Донесете ги дома“. Тоа е големата израелска рана – 58 луѓе што се повеќе од 600 дена во заложништво на Хамас. Активирано е едно огромно граѓанско движење за нивно враќање. Организаторите велат – ние не прашуваме како, туку сакаме нив да ги донесат дома. Овој цврст повик, секако, е и притисок врз владата на премиерот Бенџамин Нетанјаху.
Во Сдерот влегуваме низ еден кружен тек, а возачот нѐ опомена – запомнете го ова место! Подоцна гледавме видеоснимки од безбедносните камери каде што се гледа како терористите токму од тоа место на 7 октомври влегуваат со камионети во градот. Сдерот, на само еден километар од Газа, во тој момент бил на утринска молитва, шабат, а многумина верници во тој период не ни носеле со себе мобилни телефони според верските обврски. За жал. Токму во тие моменти биле испратени пораки дека е активиран црвен аларм за напад.

– Го слушнав алармот и веднаш отидов во безбедносната соба. Ние очекувавме ракетен напад, но ни се случи Хамас да ни влезе во домовите – ни кажува жителка на Сдерот, инаку волонтерка во Центарот за отпор, кој работи со лица што страдаат од посттрауматски синдром.
Терористите влегувале од куќа во куќа, од стан во стан облечени во униформи на израелската војска и биле препознаени само по тоа што зборувале арапски и постојано извикувале: „Алаху акбар“. Тоа само го зголемило хаосот што се одвивал на улиците, каде што не се знаело кој врз кого пука. Била нападната полициската зграда, која целосно е разурната во престрелките, а денес е споменик на тој крвав ден. Запирани се цивилни возила и вршени се егзекуции. Без никакви емоции, ликвидирани се и деца.
Во Израел сите домови имаат безбедни соби со метални заштитни врати, а ги има и на секоја автобуска станица и на јавни места. Правилото вели дека во Израел имаш 15 секунди откако ќе се вклучи алармот за активирање на железната купола да заминеш во засолниште. Тој ден, најверојатно поради диверзија, еден дел од засолништата не ги активирал заштитните врати, што значело сигурна смрт за повеќе жители.
– Долго време страдав од посттрауматски синдром, вели К.А. Вработена во центарот, но конечно решив да работам овде и да си помагам и себе и на другите – раскажува таа. На 7 октомври Хамас влегол во нејзиниот стан, но таа, сепак, успеала навреме да се засолни.
– Едно ќе кажам, ние не живееме посттрауматски синдром, ние сме во постојана во траума! – додава таа.
НЕШТО ТЕШКО СЕ ЧУВСТВУВА ВО ВОЗДУХОТ
Нејзините зборови долго ми ги прогонуваа мислите. Исто како и детските цртежи насликани додека тие биле во засолништа. Детските солзи најдлабоко печат.
Излегувам од центарот и шетам по совршено средените и чисти улици на Сдерот. Сонцето пеколно пече. Доаѓам до местото каде што некогаш била полициската станица, а сега еден бетонски споменик е обележје на тој настан. И спомен-плоча што кажува кој бил убиен таму. Си го поставувам прашањето – зошто е извршен таков масакр врз цивили? Прашањево има поголема тежина ако се знае дека многу Палестинци од Газа секојдневно доаѓале на работа во Сдерот и околината. Па тој е на само еден километар растојание. Очигледно, некој имал намера тоа растојание ментално да го обликува како непроодна црна дупка меѓу два народа. Дали Хамас успеал? Дали е возможно да се изгради сега мост и да се почне нов живот во мир?
Над глава ми брчат моторите на израелските дронови, кои постојано се активни. Одвреме-навреме може да се почувствува мирис на барут. Па, да си велам, ние сме на само еден километар од фронтот. Што ли се случува, пак, таму?
Чувствувам дека врелиот воздух е уште потежок од оваа атмосфера што го обзела Сдерот. Можно ли е да се живее тука без страв, без чувство дека секој момент може да те снема?
– Зошто живеам овде? Затоа што е ова мој дом. Ова бил и дом на моите предци и јас сум решена тука да останам. И моите деца. Верувам дека еден ден ќе биде подобро, но не со Хамас. Затоа останувам тука – ни кажува на заминување К.А.
– Се извинувам, но морам да се сретнам со една жена на која ѝ е потребна мојата помош. До гледање! До гледање и ви посакувам сѐ најдобро!
Ќе направам пауза за ручек, а потоа одам не толку далеку, но уште поблиску до границата со Газа.




(Продолжува: во утрешниот број „Кон границата со Газа – еукалиптуси натопени во крв“)