Фото: ЕПА

Воената сила на САД на Блискиот Исток

Американското воено присуство на Блискиот Исток останува едно од најголемите и најкомплексни воени системи надвор од територијата на САД. Според медиумски и аналитички извори, во регионот се распоредени меѓу 40.000 и 50.000 американски војници, заедно со значајни воздушни, поморски и копнени капацитети.
Присуството е распоредено во повеќе држави и опфаќа постојани бази, повремени локации и поморски сили во околните мориња.

Распоред на американските сили

Најголемата американска база во регионот е воздухопловната база Ал удеид во Катар. Таму се стационирани над 10.000 војници, а базата претставува клучен центар за воздухопловни операции и командување.
Во Бахреин се наоѓа седиштето на Петтата флота на САД, сместено во поморската база НСА во Бахреин. Оваа флота е задолжена за операциите во Персискиот Залив, Црвено Море и во делови од Индиски Океан.
Во Кувајт, базите Камп Арифџан и воздухопловната база Али ал Салем играат клучна улога во логистиката и воздушната поддршка.
Во Ирак, воздухопловната база Аин ал Асад останува важна точка за американските сили во рамките на коалициските операции.
Јордан е домаќин на воздухопловна база Мувафак салти, додека во Саудиска Арабија се користи воздухопловната база Принц Султан. Во Обединетите Арапски Емирати функционира воздухопловната база Ал дафра.
Според изворите, САД имаат пристап до околу 15–20 воени локации во регионот, од кои дел се постојани, а дел се користат по потреба.

Воздушна моќ

Американското присуство вклучува значителен број борбени авиони. На регионалните бази се распоредуваат авиони од типот „Ф-35“, „Ф-15“, „A-10“ и електронски борбени авиони „EA-18“. Во периоди на зголемени тензии, бројот на американски воени летала во регионот, според медиумски процени, може да надмине и стотина.
Воздушните сили се дополнети со транспортни авиони, беспилотни летала и системи за воздушно набљудување.

Поморска моќ во Заливот

Американската морнарица редовно одржува силно присуство во регионот. Во различни периоди, во Персискиот Залив и во околните води се распоредуваат носачи на авиони како УСС „Џералд Форд“ или УСС „Абрахам Линколн“, придружувани од разурнувачи, крстосувачи и подморници.
Овие поморски сили обезбедуваат воздушна поддршка, ракетна одбрана и контрола на клучните морски патишта.

Ракетна одбрана и копнени капацитети

Покрај офанзивните капацитети, САД имаат распоредено и системи за противракетна одбрана, вклучувајќи ги системите „патриот“, како и други средства за заштита на базите и сојузниците.
На копно се присутни логистички единици, оклопна техника, специјални сили и советнички тимови, кои работат со локалните армии.
Американската воена архитектура на Блискиот Исток има повеќеслојна функција. Од напад на одредена цел, до одвраќање, или брз одговор на кризи, па сѐ до заштита на поморските маршрути и поддршка на регионалните партнери.
Иако бројките варираат во зависност од безбедносната состојба, едно останува константа, САД ја задржуваат способноста за брза проекција на сила во регионот преку мрежа од бази, флоти и воздухопловни капацитети, кои се меѓу најмоќните во светот и сакаат да го демонстрираат тоа пред светот и преку примерот со нападот на Иран. Р.С.


Русија, преку заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, отворено застана зад Иран

Поддршка за Техеран од Москва

  • Москва отворено застана во одбрана на Техеран по најновите напади врз Иран, нагласувајќи дека обвинувањата за развој на нуклеарно оружје се користат како изговор за политички и воени притисоци. Заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, Константин Косачов, остро реагираше на, како што ги нарече, „неиспровоцираните удари“ и обидите за мешање во внатрешните работи на Иран

Заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, Константин Косачов, во името на официјална Москва, прв излезе со став на неодобрување на нападите на САД и Израел над Иран. Тој на својот телеграм-канал потсети дека уште во 1984 година, израелскиот весник „Марив“ објавил текст во кој се тврдело дека Иран е во завршна фаза на создавање нуклеарна бомба.
– Малку нешта се сменија за 42 години. Иран до денес нема создадено нуклеарна бомба, бидејќи тоа не било, ниту е дел од неговите планови – истакна рускиот функционер.
Тој нагласи дека Израел и САД продолжуваат да ја користат истата теза како оправдување за поддршка на странска опозиција, воведување санкции и воени интервенции.

Москва: Прекршен е нуклеарниот договор!

Заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, Константин Косачов, потсети дека токму САД се повлекоа од т.н. нуклеарен договор со Иран, кој беше потврден со резолуција на Совет за безбедност на Обединетите нации.
Тој наведе и дека во ноќта меѓу 21 и 22 јуни минатата година, САД заедно со Израел извршиле бомбардирање на ирански нуклеарни објекти, кои повеќепати биле сертифицирани од Меѓународна агенција за атомска енергија како усогласени со обврските од Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
– Патот на бомбардирањето е пат кон бездна – предупреди Косачов, додавајќи дека Иран, како суверена држава, има право на воен, политички и економски одговор.

Ормускиот Теснец – нова точка на судир

Во својата изјава, заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, Константин Косачов, се осврна и на ситуацијата околу Ормускиот Теснец, откако Иран најави затворање на поморскиот премин како одговор на заканите.
Според него, теснецот опфаќа 12 наутички милји територијални води на Иран и Оман, додека бродските коридори надвор од тие зони се сведени на помалку од две милји. Тој посочи дека според Конвенцијата на ОН за правото на морето од 1982 година, Ормускиот Теснец може да се смета за меѓународна пловидбена зона со право на транзитен премин, но истовремено истакна дека Иран и САД не ја ратификувале конвенцијата, што формално ја ограничува нејзината примена во нивните билатерални односи.
Косачов објасни дека Иран се повикува на сопствен закон од 1993 година, според кој, теснецот се третира како територијални води и подлежи на режим на „нешкодлив премин“, што му дава право да го затвори во случај на воена закана или вонредна состојба.

Енергетска криза на хоризонтот

Заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, Константин Косачов, предупреди дека евентуалното затворање на Ормускиот Теснец би имало сериозни последици по глобалната економија.
– Секој што воведува лимити на цената на руската нафта или уништува гасоводи како „Северен тек 2“ треба да се подготви. Растот на цените на јаглеводородите ќе биде експлозивен – напиша тој, оценувајќи дека глобалната криза сè повеќе станува енергетска.

Светот не смее да биде заложник…

Заменик-претседателот на Советот на Федерацијата на Русија, Константин Косачов, порача дека светот не смее да биде заложник на внатрешнополитички причини, било во Израел било во САД.
– Светот заслужува подобра судбина. Ирански пријатели, ние сме со вас. Ви посакуваме истрајност и храброст, уверување во сопствената праведност и во победата на правдата – заклучи рускиот сенатор.
Со оваа изјава, Москва јасно го нагласи своето несогласување со, како што ги оценува, агресивните потези против Иран и повика на враќање кон дипломатски решенија наместо воена ескалација. Р.С.