Вистинскиот предизвик со кој денес се соочува Владата на Република Македонија е кристално јасен: соочување со страдањата и предизвиците на сегашноста, создавање смисла за нашето македонско битие, надоместување на грешките и лошите политики од минатото и враќање на изгубеното – на македонизмот. Јас сум горд што сум Македонец, што зборувам на македонски јазик, горд сум што „нашиот јазик е македонски / нашето писмо е кирилско / во аманет ни е оставено / пред многу векови / за многу векови“. Сѐ зависи од нас. „Но сепак сѐ зависи од мене! / Јас сум, види, чувар на својата гордост, / и не очекувај да се помирам / со бесмислената ништожност“.
Секоја година на Илинден, на најголемиот национален и државен празник за Македонците – празникот што претставува симбол на непокорот на македонскиот народ, духот на пророкот Илија е повторно меѓу нас: „Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен – големиот и страшниот“ (Малахија 4:5). Какви пораки, во 2024 година, треба да испратат Македонците од чествувањето на Илинден? Книгата на пророкот Малахија е напишана, веројатно, во 5 век пред Христа. Две илјади и петстотини години подоцна, искусувајќи многубројни неправди и понижувања, Македонците денес, според моето мислење, се соочени со Судниот ден што ни се ближи: „Зашто, ете, ќе настапи ден, кој гори како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот оние што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња“ (Малахија 4:1).
Како да го протолкуваме предупредувањето: „сите горди и оние кои постапуваат нечесно… ќе ги изгори денот“? За Аристотел, гордоста е доблест, но прекумерната гордост не е. Во грчката трагедија зборот хибрис означува прекумерна гордост, ароганција, пркос на боговите, што може да доведе до казнување од божицата Немезис. Прекумерно гордите лица гледаат на светот како место за самовеличање преку употреба на моќ, покажуваат претерана самодоверба, покажуваат одговорност само пред повисок суд (историја или Бог) и го губат контактот со реалноста. Во првиот трактат на „Генеалогијата на моралот“ (1887 г.), Ниче тврди дека постојат два фундаментални типа на морал: „морал на господарот“ и „морал на робот“ (на германски: Herren- und Sklavenmoral). Моралот на господарот ги вклучува гордоста, храброста и моќта, додека моралот на робот ги поддржува љубезноста, емпатијата и сочувството. Ниче го завршува првиот трактат поставувајќи ја хипотезата за огромната историска борба помеѓу дуализмот „добро и лошо“ и дихотомијата „добро и зло“, при што последната спротивставеност на крајот остварува победа, привремено прекината од ренесансата, но потоа конечно потврдена со Француската револуција, кога триумфираат „ресентиментните инстинкти на толпата“. Ниче го разгледува контрастот на оние што имаат моќ и на оние на кои им недостига, а притоа не ги спротивставува поединците, туку групите луѓе. Поради тоа, разликата има тенденција да стане социолошка, бидејќи се разгледуваат последиците од угнетувањето. И покрај полемичкиот тон, од безмилосно острата и детална критика/анализа на моралот на робот, ништо не упатува дека Ниче се идентификува со позицијата на господарите. Неговата сопствена етика не е ниту таа на господарот ниту таа на робот.
Вистинскиот предизвик со кој денес се соочува Владата на Република Македонија е кристално јасен: соочување со страдањата и предизвиците на сегашноста, создавање смисла за нашето македонско битие, надоместување на грешките и лошите политики од минатото и враќање на изгубеното – на македонизмот.
Јас сум горд што сум Македонец, што зборувам на македонски јазик, горд сум што „нашиот јазик е македонски / нашето писмо е кирилско / во аманет ни е оставено / пред многу векови / за многу векови“. Сѐ зависи од нас. „Но сепак сѐ зависи од мене! / Јас сум, види, чувар на својата гордост, / и не очекувај да се помирам / со бесмислената ништожност“. Македонските политичари, со ретки исклучоци, многу почесто дома – во Македонија, го практикуваа моралот на господарот, додека, пак, надвор – во меѓународните односи, се однесуваа следејќи го моралот на робот. Сите Македонци и сите граѓани што искрено ја сакаат својата татковина Република Македонија, честитајќи им го Илинден, ги повикувам на промени и на дејствување, ги повикувам да ја охрабриме Владата на Република Македонија, од една страна, нејзините критиките против „двојните стандарди“ што ги практикува Западот кон Македонија да бидат сѐ погласни и поаргументирани и, од друга страна, да донесе две животворни одлуки (и, така, од дефанзива да премине во офанзива):
Прво. Република Македонија треба да го раскине Договорот со Бугарија. Тргнувајќи од „Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции“ усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година, Владата на Република Македонија има правна основа да го раскине Договорот со Бугарија и да започне преговори за потпишување праведен и достоинствен договор со Бугарија. Адвокатот Тони Менкиноски има извонреден, луциден, брилијантен предлог: Република Македонија да ја тужи Република Бугарија за неспроведување на 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Сите Македонци и сите граѓани што искрено ја сакаат својата татковина Република Македонија, честитајќи им го Илинден, ги повикувам на промени и на дејствување, ги повикувам да ја охрабриме Владата на Република Македонија, од една страна, нејзините критики против „двојните стандарди“ што ги практикува Западот кон Македонија да бидат сѐ погласни и поаргументирани и, од друга страна, да донесе две животворни одлуки и, така, од дефанзива да премине во офанзива
Второ. Република Македонија треба да започне со постапки што ќе овозможат раскинување на Договорот со Грција. Предлагам три постапки: (1) Република Македонија да донесе „Резолуција за геноцидот на Македонците“. Тргнувајќи од „Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“ (1948 година), во која се наведуваат пет „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, повикувајќи се на второто дејство „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“ (цитатите се преземени од Конвенцијата) и земајќи предвид дека договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилно ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, притоа нанесувајќи ментални повреди, прашањето дали во Македонија е извршен геноцид е излишно – ние ја знаеме вистината и бевме (и сѐ уште сме) сведоци на извршениот геноцид. Оттука произлегува потреба од носење резолуција. Меѓутоа, ако Република Македонија нема храброст и доблест да го направи тоа, треба да се обидеме тоа да го направат државите што се искрени пријатели на Македонија – тие да ја поднесат „Резолуцијата за геноцидот на Македонците“ во ОН. (2) Република Македонија да донесе документ со кој ќе се утврди дека името на македонскиот народ е единствено и неменливо и дека се отфрлаат сите наметнати префикси што се додаваат пред именката „Македонци“. Припадниците на македонскиот народ имаат право да се нарекуваат Македонци, без разлика каде живеат во моментов: во Грција, во Бугарија, во Албанија и во целиот светот. Според документот, институциите на Република Македонија треба да дејствуваат обединето и координирано и да вложат напори да ја запрат асимилацијата на Македонците во државите од регионот, но и во целиот свет. (3) Република Македонија да започне со изградба на „Меморијален споменик за незаборав“ на кој ќе се врежат (во моментов повеќе од 20.000) имињата на децата прогонети од своите домови во егејскиот дел на Македонија, заедно со македонските топоними на нивните родни места – продолжение на изложбата, која во 2023 година, по повод 75-годишнината од прогонот на македонските деца од Егејска Македонија, беше отворена во организација на македонските заедници од Чешка и Полска – резултат на соработката меѓу Димитри Кирјаковски, Георги Гоце Дуртаноски и Петро Алексовски.
Потсетувајќи се на Ниче – „личност што знае зошто да живее, може да поднесе речиси секакви како“ (да живее), дали треба воопшто да бараме цел во животот или треба да избереме цел и да ја прогласиме за наша? Ако за Западот среќата е крајната цел (меѓутоа, повеќе од половина од младите на Запад велат дека им недостасува „смисла, цел… и знаење што да прават со својот живот“), ако за Кинезите целта се манифестира преку лојалност и стабилност, што треба да биде целта на Македонците? Ако не на поединците, тогаш на македонскиот народ? Ако нашето крајно одредиште е македонизмот – да ве потсетам: македонизам подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет, тогаш како да стигнеме до крајното одредиште? Ако двете животворни одлуки наведени во денешниов текст не нѐ одведат до крајното одредиште, тогаш што друго ќе нѐ одведе? Ако одлуките не се донесат сега, тогаш кога?