Фото: Маја Јаневска-Илиева

Измина 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, 153-годишнината откако во 1872 година во Кукуш на векот и на светот дојде Ѓорѓи Делчев, синот на Никола и Султана Делчеви, четвртото нивно дете, чија величествена пројава на еден бунтовен дух во целина го одрази бунтовниот дух и на народот македонски, од кого и изникна. Многу историчари, многу други народни и револуционерни дејци рекле дека Гоце Делчев е Македонија, но дали Македонија е Гоце Делчев? Колку неговите пораки навистина одекнуваат и се задржуваат дејствително во свеста на македонскиот народ не само повремено, на одбележувањата на денот на неговото раѓање и на денот на неговото загинување, туку и потоа?

Применливоста на вонвременските пораки на Гоце Делчев за јакнењЕ на кохезијата меѓу граѓаните на Македонија

Бележито место во колективното национално помнење на македонскиот народ зазема знаменитото истапување на Гоце Делчев во февруари 1896 година пред бугарскиот врховистички генерал Данаил Николаев, кога ќе им упати порака нему и на бугарскиот врховизам, устремен да ја уништи Македонија: „Ние, селаните, македонското население, народот, нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија, ниту ќе им дозволиме на други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари“.

Разбивање на архетипот „Македонче“

Водачот и идеолог на македонската револуционерна борба за национална слобода и за создавање самостојна македонска држава Делчев има кажано дека „Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух“.
„Јас не сакам востание со луѓе кои ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови – или ќе водиме говеда на касапница“, предупреди Делчев во врска со опасностите од предвременото кревање на Илинденското востание, што и се случи во август 1903 година.
Во писмото испратено до Никола Малешевски, од 4 мај 1897 година, Гоце пишува: „Тешко му е човек да има работа со шарлатани, какви што се овдешните управници; тешко и нам, што нуждата нѐ натерала да бараме помош од нив… Го знам тоа дека власта е симбол на измама, насилство и грабеж… Нечесна работа… Ете тоа е мојот одговор, тоа се зборовите, кои, наместо по телеграфска жица, би сакал да минат низ твоите чувствителни жици и да се отпечатат во твојата душа под наслов: гони ги управниците, мрази и востанувај против секој владетел“.
Гоце Делчев во своето писмо до Ефрем Каранов од 1897 година нагласува: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него“.
Ете, ова се тие мисли на Гоце Делчев што ќе одекнуваат низ времињата како вонвременски пораки и завет до секое, па и до ова денешно македонско поколение, секогаш да ја гради и да ја крепи бунтовно својата колективна и индивидуална национална свест, како немирење со неправдите, угнетувањата, националните понижувања. Делчев го предупредуваше својот македонски народ да не дозволи да го надвладее „состојба на ропски дух“, го повикуваше „Македонецот да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил доста дебел во свеста за човечката правина“. Највеликиот Македонец ја искажа својата желба да води „револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови“.

Релевантноста и применливоста на мислите на Делчев за активирањето на патриотскиот суверенистички потенцијал на граѓаните

Дали согледуваме и по 120 и повеќе години колку се свежи овие ставови на Делчев, анализирани и од денешна гледна точка, небаре како да го слушаме токму денес да говори на плоштадот „Македонија“ среде Скопје во врска со моменталните внатрешнополитички и надворешнополитички околности, во кои се наоѓа и живее македонскиот народ?!
Современата теорија и практика на партиципативната политичка култура се залагаат дека е потребно и непосредно учествување, непосредна вклученост на народот, на граѓаните, во водењето на политиката и во процесите на општественото и политичко одлучување во една држава, покрај претставничката демократија, преку пратениците во националниот парламент. Слично кажал и Гоце Делчев кога посочил дека е потребно народот да не се мири со „измамите, насилствата, грабежите“, со „нечесните работи“! Тој ги кажал овие ставови во едно сосема друго време, во врска со едни сосема поинакви општествени ситуации, но тие негови зборови сосема се соодветни и за политичарите, државните функционери, партиските лидери, судиите и другите вршители на државни и јавни функции што потонаа во криминал, корупција и злоупотреби на службените овластувања. Работи што се случуваа толку многу во мандатот на изминатата власт, но кои народот, граѓаните преку својот зголемен и реален граѓански и политички активизам, вклучени во разни неформални граѓански групи, не ги дозволува и бара да не се случуваат повторно.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Но особено треба да се работи на зајакнување на патриотскиот и суверенистички потенцијал на граѓаните на Македонија во врска со последиците од двата „добрососедски договора“, Преспанскиот и Бугарскиот договор, врз македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, со изразените барања што поскоро да се поништат двата акта, кои немаат никаква врска со добрососедство, туку директно со уништувањето на македонската држава и „конечното решавање“ на „македонското прашање“ преку бришењето на Македонија и Македонците од мапата на државите и народите во светот.
Колку и да прозвучува навидум „премногу радикално“, овде вреди за миг пак да потсетиме на неколку става што Гоце Делчев ги кажа уште во неговото време: да се води „револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што ќе биде и нашата, поради жестоките политички услови“. Навистина се налага потребата на една широка „партиципативна кампања“ меѓу граѓаните, кои од најмала возраст ќе бидат научени што е тоа сопствена држава, што е тоа химна, знаме, грб, ќе негуваат чувства на длабок патриотизам, љубов кон блискиот, кон семејството, негување на традиционалните универзални вредности, морал и етика, што е здрав темел за нагризеното македонско општество. Граѓаните да бидат способни да се справат со предизвиците на еден долготраен процес на „перење мозоци за отворени општества и искривен вредносен систем“ и да бидат подготвени на долготрајна борба за претворање на Македонија за многу попристојно место за живот и напредок, за благосостојба на граѓаните.
Колку и да каже некој злонамерно и тенденциозно дека „отапел овој македонски народ“, тоа сепак не е целосно точно. Колективната политичка свест на македонскиот народ постапно станува сѐ повеќе партиципативна, активистичка, започнува да се создава своевидно „граѓанство со самодоверба“, но тоа треба уште повеќе самото да си влева „гоцеделчевистички активистички импулси“ во својот секојдневен општествен и политички живот.

Свето Тоевски