Поради недостиг од стратегија во Европа што ќе гарантира постојано унапредување и остварување на правата на националните и јазичните малцинства, европските малцинства се обидуваат своите права да ги остварат преку одредени непрофитни организации и лобирања во рамките на европските институции, како што е Европскиот парламент, но и во соодветните држави.
Во рамките на ФУЕН, како рамноправна членка дејствува македонското друштво „Илинден“ – Тирана, а „Виножито“, организација на македонското малцинство во Грција, е набљудувач без право на глас. Исто така постои иницијатива за приклучување и на Македонскиот културен центар во Воден како придружен член на ФУЕН без право на глас
Македонските малцинства треба да имаат проактивна политика пред европските институции
Во Европската конвенција за човекови права и нејзините протоколи не постои конкретна одредба што ги регулира малцинските права како што е членот 27 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, усвоен од Генералното собрание на Обединетите нации. Затоа не постои директен начин преку кој малцинските групи можат да побараат малцински права пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. И покрај ова отсуство, Европскиот суд за човекови права врз основа на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства разгледа неколку случаи за малцински прашања. Меѓутоа постои вакуум, а тоа е очигледно со примерот на Бугарија, која е потписник и ја ратификува споменатата конвенција, но одбива да ги спроведе одлуките на Стразбур за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.
Поради недостиг од стратегија во Европа што ќе гарантира постојано унапредување и остварување на правата на националните и јазичните малцинства, европските малцинства своите права се обидуваат да ги остварат преку одредени непрофитни организации и лобирања во рамките на европските институции, како што е Европскиот парламент, но и во соодветните држави. Во овој контекст се активностите на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), која има повеќе од еден милион членови во повеќе европски држави. ФУЕН започна граѓанска иницијатива за малцинските права во ЕУ, која меѓу другото се залага за ефективни мерки за справување со дискриминацијата и за промовирање еднаков третман, вклучувајќи и за националните малцинства, особено преку ревизија на постојните европски директиви.
На 7 септември, во Брисел, во Европскиот парламент се одржа јавна конференција „Да дејствуваме против падот на јазичната различност во Европа и за промоција на националните и јазичните права на малцинствата!“ ФУЕН на состанокот беше претставена од потпретседателката Ангелика Млинар и од претседателот Лорант Винче во двојна улога, како европратеник и копретседавач со Интергрупата за традиционални малцинства, национални заедници и јазици, која го организира настанот со поддршка на ЕПП, СД, Обнови и Зелените/ЕФА-групите.
Конференцијата, чија цел беше да ги обедини актерите и засегнатите страни што работат на промоција и заштита на јазичната различност и националните и јазичните права на малцинствата, беше отворена од Фернан де Варен. Специјалниот известувач на ОН за малцинствата уште еднаш јасно стави до знаење дека правата на малцинствата се човекови права, дури и ако на некои места не се сметаат така, а тоа особено важи за јазичните права.
Според него, она што го гледаме денес не е еволуција, дури ни стагнација, туку уназадување на правата на малцинствата во Европа, во повеќето случаи во однос на јазичните и образовните права.
Загрижувачки е тоа што и покрај поддршката од повеќе од еден милион луѓе, Европскиот парламент и многу национални и регионални парламенти, Европската комисија одлучи едноставно да ја отфрли иницијативата за малцински права „Сејф пек“. Ова не е кохерентна одлука – рече Де Варен.
Тековната состојба на МСПИ ја претстави Ангелика Млинар. Таа ја прераскажува приказната за иницијативата за заштита на малцинствата во ЕУ, велејќи дека „сметаме дека има многу добри шанси Европскиот суд на правдата да го поништи соопштението на Европската комисија во врска со МСПИ и дека комисијата ќе мора да ја преиспита својата одлука“. Случајот моментално е во средина на правна постапка, а пресудата на ЕСП се очекува до крајот на 2022 или почеток на 2023 година.
Наша главна цел е да ја издигнеме свеста за важноста на заштитата на малцинствата на ниво на ЕУ надвор од границите. И покрај тоа што комисијата ги отфрли нашите барања од МСПИ, темата не може да се отстрани од дневниот ред. Овој неверојатен бран на лобирање конечно успеа. Постигнавме барем заложба за заштита на националните и јазичните малцинства во заклучоците на Конференцијата за иднината на Европа, а нашето барање за формирање центар за јазична разновидност се одрази и во заклучоците – рече Ангелика Млинар.
Потпретседателката на ФУЕН истакна дека тоа што успеале да го добијат новиот коалициски договор на актуелната федерална влада во Германија да вклучи „проактивна имплементација на МСПИ“ е еден од нивните големи успеси во последниот период. Коалициските партии работат во тесна соработка со ФУЕН на акциски план со кој ќе се направи преглед на состојбите во оние области каде што е можно и ќе се идентификуваат конкретни мерки за спроведување на барањата на МСПИ.
Токму ова е патот што сакаме да го продолжиме. Наша цел мора да биде и другите земји од ЕУ да преземат такви иницијативи и мерки во областа на јазичната промоција и образованието на јазиците на малцинствата и со тоа да дадат добар пример – истакна таа.
Во своите завршни зборови, претседателот на ФУЕН, европратеникот Лорант Винче, претстави скратен список на главни идеи што би можеле да ја дефинираат идната работа на сите страни заинтересирани за заштита на малцинствата. Според тоа, на ЕУ ѝ треба сеопфатна и заедничка правна рамка за заштита на националните и јазичните малцинства; ЕУ треба да ги заштити и промовира малцинствата преку засилена соработка со меѓународните организации, особено со ОН, и треба да обезбеди целосна заштита на европските јазици, давајќи им највисок можен степен на признавање; треба да вклучи и следење на состојбата на малцинствата во кругот на владеењето на правото; ЕУ треба да се бори против секаков вид дискриминација против националните и јазичните малцинства и треба да обезбеди прекуграничен пристап до аудиовизуелните услуги за јазичните малцинства.
Тој, исто така, ја спомена идејата дека ЕУ треба да има европска година на националните и јазичните малцинства, за да се обезбеди видливост за националните и јазичните малцинства и да се препознае нивната додадена вредност за нашите општества.
Во рамките на ФУЕН, како рамноправна членка дејствува македонското друштво „Илинден“ – Тирана, а „Виножито“, организација на македонското малцинство во Грција, е набљудувач без право на глас. Исто така постои иницијатива за приклучување и на Македонски културен центар во Воден како придружен член на ФУЕН без право на глас. Досега ФУЕН усвои неколку резолуции на македонското друштво „Илинден“ – Тирана за унапредување на малцинските права на Македонците во Албанија, а овие резолуции од страна на ФУЕН беа препратени до албанските институции.
Во однос на активностите за подобрување на малцинските права, Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, ги повикува сите претставници на македонските малцинства да се поактивни на меѓународната сцена. Според него, проблемите на Македонците во соседството треба да се бараат преку европските организации и институции. Како таков пример го посочува зачленувањето во некоја од меѓународните организации што работат на заштита на малцинските права, како што е ФУЕН. Никола Ѓурѓај истакнува дека тоа е единствениот пат преку кој ќе се остварат малцинските права. Д. Ст.