Никица Мојсоска Блажески го отвори Самитот Македонија 2025 вчера во Скопје

Во Скопје се одржува самитот „Македонија 2025“

Конкурентска економија, елиминацијата на корупцијата, економски раст од најмалку пет проценти, но и инвестиции во образованието, инфраструктурата, здравството се меѓу приоритетите што беа потенцирани на отворањето на самитот „Македонија 2025“.
Како што истакна извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска Блажески, во воведното обраќање на самитот што се одржува во Скопје, корупцијата е најголем проблем во државата, но проблематично е според неа и што нашата земја сѐ уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перципираат како профитери, а не како креатори на работни места.
– Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – истакна Мојсоска Блажески.
Директорката на „Македонија 2025“ се осврна и на БДП-то во земјава, укажувајќи дека БДП по жител е сѐ уште многу низок, дополнувајќи дека денес тој достигнува само 42 отсто од просекот во Европската Унија. Напредокот на државата, според матрицата на индикатори што ја изработуваат во „Македонија 2025“, го има, но е многу мал. Проблемот, како што укажа директорката, е што земјите околу нас растат побрзо од нас, па нашето рангирање е на самото дно.
– Нацијата сме сите ние, и сите ние придонесуваме кон нискиот стандард. Сите ние придонесуваме за прифаќање на корупцијата. Затоа мора да изградиме консензус за корупцијата и во таа насока во септември излеговме со Визија за забрзан раст, иако таа е едноставна, опфаќа битни елементи, а тоа е нула толеранција за корупцијата, и за овој документ разговаравме со сите политички чинители и мило ми е што нашите предлози се дел од владините програми, и мило ми е што сме на иста фреквенција. Мило ми е што и сегашната влада започна реформи во насока на елиминирање на корупцијата – истакна Мојсоска.

Помалку е важно ребрендирањето, а повеќе се значајни проектите што носат динамичен економски развој

Сликата за организацијата низ годините се промени и од некогашната замисла во која членови на истата таа се само успешни бизнисмени од дијаспората, денес во неа членуваат голем број бизнисмени и од Македонија.
– Порано луѓето нѐ перципираа како организација каде што наши успешни луѓе од дијаспората само даваат совет или ни солат памет што да правиме овде, иако тоа не беше реалност. Со промената, сѐ повеќе Македонци што живеат овде станаа дел од организацијата и придонесуваат да променат нешто за организацијата… и станаа дел од бордот на директори, таа перцепција се промени. Важно е да кажеме дека сите членови имаат светско искуство и придонесуваат во економскиот развој на земјата. Тие имаат зад себе успешни бизнис-приказни, кои направиле големи успех во својата област – посочи Виктор Мизо, член на одборот на директори на „Македонија 2025“.
Тој потсети дека ова е 14-та година од организирање на самитот, иако оваа година е 18-та година од основањето на организацијата, со што станува и полнолетна.
– Она што сакам јас да го истакнам во отворањето е поврзано со името на организацијата, особено поради фактот што многумина прашуваат бидејќи дојде 2025-та, што е во самото име на организацијата, дали тоа ќе се промени, што сега откако влеговме во 2025 година, но и дали се постигнати целите на организацијата.
На нашата последна средба во САД беше дискутирано токму на оваа тема и сметаме дека со оглед дека името „Македонија 2025“ веќе е познато и претставува препознатлив бренд, кој е познат и во нашето соседство и пошироко, треба да го зачуваме овој бренд на кој се работеше со години, но на него може да додадеме нешто ново, како на пример Македонија 2025+, или пак Македонија2025 енд бионд, или некоја друга форма за која ќе одлучиме во следниот период – укажа Мизо.
Тој дополни дека главна цел на организацијата за креирање напредна и просперитетна држава е делумно постигната, но мисли дека никогаш планот не бил дека до 2025 година ќе биде постигнато сето тоа и дека тоа значи дека организацијата треба да биде затворена.
– Но, има уште многу работа за нас како организација, за оваа и идните влади и за Македонија како општество да просперира во една модерна држава, членка на ЕУ, со солидни економски перформанси и конкурентни компании како домашни така и странски, развиена инфраструктура, квалитетно образование, добро здравство, владеење на правото и неселективен пристап во борбата со корупцијата… – потенцира Мизо.

Дијаспората да помогне во поголем економски раст

Директорката Мојсоска Блажески посочи дека ова е единствена конференција што се организира веќе 14 години, со над 5.700 учесници, говорници од 77 земји од светот… голем број излагачи, претприемачи, академици, бизнисмени, лидери од светот што учествувале.
– „Македонија 2025“ започна како визија на Џон Битов Постариот уште во 2002-2003 година, а израсна во организација и лобира визионерски, сѐ со една цел, да помогнеме Македонија да има посилна нација. Имаме визија да се мобилизира дијаспората за да се поттикне економскиот и општествениот развој во земјата. Целата е да помогнеме во општествениот развој на Македонија. Идејата била да се помогне Македонија да се развие, но и да стане член на Европската Унија и НАТО до 2025 година, а оттаму и името на организацијата.
Почетоците на организацијата беа пред сѐ во советодавниот дел, но денес оваа организација спроведува програми за Македонија, и тоа над 40 програми годишно, кои според нас се најзначајните области, како образованието, раст на бизнисите, подобрување на деловното опкружување и вмрежување и искористување на потенцијалот на дијаспората – истакна директорката на почетокот на самитот.
Таа дополни дека се имплементираат четири програми што според нив се важни за развојот на Македонија, како забрзување на растот на Македонија, развој на лидерство и поддржување таленти, силни партнерства и врски низ светот…
Мојсоска се осврна и на импактот на „Македонија 2025“ во земјава и како тој да се измери, истакнувајќи дека иако би сакала тоа да се изрази низ бројки, сепак, нагласи дека тоа е навистина тешко.
– Тешко е да се измери колкав е импактот од средбите и придонесите што ги направиле Мајк Зафировски и Џон Битов и другите основачи врз општеството. Навистина е невозможно да се измери влијанието или постигнатото кога сте овозможиле некој студент без финансиски можности за студии да ги заврши посакуваните студии и да се вработи во некоја успешна светска организација – укажа Мојсоска.
Според неа, на Македонија ѝ се потребни нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, членство во ЕУ и ефикасна јавна администрација, што, како што кажа, е визијата на „Македонија 2025“ за домашната економија. Е.Р.


Со „Рамбл клауд“ до Вашингтон и Трамп

Канадско-американскиот бизнисмен со македонското потекло Крис Павловски пристигна во Македонија и ќе учествува на самитот „Македонија 2025“.
Павловски е сопственик на компанијата „Рамбл“, која од неодамна отвори свое претставништво во земјава „Рамбл клауд“, регистрирано на адреса во центарот на Скопје, а нејзини управители се самиот Павловски и Брандон Александроф. Павловски важи за човек близок до актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Неговата видеоплатформа Рамбл постои од 2013 година, но популарност доби во последниве години.
На социјалните мрежи често споделува фотографии на кои е во друштво со Трамп, неговото семејство, со Илон Маск и други врвни бизнисмени од САД.
Е.Р.