Каде ни исчезна идеолошкиот систем од политички, правни и морални погледи и идеи што ги изразуваат интересите и односите на граѓаните во општеството?! Пред секои избори, во најголем дел од страна на партиите со албански предзнак во своето име, се ветуваат етнички агенди, често на работ на радикализам, само за да се дојде до власт и потоа многу брзо да се заборави на дадените ветувања. Со други зборови, станува збор за класична злоупотреба на граѓаните за партиски цели преку етнизација на изборниот процес. Се злоупотребува и сега, особено од опозициската ДУИ, која откако не е на власт постојано игра на етничката карта и се заканува со дестабилизација на државата. Всушност, партиите со етнички предзнак се оние преку кои во Македонија се создадоа етничките прашања од кои и ден-денес не можеме да се ослободиме

Создавањето и функционирањето на етничките партии е проверена формула за деунитаризација на Македонија

Актуелните поделби во државата по етничка линија се резултат на погрешните политики од минатото кога наместо партиите да се означуваат според нивната идеолошка матрица, се дозволи тие да имаат етнички предзнак и на тој начин континуирано да ја поткопуваат кохезијата во македонското општество така што тоа постојано се оптоварува со разни етнички прашања, наместо со суштинските граѓански проблеми.
Низ годините тоа придонесе да се воспостави систем на де факто бинационална држава, во која се издиференцира победник во македонскиот и победник во албанскиот блок исклучиво врз бројот на освоени гласови кај сопствената етничка заедница, со што фактички Македонија функционираше како федерација бидејќи наместо еден, на изборите има двајца победници во етничките блокови, кои подоцна составуваат влада. Тоа етничко двојство се пресликува и врз институциите, кои наместо со компетентни и стручни кадри, се полнат со етнички квоти.
Иако се покажа како крајно контрапродуктивен, сепак овој начин на функционирање сѐ уште се провлекува и е постојан извор на закани за дестабилизација на државата токму поради наметнување етнички прашања што се злоупотребуваат само за да се задоволат одредени партиски апетити.
Потврда дека гласањето врз принципот на етничка припадност не исчезнува (а треба) е и најновата студија подготвена од Институтот за социолошки и политичкоправни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Резултатите во студијата покажуваат дека изборниот процес е силно поделен по етничка линија бидејќи сите етнички заедници во земјава на избори речиси секогаш гласаат за партии што ги претставуваат нивните етнички интереси.
Истражувањето, спроведено од 25 октомври до 4 декември 2024 година, вклучуваше 1.056 испитаници и покажа дека политичките ставови во земјата се во голема мера обликувани од етничките и партиските припадности на граѓаните.

Каде е идеолошкиот политичкоправен морален систем: Во Македонија се гласа исклучиво по етничка линија ?!

Јован Близнаковски од ИСППИ потенцира дека Македонија првпат е дел од оваа голема меѓународна анкета што се спроведува веќе 25 години и дава преглед на изборното однесување на граѓаните во земјата.
– Главните наоди покажуваат јасно дека во Македонија многу се гласа по етничка линија, тоа е нешто што веќе го знаеме. Меѓутоа со овие наоди можеме да дојдеме и до некој пресек на тој опсег на етничко гласање. Има исклучоци од етничко гласање, меѓутоа се многу ретки и се однесуваат само на одредени политички опции – истакна Близнаковски при неодамнешното објавување на резултатите од студијата.
Студијата всушност само потврди што се случува во едно мултиетничко општество кога ќе се дозволи регистрација на партии со етнички предзнак што немаат идеолошка определба, туку ги користат сопствениот етникум и етничките прашања за да се наметнат како клучен политички фактор.
Тоа, особено кај партиите со албански политички предзнак, беше масовно злоупотребувано така што пред секои избори се ветуваат етнички агенди, често во колизија со унитарниот карактер на државата, само за да се дојде до власт и потоа со тие прашања дополнително да ја оптоваруваат јавноста, додека во заднината цветаат корупцијата и криминалот. Со други зборови, станува збор за класична злоупотреба на граѓаните за партиски цели преку етнизација на изборниот процес. Се злоупотребува и сега, особено од опозициската ДУИ, која откако не е на власт постојано игра на етничката карта и се заканува со дестабилизација на државата.
Некои од комуниколозите и аналитичарите сметаат дека кај нас партиите не само што немаат вистинска идеологија туку со нивните етнички и национални предзнаци придонесуваат за уште поголема општествена сегрегација.

– Штом се создадат национални партии, тоа само по себе значи сегрегација по национална основа и тоа не е добро. Така општеството дополнително се дели. Секое зрело општество си има партии создадени врз идеолошка основа, така е во цела Европа. Во Германија имаме партии со јасна идеолошка матрица, социјалдемократи, зелени, конзервативци, исто е во Велика Британија, во САД, во Франција, се знае точно која партија каква идеологија негува и не се отстапува од тоа. Така се креираат и програмите на партиите, врз основа на нивниот идеолошки профил. Кај нас ДУИ направи еден своевиден чекор напред кога од партија произлезена во воена формација се реструктуира во идеолошки зелена партија. Но истата партија направи десет чекори назад кога се врати на старите воинствени наративи, на национализмот, на етнизацијата, напуштајќи ја зелената агенда и враќајќи се кон најрадикалниот национализам. Едноставно кажано, не созреаја како партија без оглед што повеќе од 20 години беше на власт. Сега, откако се во опозиција, уште повеќе паѓаат на демократското скалило. Идеологијата значи цврсто придржување до неа без никакви отстапки. Ако некоја партија е социјалдемократска, тогаш таа треба да ги обединува околу себе сите граѓани со такви сфаќања, без оглед на нивната етничка припадност. Исто е и со конзервативците, со зелените, со либералите… Кога така ќе се профилираат партиите преку идеолошка основа, тогаш граѓаните на избори добиваат јасна слика за каков концепт гласаат, каква влада и каква програма можат да очекуваат. Граѓаните, но и економијата, сакаат извесност, предвидливост во политиките, односно точно да знаат која идеологија е наклонета кон пониски даноци, која кон социјална правда, која кон екологија и слично – посочуваат аналитичарите.


Професор Садикарио: Етничките партии се чист шовинизам и „лице на ѓаволот“

Професорот Самуел Садикарио смета дека регистрирањето партии со етнички предзнак е огромна грешка, која води кон сериозни поделби по етничка линија во секое општество.
– Распадот на Југославија е божем системски прогрес, но националшовинистички регрес. Се појавија огромна меѓуетничка омраза, странски интервенции (нова демократија), бедни предавства, брутална приватизација, пљачка, жесток шовинизам до фаши-нацизам, војна, касапење, садизам… За една работа се согласувам со албанските националисти – во време на комунизмот, но и во посткомунизмот, многу малку од нив беа професори, доктори и на висока положба. Вештачки решенија беа т.н. балансер и Бадентер (подоцна со обратен ефект), а создавањето политички партии со етнички предзнак мислам дека е фатална грешка и база на сегашната мизерија. Исто така и Уставот – грешка е што направивме имитација на југословенскиот од 1974 година: етничка папазјанија, па сега до бескрај се давиме во етнички права, јазици и апсурди.
Извинете, ама тие етнички партии се чист шовинизам и лице на ѓаволот. Од нив има само беља и омраза. Дали во некоја европска земја има етнички (шовинистички) партии? Извинете уште еднаш – етничките партии (албански, македонски итн.) не ги гледаат интересите на својот етникум – туку „џебот“ (криминал, профит). Овој крш во Тетово и нешто во Скопје е меланж на омраза, вандализам, амазонски канибализам, примитивизам, ретардираност, домашен имбецилизам, интервенционизам (служби) и садистичко-сатанистички ентузијазам што го увезуваме однадвор. Тоа е вид „интифада“, која ќе води кон „кристалната ноќ“ и „ноќта на долгите ножеви“. Странските медиуми ќе кажат „сироти демонстранти, ги тепаат…“ Ааааа – па, тоа е целта! Партиите веднаш се фатија за врат и се дават меѓусебно, што е уште поголема мизерија. Таква омраза и садизам се појавија за жал во израелско-џихадистичкиот конфликт и, по мене, таму нема лек. Немојте, ве молам немојте, да влеземе во иреверзибилна фаза од која омразата нема излез – заклучува професорот Садикарио.