Фото: „Нова Македонија“

Во услови кога останува непроменет Изборниот законик во суштинскиот дел што се однесува на начинот на изборот на кандидати за пратеници и кога нема отворени листи, за граѓаните сами непосредно да можат да го направат својот избор и да го дадат својот глас за најкомпетентниот и најдокажан од својата професионална работа, за лик што е етички и морално профилиран, за личност што е посветена кон ангажмани за индивидуален, семеен, колективен и општествен просперитет, одговорен, зрел и стабилен…, тогаш реално ли е да се очекува партиите да направат еден таков демократски крупен исчекор на овие избори, ставајќи на своите листи – НЕ партиски војници и слепи извршители во собраниската гласачка машинерија, туку да направат избор на кандидати на своите листи што одговараат на профилот пратеници со гореспоменатите епитети, за конечно да започне од некаде зајакнувањето на капацитетите на носечките државни институции, што би рекле од меѓународната, во насока на „reinforcing the institutional and administrative capacity“?

Изборниот законик не се промени, граѓаните немаат можност да избираат свои пратеници од отворени листи, што понатаму?

Остануваат речиси три седмици (4 април) до официјалното предавање на партиите на своите изборни листи до Државната изборна комисија (ДИК) за парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај, но во јавноста веќе „протекуваат“ неофицијални информации за носителите на листите.

Директното влијание на граѓаните/електоратот врз изборните листи е „ одложено“ за некој друг изборен циклус

Изборните рокови поставени од ДИК брзо стигнуваат, па извесно е дека тактизирањето на партиите околу објавувањето на конечните изборни листи нема да трае уште долго. Меѓутоа, она што мириса на „системски изборен пораз“, уште пред официјалното започнување на изборната трка е фактот дека во два парламентарни мандата, иако декларативно сите партии се залагаа за премин во изборен систем со отворени изборни листи и една изборна единица– таквата иницијатива не ја помина собраниската процедура. Тоа практично значи дека директното влијание на гласачите врз изборните листи е „одложено“ за некоја друга изборна перспектива. И овој пат, се чини дека граѓаните гласачи ќе треба да ги „препознаваат“ вистинските личности што ќе ги застапуваат нивните интереси, откако најпрвин партискиот филтер ќе ги „препознае“. Според демократските дефиниции, кандидатите на изборните листи треба да бидат препознаени од граѓаните по своите особини, компетентност, досегашни искуства и заложби, по своите знаење и вештини, креативност и бескомпромисна борба за поширокиот граѓански интерес, а не за теснопартискиот… Во реалните услови, кога останува опцијата изборните листи да се составуваат во партиите, тргнувајќи првенствено од партиските цели и интереси, се наметнува предизвикот за демократски исчекор на самите партии да направат избор на кандидати на своите листи што одговараат на описот од демократските дефиниции, без да инсистираат на критериумот – докажан партиски војник. Колку е реално да се очекува таков демократски исчекор на партиите на овие избори? Тоа е првото клучно прашање. А второто, во тесна врска со претходното е дали внатре во партиите конечно ќе започне зајакнувањето на капацитетите на носечките државни институции, што би рекле меѓународните експерти, во насока на „reinforcing the institutional and administrative capacity“, со охрабрувањето на партиите да предложат кандидати со интелектуални, ментални и образовни способности во комбинација со практични вештини и патриотски мотиви да се придонесе пред сѐ за општеството, нацијата и државата?

Потребна ни е вистинска полипартитарност во Собранието, за партиите да почнат да размислуваат и да нудат вистински кандидатски решенија

– Сѐ додека граѓаните не разберат дека не можеме да се придвижиме кон некој посериозен демократски исчекор со циклично менување на власт на истите партии, не можеме да очекуваме ни промена во демократската свест на партиите. За тоа ни се потребни услови за пробив на независни кандидати во изборната понуда, надвор од воспоставените партиски матрици. Независните кандидати претставуваат своевиден контролен механизам и за партиите, за да почнат да размислуваат за квалитетот на понудата на своите кандидати. Без таков контролен механизам, партиите се во комфорна зона – изборната битка се води од партиските ровови и извесно е дека една или друга партија ќе ја составува Владата, под свои услови. Оние граѓани што се незадоволни од понудата на партиите велат дека нема да гласаат, а такви се од 30 до 36 отсто. На тој начин практично им оставаат чист терен на партиите. Потребна ни е вистинска полипартитарност во Собранието, за партиите да почнат да размислуваат и да нудат вистински кандидатски решенија на своите изборни листи – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.

Немаме некое изненадување во изборната понуда, ниту навестување за некаков демократски исчекор со изборите

Првиот впечаток на политичките аналитичари, искусни проследувачи на изборните процеси во Македонија, од досега познатите имиња што ќе учествуваат во изборни „трки“, оваа пролет (претседателски и парламентарни избори), е дека се соочуваме со криза на политичката понуда.
– Само еден поглед на досегашната листа на кандидати, кои ќе учествуваат на претстојните и претседателски и парламентарни избори, наведува на заклучокот дека во Македонија имаме криза на политичката понуда. Во официјално затворениот список на претседателски кандидати, двајцата со најсериозни изгледи да ги одмерат силите во вториот круг, се истите личности од претходните избори за претседател. И во досега откриените имиња, како носители на изборните листи на партиите за парламентарните избори, повторно се сретнуваме со стара понуда, односно познати ликови што веќе учествувале во неколку изборни циклуси. Таа криза на политичката понуда е уште повеќе изразена што ниту за овие избори не успеавме да создадеме услови за воспоставување директна врска на гласачите со кандидатите, односно преку отворени изборни листи граѓаните да одлучуваат непосредно за тоа кој ќе влезе во парламентот. Не успеавме да ја реализираме ни иницијативата за една изборна единица, иако за суштински демократски изборен исчекор сепак се поважни се отворените листи. Преку отворените листи, практично се заобиколува партискиот централизам во креирањето на изборните листи. Една изборна единица е повеќе математичко прашање на изборите, но и тоа не го спроведовме. Така што досега немаме некое изненадување во изборната понуда, ниту навестување за некаков демократски исчекор со изборите, туку само се покажува јасно кризата на политичката понуда – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.


Нашите соговорници истакнуваат дека имаме длабока криза на политичката сцена, а особено е сериозна кризата на политичката понуда, при што ниту за овие избори не успеавме да создадеме услови за воспоставување директна врска на гласачите со кандидатите, односно преку отворени изборни листи граѓаните да одлучуваат непосредно за тоа кој ќе влезе во парламентот! Не успеавме да ја реализираме ни иницијативата за една изборна единица, иако за суштински демократски изборен исчекор сепак се поважни – отворените листи. Преку отворените листи, практично се заобиколува партискиот централизам во креирањето на изборните листи. Една изборна единица е повеќе математичко прашање на изборите, но и тоа не го спроведовме…


Кордалов: Поларизираната политичка клима не ги привлекува докажаните личности во политиката и во партиите

Фактот дека одговорноста за понуда на изборни листи со компетентни, професионално докажани и општествено реализирани личности и во овој изборен циклус останува предизвик за партиите (секако заедно со предизвикот за надминување на политичко-партиската суета), се поставува и прашањето дали таквите докажани личности воопшто се заинтересирани за партиски ангажман.
– Не сум сигурен дека во ваква политички поларизирана клима, во која политичките напади често преминуваат и во напади врз лична основа, култура на политичка комуникација надвор од доброто воспитување и обраќање со одбрани зборови… политичките партии имаат капацитет и интерес да привлечат компетентни, стручни, докажани и реализирани личности. Тоа чувство е реципрочно – таквите стручни и реализирани личности не се заинтересирани за политички ангажман, а уште помалку партиски под такви услови. Базичниот проблем е што немаме компетентен систем на политичка култура, а тој ќе може да се воспостави кога за почеток политичарите ќе престанат да настапуваат како експерти за сите теми. Затоа, и на овие избори, се сомневам дека главниот мотив на учесниците во него повторно ќе биде желбата за моќ, власт и пари. Интересот на граѓаните, кој би го застапувале компетентни и стручни личности со решенија за општествените предизвици, остануваат за некој друг изборен циклус – вели комуникологот Бојан Кордалов.