Фото: „Нова Македонија“

Неофицијално дознаваме дека француски дипломат во неврзан разговор рекол дека „во процесот со Македонија заглавиле и дека мора да се најде решение тоа да се поправи“! Затоа се предлага „да го почнеме процесот за уставни измени, а Брисел да даде зелено светло за отворање на поглавјата“! Дали ова е можно кога Софија и Скопје се во дипломатска војна, која, сепак, е поширока, и кога не се отстапува од дополнителните протоколи, кои се идентитетска катастрофа за Македонија?

ДИПЛОМАТСКИ МАНЕВРИ ЗАД ЗАВЕСАТА

Едноставно кажано, без дипломатски ракавици, за евроинтегративниот процес на Македонија една реченица изговорена од европски дипломат, кажува ако не сѐ, тогаш многу – заглавивме и сега мораме да најдеме заедничко решение за тоа. Каде заглави ЕУ и зошто? Дали погрешните процени на Париз за да фаворизира една членка на ЕУ, во конкретниот случај значеше да се минираат утврдените Копенхашки критериуми, да му се даде предност на она што е несакан лек во Брисел наречен употреба на двојни стандарди, кои резултираа со разгорување на шовинизам, па дури и фашистичка реторика од високи политички кругови во Бугарија? И известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, потврди дека од бугарски политичари добивал дури и смртни закани, конкретно поради неговата намера во Брисел конечно без дилеми да се прифатат македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Мораше ли Македонија да се доведе во ситуација нејзиниот идентитетски опстанок да виси на конец?

Впечаток е дека денешната ЕУ и нејзината извршна власт предводена од Урсула фон дер Лајен и не се премногу загрижени за моралот, правдата, етиката, критериумите, веројатно не само поради геополитичкиот притисок што го имаат врз себе туку и поради утврдувањето дополнителни услови за Македонија и нејзината идентитетска лична карта. Затоа прашањето наметнато за македонските политичари и општеството е како може да се најде решение, компромис што би ги задоволил сите страни, но не и апетитите на политичките кујни. Праксата покажа дека досегашните компромиси што ги постигнала Македонија се дебели дипломатски порази.

ВРАЌАЊЕ КОН ДАДЕНАТА „ДОМАШНА ЗАДАЧА“ –
УСТАВНИ ИЗМЕНИ, НО КАКО?

Според сознанија на „Нова Македонија“ од висок владин извор, кои не можевме сосема да ги потврдиме, ова прашање е отворено неколкупати со официјален Париз. Оттаму конечно е кажано токму ова (реплицираме): „Погрешивме, заглавивме со вас, сега мораме да најдеме решение“.
И не е само Париз тој што го признава ова, сведоци сме дека и Данска, која само што го фати ЕУ-кормилото, категорично изјави дека за Македонија нема шанси во нејзиниот шестмесечен мандат да се отворат поглавјата за преговарања, туку тоа би можело да се случи евентуално во мандатот на наредниот претседавач Кипар. Сега амбасадорката на Кралството Данска е поумерена и уверува дека процесот за проширување и за Македонија е отворен.
Париз вели дека рамката што е поставена за Македонија создала сериозни проблеми не само за Македонија туку и за ЕУ, затоа што е јасно дека Европа, па и ние заедно со неа, сме во геополитичка трка. Брисел не може и не смее да дозволи земја што 20 години чека на членство да биде оставена во црната европска дупка. Тоа ќе значи дека таа е геополитички жртвувана. И затоа сега ќе треба да се најде посебен клуч за да се отвори заглавената врата зад која е проширувањето. Прашање е како. Навидум има прифатливо решение за сите, а тоа е и многу блиску до она што го предлага владата на Христијан Мицкоски – одложено решение за уставните измени. Сега како овој предлог да е прифатлив за Брисел, особено за Париз, креаторот на опасната преговарачка рамка, која апсолутно не гарантира дека и успешниот преговарачки процес ќе може да значи и сигурно членство.
Сега се предлага Македонија да го почне внатре процесот на дебатирање за уставните измени, а ние можеме да се надеваме дека тоа ќе биде транспарентен процес со вклученост на кредибилни експерти. Поранешниот обид за уставни измени, процес што нетранспарентно го водеше владата на СДСМ/ДУИ, не помина затоа што тогашното опозициско ВМРО-ДПМНЕ за тоа не даде зелено светло, а без двотретинско мнозинство уставни измени не можат да се донесат.

УСТАВНИ ИЗМЕНИ СПОРЕД НЕКРЕДИБИЛНИОТ ПОПИС Е САМОЕТНОЦИД

Сепак, уставните измени се сериозен и процес со многу предизвици, а многу ѓаволски детали и пречки се кријат во фантомскиот попис спроведен со методологијата, односно формула однапред осудена на неуспех, затоа што не беа применети стандардите на европската статистичка пракса. Тие резултати ВМРО и целата опозиција не ги признаа, па сега да се туркаат уставни измени според тој попис е рамно не само на политичко самоубиство туку на национален самоетноцид.
– Нам ни советуваат да ги почнеме разговорите за уставните измени, да го вратиме тој процес. Паралелно со отпочнувањето на тој процес, Брисел би ги почнал преговорите за поглавјата со гаранција дека Бугарија нема да стави вето на тоа. Дали ова навистина ќе се одвива според овој план навистина не знаеме, затоа што атмосферата и меѓу членките е такво каква што е – вели нашиот извор.
Но не е само вклучувањето на Бугарите во Уставот, затоа што под закана е националниот македонски фундамент, кој се содржи во преамбулата. Дали Македонија ќе ја жртвува својата национална самобитност заради членство во ЕУ? Тоа прашање ќе биде отворено кога ќе почнат разговорите за уставните измени, и тоа е само едно од прашањата. Јазичните проблеми, особено со статусот на албанскиот јазик, кој се востоличи за втор официјален, па и службен јазик на многу нивоа е исто така предизвик. Предизвик не само за нашиот Уставен суд туку и за идните чекори кон ЕУ, затоа што логички е да се постави прашањето – дали ЕУ ќе прифати пракса и уредување, еден систем каков што полека се инсталираше во Македонија, а е некомпатибилен и неприфатлив за ЕУ? Секако, на менито можат да се најдат и други чувствителни прашања како што е признавањето и статусот на МПЦ, каде што имаме потенцијални вета од повеќе страни.
Македонската влада по усвојувањето на извештајот во ЕП, иако не е најсреќна, сепак, изјави дека не се откажува од преговарачкиот процес. Тоа е добра порака за Брисел, но како да се прифати дома? Има ли шанси да се отвори политички дијалог со Бугарија кога е евидентно дека Софија не гледа толку во духот и словото на Договорот за добрососедство, туку се фатила за дополнителните протоколи. Записници што добија третман на нешто од кое ни Софија, ниту Брисел не сакаат да отстапат. Прашање за размислување – зошто европските центри отстапија, на пример, од записниците на мировните преговори за Украина?
Од ова можеме да извлечеме заклучок дека и покрај тоа што сега од центри како Париз или Копенхаген ни се нуди отворање вратички за преговори за членство, сепак, мора да се биде многу претпазлив. Непочитувањето на Договорот за добрососедство, пред сѐ од Бугарија, придонесе да се поведе дипломатска војна, да се испраќаат дипломатски ноти, да се создава атмосфера на недоверба. Да не бидеме наивни, не случајно е драстично намален бројот на бугарски туристи во Македонија! Секако и ова е еден јасен индикатор каде одат добрососедските односи, кои особено се покажаа кога Софија ги прескокна границите на нејзиниот прв сосед и дипломатски прескокна до Албанија каде што почна да сее бугарски пасоши во места населени со етнички Македонци, со што целиот регион го врати во 19 век. Тие ќе бараат место во албанскиот устав, сигурни сме во тоа.


Македонските народни мудрости се длабоки и визионерски

Кога одиш напред, погледнувај и назад за да не се изгубиш!

Насловот е народна мудрост што треба да се применува, да не се заборава. Дека Македонија треба да погледнува и назад кога тргнала кон Брисел нѐ потсетува и претседателот на Бугарија, Румен Радев. На средбата со хрватскиот колега Зоран Милановиќ, Радев изјави дека Бугарија не поставува дополнителни услови за Македонија, туку бара да се исполни договореното, да се заштитат правата на бугарското малцинство со уставни измени. Според Радев, Македонија самата се сопира на патот кон ЕУ.
Радев се држи до она што е договорено, но притоа заборава дека и Бугарија има обврски, а тоа е да ѝ помага на Македонија на патот кон ЕУ. Дали го прави тоа?
Ние да погледнеме малку назад кога на 29 јули 2021 година „во контекст на наметнатите билатерални пречки кон Европската Унија, ние пратениците ја декларираме волјата на граѓаните“ и кога беше донесена Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Таа резолуција се повикува на резултатите од Референдумот за самостојност од 8 септември 1991 година, како и на позициите на Декларацијата за развој на односите на Република Македонија со Европската Унија усвоена од Собранието на 4 февруари 1998 година:
1. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
2. Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;
3. Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор“.
Оваа резолуција, потпишана од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, само го потврдува тоа што го кажа претседателот Милановиќ: „Се работи за едно чувство дека е јадна таа држава што самата за себе мисли дека не може да функционира надвор од Европската Унија. Македонија не е јадна, туку е национална држава на тој народ“.
За жал и голема несреќа, ова што го распознава Милановиќ, не сакаше да го види претходната влада и само една година по донесувањето на резолуцијата тие усвоија протоколи со кои фрлија пепел врз тој собраниски акт и ја отворија Пандорината кутија на македонско-бугарските односи. Х.И.