Крушево, куќата каде што било прогласено Илинденското востание

Главниот извор за животот и дејноста на Пара Матева Грдановска, прилепскиот војвода Петар Ацев, оставил краток спомен за неа. Присетувајќи се на неа, тој истакнува дека „таа беше во вистинска смисла на зборот мајка на сите што ги вршеа опасните работи – таа трепереше не толку над своите родни внучиња колку над револуционерите – легални и нелегални. Со години нејзината куќа беше прибежиште на опасни комити и револуционери. Во нејзината куќа за првпат стапија илегалци, во неа најпрво во Крушево се оформи чета и престојуваше со денови. Од нејзината куќа цели групи терористи излегуваа и влегуваа да се маскираат, да соблечат маски и облека, да се снабдат со оружје или да се ослободат од него“

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (12)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како
„комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Кога се зборува за македонското ослободително движење, за Македонската револуционерна организација и за Илинденското востание, најчесто се мисли на комитски чети, на комити и војводи, на крвави битки со аскерот, на црешовото топче, на саможртвата на војводите Христо Узунов и Методија Патчев, на откривањето на скриеното оружје на Дончо Штипјанчето и неговата решителност да не ги предаде тајните на Организацијата итн. Меѓутоа, зад сите овие подвизи на револуционерите се наоѓа силна заднина, логистика без која не би било можно да опстојат четите. Таа логистика се состоела од криење на четниците, од давање храна, од шиење облека и востанички знамиња, од извршување курирски задачи со шифрирани писма и сл.
Овие револуционерни задачи што не се видливи и кои не се однесуваат на првите борбени редови, како што кажавме, сепак играле огромна улога во зацврстувањето на моралот и борбениот дух кај Македонците. Голем дел од ваквите „невидливи“ обврски извршувале постари жени, мајки и баби, кои сочувствувале со маките на татковината и на револуционерите. Како мајка на охридските револуционери Наум, Владимир и Илија Јосифови, домот на познатата баба Крста бил зборно место на голем број дејци од охридскиот крај; кај баба Стојна комитката (Стојна Бафчанката), мајка на револуционерите Атанас, Кочо и Марија Иванови од Прилеп, се лекувале болните и ранети четници, а таа „беше клучот на Организацијата за Прилеп и Прилепско“; кај баба Агнија, пак, живееле и се криеле Даме Груев и Гоце Делчев: „баба Агнија со целата душа се посвети на светото дело, станувајќи најверниот и незаменлив помошник на двајцата апостоли и нивна десна рака“.
Една од најпознатите „баби“ во македонското револуционерно движење воопшто е баба Тонка, односно Пара Матева Грдановска. Се знае дека била од Крушево, но податоци за годината на нејзиното раѓање и смрт не се познати. Нејзината поддршка на македонските револуционери била еден од факторите за зајакнување на револуционерното дело во Крушево и Крушевско. Во тоа време, како што е познато, Крушево станало своевиден центар на ослободителното дело и токму тука ќе биде формирана првата република на Балканот.

Познатата мајка на комитите, Пара, била родена во Крушево од родот на Малковци, но нејзините родители биле родум од блиските крушевски села. Малковци биле познат и богат род, Брсјаци, според тогашните локални називи. Богатството го стекнале преку трговија. Пара била „бела, румена, стројна“. Била мажена за Мате Грдановски, Мијак, а свадбата се одржала во црквата „Св. Богородица“. Токму во таа црква грчкото свештенство и крушевските гркомани се обиделе да ја наметнат својата волја, но Пара со својата решителност успеала да издејствува црквата да започне со словенска богослужба, бидејќи таа и другите крушевски жени биле подготвени да умрат „за народот и за верата“. Младата Пара наскоро останала вдовица, откако нејзиниот маж Мате „се изгубил некаде на грчките острови“, па сама го одгледала единствениот син. Никогаш повторно не се премажила. Нејзиниот син, пак, тешко се разболел. Од него Пара добила две внучиња, Сотир и Матеј, но осиромашени живееле во крајна беда. Останало запаметено дека, и покрај сите неволји што ја снашле, никогаш не се пожалила: „така било пишано да се живее“, знаела да рече и повеќе ништо не зборувала. Починала откако го видела, макар и накратко, остварувањето на сонот, слободно Крушево.

Парашкева Ташкова Грдановска, снаа на Пара Матева и нејзина најблиска соработничка

Главниот извор за животот и дејноста на Пара Матева Грдановска, прилепскиот војвода Петар Ацев, оставил краток спомен за неа. Присетувајќи се на неа, тој истакнува дека „таа беше во вистинска смисла на зборот мајка на сите што ги вршеа опасните работи – таа трепереше не толку над своите родни внучиња колку над револуционерите – легални и нелегални. Со години нејзината куќа беше прибежиште на опасни комити и револуционери. Во нејзината куќа за првпат стапија илегалци, во неа најпрво во Крушево се оформи чета и престојуваше со денови. Од нејзината куќа цели групи терористи излегуваа и влегуваа да се маскираат, да соблечат маски и облека, да се снабдат со оружје или да се ослободат од него“.
Сите тешкотии Матева ги надминувала стоички. „Не ѝ трепна окото“, ќе запише Ацев, „не ѝ затрепери старечката рака кога потребата налагаше во пазувите да ја скрива револуционерната архива, револвери и друго оружје. Не ѝ омрзна да пере и да им готви на сите, на целата таа деноноќно раздвижена врвулица, без никој да помисли да ја награди за деноноќниот труд, за ризиците што секоја минута ги застрашуваа нејзиното постоење и иднината на нејзините блиски. И никогаш никој не чу од устата на баба Пара каква и да е поплака од немаштија, од умор или уплав“. А опасностите демнеле на секој чекор, како за неа така и за најблиското семејство, кое живеело во истата куќа каде што Пара ги криела револуционерите. Една од најблиските соработнички на Пара, или баба Тонка, како што инаку ја нарекувале, била нејзината снаа Парашкева Ташкова Грдановска, со која заедно ги споделувале сите ризици на револуционерната работа.

„Таа не ги знаеше, таа не прашуваше и не сакаше да ги знае имињата на врвулицата млади и стари дејци: учители, свештеници, селани и граѓани. Таа ги пресретнуваше со мајчинска насмевка сите… Старечките сили како да ѝ се зголемуваа секој ден… Вечно весела, вечно насмеана, таа ги галеше револуционерите со мајчинскиот поглед нежно, молчаливо“.
Баба Пара Матева Грдановска имала исклучителна преданост и високи морални вредности. Токму тие квалитети придонеле крушевското население и револуционерите да ја наречат мајка на комитите. А не било без причина да ја наречат така. Самата таа давала пример, била пример, бидејќи она што требало да го заврши, го завршувала без приговор. Не ја интересирало зошто и како, туку со блага насмевка ќе го кажела „нејзиниот закон“: „Опасните дела подобро се вршат со малку приказни!“

Д-р Славчо Ковилоски

(продолжува)