Фото: ЕПА

Добро е што Македонија имаше претставник на највисоко ниво на погребот на понтифот. Затоа што токму папата Франциск јасно кажа дека Македонија е портата на христијанството кон Запад, притоа прецизирајќи ја мисијата на апостолот Павле. Но, ете проблеми – овие факти, кои се всушност факти на Ватикан, ги фалсификува токму Европската Унија, а не сака да ги препознае ниту Америка. Работите секако дека се компликувани, но Франциск ни остави во аманет јасна и недвосмислена поддршка и ни го покажа патот каде треба да се движиме

ПО ПОГРЕБОТ НА ПОГЛАВАРОТ НА РИМОКАТОЛИЧКАТА ЦРКВА, ОСТАВЕНИ ПРЕПОЗНАТЛИВИ И ВАЖНИ МАРКЕРИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Погребот на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск не беше собир на глобалистите, како што некаде се обидоа да го претстават. Тоа беше глобален настан, на кој светот, пред сѐ христијаните, му оддадоа последна почит на еден црковен великодостојник, кој со својата понизност влезе во срцата на верниците. Папата Франциск светот ќе го памети како верски поглавар што застанал на страната на невидливите општествени слоеви, на сиромашните, на обесправените.
Од овој аспект, но и некои други на кои сакаме да обрнеме достојно внимание, беше многу важно што претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова беше на погребот, на кој присуствуваа уште педесетина светски лидери. Македонија мораше да му оддаде последна достојна почит на папата Франциск, но и да биде видена таму каде што треба.
Имаше многу историски фотографии, но можеби една личност не доби медиумски публицитет, а е важна кога зборуваме за закрилата што ја даваше Франциск за обесправените. На поклонение во Ватикан дојде и Џулијан Асанж, човекот што го создаде Викиликс и разголи многу политички афери. На прашањето зошто Асанж би му се поклонил на папата, одговорот е можеби за повеќето од нас зачудувачки зашто не сме знаеле еден многу важен податок поврзан со неговиот егзил и битката да опстои, па и да преживее. Во моменти кога на Асанж му бил неизвесен политичкиот азил во колумбиската амбасада во Лондон, лично папата Франциск му понудил политичка заштита. Тоа е таа негова величина што ќе се памети.

ОД КАДЕ ДОЈДЕ ХРИСТИЈАНСКАТА СВЕТЛИНА ВО ЕВРОПА?

Ќе останат запаметени неколку моќни изјави на светски политичари поврзани со историската величина и наследството на Македонија. На пример американскиот дипломат Лоренс Иглбергер еднаш ќе рече дека Македонија има целосно право на наследство на Филип и Александар Македонски, јасно давајќи до знаење дека Грците немаат директна врска со Античка Македонија. Има и други изјави од светски лидери, но во моментов оваа е доволна. Потоа, рускиот лидер Борис Елцин во интервју изјави дека христијанството доаѓа од Македонија, а и Владимир Путин ја кажал таа историска вистина, но и додал дека и писменоста, односно словото, доаѓа од Македонија преку Кирил и Методиј. Интересно е што во овие две слични изјави се зборува за Македонија, но не и за Македонци, нешто што комплетно го демаскира папата Франциск во една своја изјава за новинарите при посетата на Македонија и на Бугарија во 2019 година.
„За нас христијаните Македонија е симбол за влезот на христијанството за Запад “, изјави за новинарите папата Франциск. Тој притоа кажа дека Бугарите имаат вековна традиција како народ и како држава, но и Македонците имаат вековна традиција како народ и со тоа јасно кажа дека Македонците и Бугарите се два сосема различни народа. Но Франциск објаснува како христијанството почнало да се шири од Македонија кон Западот, притоа потсетувајќи на една од најфасцинантните случки опишани во Новиот завет. Тоа е мисијата на апостолот Павле во Македонија, при што Франциск кажува дека Павле имал привидение, односно на сон му се јавил Македонец и го повикал да дојде во Македонија за да им помогне. Франциск јасно зборува и именува Македонец, нешто што постојано и денес се негира, односно се користат фалсификати.
Според библиските и историските записи, Павле доаѓа во две мисии во 50 и во 51 година од новата ера, што значи ни дваесет години по смртта на Исус Христос, но и неговото воскреснување. Тоа значи дека кога Павле доаѓа во Филипи (денешна Кавала), тој сѐ уште има свежи сеќавања за најголемите и најважни случувања за нашата цивилизација, а тоа значи дека и немало можности за фалсификување на случките.

ЗОШТО СОНОТ НА АПОСТОЛОТ ПАВЛЕ Е МИСТЕРИЈА?

Зборувајќи пред новинарите за овие случувања, папата Франциск не го криеше воодушевувањето од тоа што тогаш се случило и притоа кажа дека сонот во кој на Павле му се прикажува некој висок воин Македонец е една голема мистерија. Зошто?
Ако се следат настаните поврзани со Библијата, односно Стариот завет, ќе дојдеме до повеќе важни библиски маркери и ќе ни стане уште појасно зошто Македонија, Македонците и лично македонскиот крал Александар се спомнати во светата книга, Тората. Можеби папата Франциск имал информации, но не сакал да навлегува во тие свети тајни оставајќи му на светот да дојде до решение базирано на фактите. Би било несериозно да тврдиме дека Ватикан во своите библиотеки и архиви ја нема пред нос вистината зошто Павле доаѓа во Македонија. Но за нас како држава Македонија, како Македонци, како верници, е доволно тоа што го кажа Франциск, оставајќи ни своевиден аманет, но и насока каде треба да се движиме и кои и какви да бидеме на тој пат, на кој сигурно знаеме дека ќе има пречки. А веќе ги има премногу. Да наброиме две големи и растат како планини – тоа се Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија, вклучувајќи ги и додадените протоколи. Тие два договора се лабораториското ништење на Македонија и нејзиното цивилизациско наследство.
Клучот на мистеријата што ја поставува Франциск може да се пронајде во Стариот завет, но и во историјата на Евреите. Павле е Евреин родум од Тарс (подоцна Антиохија) и неговото еврејско име е Саул/Шаул. Како Евреин тој морал да знае за врските што постоеле меѓу Македонците и Евреите. Притоа клучна е воената мисија на Александар во Мала Азија, кога воено ги поразува Персијците. На својот воен поход тој поминува на територија на Евреите, каде што е пречекан како крал, но Александар се симнува од својот коњ и им се поклонува на Евреите и на ковчегот на заветот. На тој начин тој им укажува лична почит како на народ, но пред сѐ почит на нивниот Бог, кој Александар го прифаќа како свој. Тоа го докажува со законот, односно едиктот што го објавува според кој Евреите и Македонците се сосема рамноправни во империјата, а Евреите можат слободно да ја практикуваат нивната религија. Тоа не е само озаконување на Тората и ширење на нејзините вредности туку е почетокот на јудеохристијанското учење, но и етаблирање како религија на целата територија на македонската империја, нуклеусот на раното христијанство. Овие историски факти Павле сигурно ги знаел, па затоа неговиот апостолски маркер неизбежно бил да почне од Македонија. Исто така важно е да се читаат и неговите апостолски посланија, каде што никаде не спомнува Грци. Павле зборува за Атињани или за Коринтјани, па поголема мистерија за одгатнување не е кој е Македонецот, оти јасно е кој бил, туку кои се Грците, кои во тоа време никаде не се спомнати.


Двата договора што како ортома се стегаат околу Македонија

Рековме дека двата договора потпишани со Грција и со Бугарија се катастрофални за Македонија зашто задираат многу длабоко во нејзиниот идентитет, а со тоа е доводен под закана и нејзиниот опстанок како модерна држава. Со двата договора, особено со Преспанскиот, под надворешен и внатрешен притисок и политички махинации е постигнат договор со кој самите Македонци се откажуваат од античкото наследство и тврдат дека тоа им припаѓа на Грците. Вакво нешто меѓународната пракса не познава. Па, сега е лесно да резонираме дека ако Павле го повикал некој Македонец, тоа во 21 век треба да значи дека тој Македонец бил всушност Хелен, а Грците се наследници на хеленската цивилизација.
И тука сега имаме уште посериозен проблем, зашто прво договорот не е склучен според меѓународното договорно право, зашто тој во себе содржи ултимативни одредби со кои се официјализираат историски фалсификати. А зад тие фалсификати стои лично Европската Унија, која не ги слуша зборовите на папата Франциск, а со тоа и на Ватикан, но и на Америка, која посредуваше во постигнувањето на Преспанскиот договор. Еден верник од Македонија би морал да се праша – па, добро, дали навистина паролата „Во Господ веруваме“ е само гола фраза за Американците? А, што ни кажува Библијата, што зборувал и пишувал Павле?
Во однос на Бугарија, исто така Франциск ја кажа вистината и таа не треба да боли, туку треба да ги зближи двата соседа. Но кога седиш на една маса, сите столчиња треба да бидат со иста висина и сите пред себе да имаат ист прибор за јадење и иста храна. Дали Македонија е рамноправна во Договорот со Бугарија? Не. Меѓутоа работите од бугарската историска школа отидоа предалеку, а веројатно кај нас и се нема време подлабоко да се размислува за последиците што веќе ги имаме. На пример, според информацијата на еден македонски академик, Бугарија има отпечатено сто тома научни книги за дејците од 20 век, кои се дистрибуирани по библиотеките низ целиот свет. Целата македонска преродба, Шапкарев, Миладинови, Јовков, Жинзифов…, сите што пишувале додека живееле главно во Софија, сето тоа е бугаризирано. И тоа е само еден дел од постдоговорот за пријателство. Стегањето на ортомата околу македонскиот врат ќе продолжи во ЕУ зашто кога еднаш си попуштил, сите очекуваат играта да ја одиграш докрај.
Дали? Папата Франциск кажа големи зборови за Македонија и ни остави аманет дека треба да продолжиме да се бориме. Цивилизација што е стара шест илјади години не може да исчезне едноставно прекуноќ. Но не смееме да дозволиме инспиративните зборови на Франциск да останат под земја, каде што ќе почива папата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим. Има нации што се фаќаат за сламка па опстојуваат, а Македонија има длабоки историски корени и затоа има цивилизациско и морално право да го сврти текот на историјата во своја корист. Х.И.