Преголемата и непланска урбанизација, несоодветната атмосферска канализација и нерасчистувањето на одводните канали се најчестите причини поради кои и при помали летни дождови се поплавуваат цели градови, населени места и села во државава и се причинува огромна материјална штета. Надлежните институции и овој пат си ја префрлаат одговорноста едни на други додека државата тоне во надојдените води
По поплавите повторно на површина испливаа негрижата и неодговорноста
Обилните дождови што деновиве паднаа во Македонија предизвикаа поплави и големи штети за граѓаните, фирмите и за објектите на локалните самоуправи. Во изминатите десетина дена на удар на летните поројни дождови се најдоа Неготино, Кавадарци, Тетово, Виница, Прилеп и други делови во Скопје и помали населени места и села во земјата. Во завчерашното невреме најкритично беше во селото Лажани, во општината Долнени, каде што се поплавени 50 куќи. Поради ова жителите итно беа евакуирани. Граѓаните се обидуваат да санираат и дел од штетите од поројниот дожд во Долнени, Тетово и Виница, но за наредните денови во повеќе места се најавува ново невреме, кое носи опасност од нови поплави.
По пет години од водното цунами што го зафати скопско Стајковци, кога беа поплавени многу домови и, за жал, беа изгубени триесетина човечки животи, Македонија не ја научи лекцијата како да се спречат или да се намалат штетите од поплави. Локалните самоуправи и централната власт недоволно направија за подобрување на атмосферската канализациска мрежа во населените места и за одржување на одводните канали. Уништувањето на шумите во голема мера придонесува за поплавувањето на земјоделските површини. Фрлањето шут во каналите е долгогодишен проблем, за кој никој „не е надлежен“. Огромно количество отпад се истовара во каналите за одводнување, па со летните поројни дождови или со топењето на снегот сиот шут испливува на површина и повторно им се враќа во дворовите на граѓаните или по улиците. По обичај, надлежните институции интервенираат по секој дожд, колку да се утврди настанатата штета, а состојбата останува непроменета до следните поројни дождови и поплави.
Центарот за управување со кризи го објави билтенот по завчерашните поплави предизвикани од поројни дождови. Општината Прилеп беше зафатена од силно невреме, при што имаше поплавени куќи од невремето што го зафати селото Лажани. Во куќите беа заглавени луѓе на кои им беше потребна помош да ги напуштат своите домови. По обилниот дожд во Виница се пријавени 40 објекти како поплавени (куќи и деловни објекти), претежно во подрумските простории. Интервенирано е на 20 објекти.
Екипи на Центарот за управување со кризи, противпожарни возила, како и граѓани со трактори им помагаа на екипите за санирање на штетите од невремето. Од ЦУК нѐ информираа дека станува збор за долниот дел од селото, каде што поминува терцијалниот канал, кој од низа причини бил стеснет од ф-1.000 на ф-100 и ф-200. Станува збор за дел каде што има приватни станбени куќи заради можност да се премости влезот над каналот.
– Во согласност со законските надлежности, ние како ЦУК навремено информиравме за можноста од појава на поројни дождови, врз основа на добиените информации од Републичкиот хидрометеоролошки завод. Во фазата на рано предупредување посочивме на критичните региони во Полошкиот и северозападниот дел на земјата. Но во случај на вакви временски непогоди не е доволно само да се предупреди, доколку претходно не се преземат мерките за спречување на излевањето на реките, суводолиците, каналите. Овие обврски се во надлежност на локалните самоуправи или на водостопанските заедници, во зависност од тоа дали речните корита или каналите се во урбана или во рурална средина. Конкретно во случајот со Лажани, станува збор за затнат одводен канал со депонирање отпад од жителите. Одводниот канал е проектиран со фи илјада, со дополнителна интервенција е намален протокот на вода со цевка од дваесетина сантиметри. Проблемот со поплавувањето на улиците на Тетово е поради несоодветната покриеност на градот со канализациска и атмосферска канализација, која е со помал капацитет и недоволно да ја собере сета вода во случај на поројни врнежи во краток период. Ваква состојба има и во другите градови во земјата, а за надминување на овој проблем, потребни се дополнителни инвестиции од локалната самоуправа – ни изјави Горан Стојановски, раководител на Секторот за операции и координации на ЦУК.
На подрачјето на Тетово по обилните врнежи што ја зафатија општината Тетово има места што се погодени од невремето, има поплавени подруми гаражи и куќи, а исто така излеана е канализацијата од неколку шахти. Патот кон селото Фалише кај подвозникот е полн со вода и другите подвозници се во целосен прекин за движење. Исто така, патот што води од стадион до касарната е поплавен и е во целосен прекин за движење. Интервенирано е на каналот што поминува низ селото Мала Речица. Евакуирани се 10 луѓе од поплавени куќи во населеното место Горна Чаршија. Во тетовското село Џерма, зафатено со интензивните врнежи, според информациите засега, е уништена една куќа, а некои автомобили се блокирани.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, по најновите поплавувања на градските улици, посебно во делот кај касарната, изјави дека тоа е поради несоодветната канализациска мрежа. Тој повтори дека општинските ресурси се ограничени за отстранување и за санирање на штетите и побара помош од Владата на Македонија.
Зголемениот водостој на реките и запушените одводни канали повторно предизвикаа проблеми во повеќе региони во земјата. Излевањето на Саждевска Река предизвика поплава во селото Лажани, каде што се поплавени 50 куќи, откако пороен дожд вечерва го зафати Пелагонискиот Регион.
– Причина е излевање на реката, која поради невремето, како и несоодветната градба и отпад, поплави поголем број куќи – изјави градоначалникот на Општина Долнени, Урим Ибески. М.Ј.