Ласко Џуровски

Светот веќе навлегува во новата мултиполарна ера, откако САД, а особено новиот Вашингтон, почнаа да се повлекуваат од својата неолиберална амбиција да бидат „светски полицаец“ и единствен глобален хегемон-владетел. Но, во еден таков контекст и тек на историјата, преструктурирањето на Македонија на надворешнополитички план во новодоаѓачкиот амбиент на мултиполарен свет и мултиинтеграциите се наметнува како нејзин приоритет и државно-национален интерес, покрај политичко-економското партнерство со ЕУ

Исчекор во мултиполарниот свет и развивањето на мултиинтеграцијата како потреба на Македонија

Денис Рос, поранешниот посебен помошник на поранешниот американски претседател Барак Обама и истакнат политички научник-истражувач во Вашингтонскиот институт, во својата научна студија „Умешност за водење на државните работи 2.0“, која е објавена годинава, констатира дека во светот, кој е веќе мултиполарен, Соединетите Американски Држави имаат само релативна моќ и немаат повеќе луксуз лошо да го практикуваат водењето на државните работи. „САД се можеби сè уште најсилната земја во светот, но сега се соочуваат со вистински предизвици и на глобално и на регионално ниво. Го нема повеќе еднополарниот свет, во кој доминираше Америка по Студената војна“, нагласува Рос.
Во колумната со наслов „Конфликтот Русија-Украина: забрзување на мултиполарниот свет“, објавена во „Ал џезира“, Јуџин Чосовски, аналитичар од институтот за стратегија и политика „Њулајнз“ од Вашингтон, констатира дека во светот се случуваат „пошироки промени во архитектурата на глобалната моќ“.

Опиплива перцепција за реалноста

Мултиполарниот свет е светската реалност, во која опстојува и Македонија, односно со Преспанскиот договор сега наречена „северна“ Македонија. Сѐ повеќе држави, мали и средни по големина, сѐ посилно ги изнесуваат своите барања сами да ги одредуваат правците на својот политички и економски развој, да располагаат со својот внатрешен и надворешен суверенитет, да ги прекинат неоколонијалните стеги што низ различни форми и методи сѐуште се практикуваат над неразвиените или, пак, над земјите во развој. Примери има многу, а најпластични сѐуште се оние од Африка.
Каде е во овој глобален контекст Македонија? Што (не) презема како држава?
Таа допрва започнува да се репозиционира како држава кон мултиполарниот свет, што го навести претседателката Гордана Силјановска-Давкова, велејќи на 11 март 2025 година дека „се препознава важноста на мултиполарниот свет“.
Засега, слободно може да се констатира дека е факт дека актуелно Скопје прави потези преку кои се препознаваат отворање комуникациски канали низ кои властите би сакале да протечат двонасочни односи, а да се реализираат автентичните државно-национални интереси на македонскиот народ и на интересите на сите други граѓани на Македонија.

Што може да очекуваат малите земји во ерата на мултиполарност?

Низ разговорите со повеќе универзитетски професори, политичари, правници, економисти, аналитичари, секаде провејува прашањето: Во еден ваков тек на глобалните настани, што да прават сега Македонија и другите мали држави? Како да го толкуваат процесот на „мултиполарнo преминување“? Значи ли тоа и приклонување кон еден од мултиполовите на надоаѓачката глобална политичко-економска конфигурација? Гравитација кон некоја од големите сили?
Македонија не смее да дозволи да биде доведена во ситуација да прифати свет со „исчашен“ концепт на мултиполарност, што некои европски елити како тези и аргументација почнаа „да ги продаваат“ во јавноста преку медиумите, при што тврдат дека токму „концептот на мултиполарност ќе биде погубен за малите и неразвиените земји“. Таквиот извртен концепт тврди дека „малите земји ќе мораат да ’транзитираат’, да преминат било кон САД било кон Русија или кој било друг“.
– Одбиваме да бидеме жетон во новата Студена војна, во која ќе мора да се одбира страна во мултиполарниот свет – изјави кон крајот на 2024 година Џоко Видодо, претседателот на Индонезија.
Појасно кажано, нашите соговорници аргументираат дека „во оваа смисла Македонија треба да развива политички, економски, трговски и финансиски односи, кои ќе бидат повеќестрани“.
Развивање односи и со САД, еднакво и со Русија, како и со сите други држави во светот. Засега, суверенизмот и традиционализмот се заеднички именител и појдовна точка. На тој фундамент треба да се темели развојот на односите со големите, поддржувајќи го мултиполаризмот. Стратегиското партнерство со Трампова Америка на американскиот континент, стратегиското партнерство со Турција на евроазискиот дел, со Унгарија на европскиот континент, или пак со Кина на азискиот… сите континенти ни се покриени… и секаде каде што ќе се оцени дека е наш државен и национален интерес.
Токму тоа е „мултиинтеграцискиот“ концепт и приоритет што е соодветен на македонските државно-национални интереси, на интересите на сите граѓани на Македонија. Значи ќе мора да се постави како врвен приоритет поврзаноста со мултиполарниот свет и концептот на мултиинтеграциите како замена на неолибералната евроинтеграција, која е, всушност, веќе во демонтажа. Наместо папагалскиот рефрен „нема алтернатива за евроинтеграцијата“, Република Македонија ќе може и ќе мора да развива како реални политичко-економски алтернативи во сѐ поголема мера директна политичка и економска соработка и со мултиполарниот свет, со Арапската лига, со групата на земји АСЕАН, со земјите од групата БРИКС, со Движењето на неврзаните. Бесмислените и политички контрапродуктивни „евроинтеграциски коленичења“ во Брисел, во Софија, во Атина, Владата на Македонија треба да ги замени со нови билатерални контакти и договори за директна размена на политики, човечки ресурси, трговија, проток на идеи, стока итн.


Некои од тезите на „либералните критичари“ на новиот мултиполарен свет:

Концептот на мултиполарност ќе биде погубен за малите и неразвиените земји!?

Застапниците на концептот „мултиполарен свет“ често се земји што имаат моќ да станат, всушност, еден од половите на светската политика. Во научните кругови, но и меѓу редица светски политички лидери и државници постојат сомнежи дека да се биде „пол“ значи да се биде доминантна нација во одреден регион.
Погоре во текстот кратко се осврнавме на лансирањето еден „исчашен“ концепт на мултиполарност. Имено, навистина е забележливо како европските либерални елити почнаа во јавноста и во медиумите да ја продаваат опасноста од претстојната мултиполарност, при што тврдат дека токму „концептот на мултиполарност ќе биде погубен за малите и неразвиените земји“. Таквиот извртен концепт дава квазиаргументи дека „малите земји ќе мораат да „транзитираат“, да преминат било кон САД, било кон Русија или кој било друг“.
Се пројавуваат ставови дека „мултиполарен свет“ е само „поблаг“ израз за „сфери на влијание“. На пример, ваквите критичари тврдат дека кога Турција вели мултиполарност во меѓународните односи тоа значи „турска надмоќ на Блискиот Исток и Источниот Медитеран“.
Според нив, кога Индија вели мултиполарност, тогаш тоа значи „индиска хегемонија над потконтинентот“. Но и дека кога Русија вели мултиполарност, тоа значи „руска доминација над Источна Европа и Централна Азија“.
Овие критичари на светската мултиполарност се категорични дека малите нации најмногу ќе изгубат бидејќи тие ќе станат директни жртви на силите, на државите, кои се стремат да станат „светски пол“. „Затоа, би било крајно наивно да се мисли дека мултиполарноста ќе ги направи меѓународните односи ‘подемократски’, ‘помирни’ или ‘поправедни’. Во тој поглед, би било препорачливо сите тие тврдења за светска мултиполарност да се разгледаат со резерва“, тврдат критичарите на мултиполарниот концепт.

Свето Тоевски