Општина Илинден

Со проекција на филмот „Снежана на крајот умира“, во режија на Кристијан Ристевски, започна манифестацијата „Денови на културата во општината Илинден 2025“. Во Домот на културата во Илинден граѓаните имаа можност да ја гледаат оваа драма со елементи на филмска комедија и да уживаат во глумата на истакнати македонски актери, како Сашко Коцев, Тони Михајловски, Валентин Костадиновски и многу други.
Манифестацијата продолжи со низа настани во Домот на културата. Се одржа промоција на книгата „Проникнување на тишината“, во авторство на реномираната хрватско-македонска поетеса Љерка Тот Наумовска. Промотор на книгата беше Ѓуро Видмановиќ, истакнат хрватски поет, прозаист, книжевен критичар, преведувач, историчар и дипломат. Манифестацијата продолжи со литературно матине за деца, во кое настапија истакнати писатели за деца и млади.
Потоа, градоначалникот Александар Георгиевски на учениците од основните училишта на општината Илинден, кои добија пофалници за најуспешни поетски творби, им додели дипломи и награди.
Централната манифестација ќе се одржи денеска, во 19 часот, во киносалата во Домот на културата во Илинден, а ќе ја отвори градоначалникот на општината. Манифестацијата ќе содржи поетско читање посветено на македонската поезија и музички настап на солисти од Националната опера и балет. О.Р.