Претседателката на Европската комисија попушта пред барањата на Европскиот парламент за буџетот на ЕУ
- Отстапките на комисијата послужија за избегнување внатрешен судир во ЕУ, но зајакнатиот европарламент веќе подготвува дополнителни барања
Соочена со Европскиот парламент, кој има намера да гласа против нејзините планови за следниот долгорочен буџет на ЕУ, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, направи отстапки со измени во предлог-буџетот на ЕК што успеаја да ги смират центристичките групи во парламентот, без да предизвикаат незадоволство меѓу членките на ЕУ. Но пратениците веќе сигнализираат дека ќе се вратат да побараат повеќе.
Попуштањето пред барањата на парламентот ја покажува новата динамика што се игра меѓу главните институции на ЕУ, при што Фон дер Лајен посветува дополнително внимание на парламентот што сега е наклонет подесно отколку кога било досега и веќе се обиде да ја собори во неколку наврати.
Европратениците со недели беа немирни околу плановите за следниот седумгодишен буџет на ЕУ. Многумина беа бесни поради начинот на кој комисијата сакаше да управува со парите од ЕУ за регионите и земјоделците, и се заканија дека утре ќе гласаат против плановите. За да го спречи тој бунт, Фон дер Лајен во неделата понуди неколку измени во својот првичен предлог, вклучително и воведување „рурална цел“ за земјоделските трошоци на главните градови и давање поголема моќ на регионалните лидери да одредат како ќе се распределуваат парите.
Компромисот покажа дека Фон дер Лајен е подготвена да се покори на повеќето од барањата на парламентот, што е редок потег на комисијата во оваа фаза од разговорите за буџетот. Во претходните преговори за буџетот, парламентот беше речиси игнориран во голем дел од процесот. Измените сега ќе бидат додадени во правниот текст од страна на Советот, бидејќи повлекувањето и повторното претставување на предлогот на комисијата значително би го одложило процесот. Сепак, многумина пратеници сè уште се жалат дека сакаат поголемо влијание врз обликувањето на буџетот.
Оваа година парламентот поднесе три иницијативи за недоверба против Фон дер Лајен и тие открија длабоки поделби во рамките на центристичката алијанса, која долго време владееше во Брисел, иако претседателката на ЕК остана на функцијата. Затоа, Фон дер Лајен посветува поголемо внимание на барањата на европратениците.
– Ова е најнестабилниот Европски парламент досега. На комисијата ѝ е многу тешко да ги предвиди нивните потези и што да очекува од гласањата, што генерира многу фрустрации во Берлејмонт – рече функционер на ЕУ кога центристите не успеаја да поддржат договор за зелени правила за бизнисите, клучен за агендата на Фон дер Лајен.
Со смирување на парламентот за буџетот, преку предлагање измени што се прифатливи за земјите од ЕУ, Фон дер Лајен засега избегна конфликт меѓу европратениците, но се посочува дека парламентарните групи веќе подготвуваат нови барања. Р.С.


































