Фото: „Нова Македонија“

Калапот на (нео)либералниот „свет“ и матрицата на суверенистичкиот „свет“ за нашата земја: Македонија во „српскиот свет“ како повод

  • Пред сѐ и над сѐ, на Брисел треба да му биде јасно дека Македонија „историски“ е под перманентен удар да стане „немакедонски свет“! Гореспоменатиот термин „историски“ значи дека ваквите политички/национални/конфесионални влијанија во Македонија, и однадвор и однатре, не се воопшто нови! Асимилацијата, уцените, врбувањата и поткупите за влегување во друг свет (етнички, верски, политички, јазичен, идентитетски итн.) на македонските граѓани им се познати од поблиската и од подалечната историја (од османлиско време преку потурчувањата, понатаму преку менувањето на презимињата во српски, називите во бугарски, топонимите во грчки итн., има многу примери). Само, изгледа, (нео)либералните бриселски елити не можат или не сакаат да го препознаат тоа
  • Различни „светови“ сакале да ја вшмукаат Македонија, но никогаш не успеале. Затоа, многу врвни македонски интелектуалци, кои ни беа соговорници на оваа тема, истакнуваат дека „Македонија не е во ничиј свет и нема да биде“! Македонија отсекогаш длабоко во себе го носи својот национален повеќеслоен свет, без разлика кој како сакал да го етикетира и кој како сакал да го присвои. Македонија сака да биде суверено своја, онака како што биле и нејзините вековни стремежи, онака како што АСНОМСКИ се определила и онака како што осмосептемвриски плебисцитарно потврдила пред триесетина години, констатираат соговорниците

Уште од крајот на годинашниов јуни се зачестуваат и се засилуваат тврдењата и обвинувањата од страна на Брисел и членки на ЕУ и нејзините институции дека „во земјава има континуирани операции на странско влијание, при што државава се внесува во српски свет, или во руски свет или, пак, во кинески свет“…
Така, флоскулата дека „државава е во српски свет“ насилно беше протуркана и од европарламентарците, при што како таква, таа влезе и во извештајот на Томас Вајц за „напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес“. За потсетување, во извештајот на Европскиот парламент е наведено дека сме дел од „српскиот свет“, односно дека сме „под силно влијание на тој свет, на таа политика и тоа замешателство на унгарско-српско-руско-кинеска политика, која нѐ спречува да мрднеме напред на планот на евроинтеграциите“, како што толкуваат тие. (!?)

Домашни аспекти на феноменот „Македонија во нечиј свет“

На Демократската унија за интеграција (ДУИ) добро ѝ дојдоа ваквите ставови на ЕУ, кои најдоа место и во Резолуцијата на Европскиот парламент од 9 јули за Македонија. Имено, само еден ден потоа и партијата на Али Ахмети се огласи со став дека „потврдил и извештајот на ЕК дека С. Македонија е лабораторија на влијанијата на ‘српскиот свет’ и на Русија и Кина“.
Потпретседателот на оваа партија и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, на 24 јули кажа дека државава „…е фатена во мрежата на српскиот свет“ и оти „таа потпаѓа под агенди, од кои е загрозена стратегиската цел на Албанците“.
– Усвојувањето на извештајот на Европскиот парламент, каде што 461 европратеник од сите политички спектри заклучуваат дека С. Македонија е фатена во мрежата на „српскиот свет“ е алармантно. Ова повеќе не е политички став, туку факт потврден од апсолутното мнозинство претставници на европските граѓани. Тоа е она, за кое предупредуваме со месеци: лизгање кон агенди, кои не се совпаѓаат со европските вредности и фундаменталните договори, врз кои е изградена нашата мултиетничка држава – ќе каже во овој контекст Бујар Османи.

И авторитети од западното државно соседство со конкретни активности за да ја вклучат Македонија во својот „свет“, а ЕУ не реагира

Еве, за волја на вистината и за информација на Брисел, уште една аспирација на македонски сосед што сака да прикаже дека Македонија е негов „свет“ (покрај бугарскиот и грчкиот стремеж што Брисел не сака да ги регистрира, бидејќи последноспоменативе аспирации се од страна на држави членки на ЕУ).
Имено, зошто ЕУ не ги означи како „операции на злонамерно странско влијание“ и директните вмешувања на албанскиот премиер Еди Рама и на сегашниот вршител на должноста премиер на Косово, Албин Курти, уште лани пред македонските парламентарни и претседателски избори, со директна цел Македонија да стане дел на „албанскиот свет“ на Балканот?! Зошто ЕУ молчи и сега пред новите обиди Рама и Курти да интервенираат и во претстојните локални избори во Македонија, во нивната меѓусебна борба кој да стане „сеалбански лидер во Балканот“?! За оваа состојба, странските политички лидери и носители на високи јавни функции во нивните држави наоѓаат и здушна поддршка кај делови од локалното албанско малцинство во Македонија, при што и содржински и територијално и временски тие ја вклучуваат државата Македонија во својот „албански свет“?! А по ова прашање за овој „свет“ има –нула реакции од либералите од Брисел?!
– С. Македонија стана политичко бојно поле меѓу премиерите Рама и Курти, кои се вмешаа во двојните избори, парламентарни и претседателски во земјата… Големи прашања се раѓаат додека гледаме сеалбанска амбиција на двајцата премиери Рама и Курти за политичко влијание, или за доминација во албанскиот простор. Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама во Албанија и движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти во Косово се во трескавична трка за моќ преку границите во Македонија, но и во Црна Гора. Сепак, таа трка во Македонија останува најнагласена – напиша новинарката Марјана Дода, основачка и главна и одговорна уредничка на геополитичкиот портал „Аргументум“ од Албанија.
Значи, за сериозни влијанија и размекнување на границите од нашиот западен сосед (и од Косово) изостанува реакцијата од Брисел?! Таквото бриселско игнорирање е нешто слично како и игнорирањето на аспирациите за создавање „свет на Бугарите и на Грците“ во Македонија?!
Тоа навистина е бриселска политика на два колосека, што длабоко ги оштетува легитимните политики на суверенизам на еден народ и една држава, како што се Македонците и Македонија.

Македонија е под удар да стане немакедонски свет!

Македонија како територија, народ и држава, отсекогаш била под удар да стане друг – немакедонски свет. Но болно е што сега Македонија е под удар и на официјален Брисел да се претвори во „немакедонски и во неевропски свет“, да остане трајна и најдалечна, најмрачна периферија на политичка Европа, да заглави засекогаш во европската чекалница, а не да стане дел на „демократскиот европски клуб“! Зад тврдењата на Брисел за „влијанијата на Русија, Кина, Србија и на Унгарија“ се крие подмолната намера всушност на Македонија да ѝ се сосечат какви било можности за одржување на природните политички, економски и други врски со, на пример Кина, Унгарија, Русија, со соседна Србија, еднакво исто како и со Западна Европа, со водечките европски и светски држави.
ЕУ и нејзините домашни помагачи имаат цел Македонија да остане во ситуација на беспомошност и зависност наспрема Брисел, Софија и Грција, да нема никакви ниту сојузници ниту стратегиски партнери како можна политичка алтернатива наспрема Европската Унија, за која Македонија „нема алтернатива“, но и наспрема Бугарија, од која „ѝ нема алтернатива“ на Македонија во „неизбежната судбина да стане втора бугарска држава“.
Либералниот калап на ЕУ за Македонија е различен од суверенистичката матрица (исто на земји членки на ЕУ). Но овој вториов пристап, суверенистичкиот, во ситуација во каква што се наоѓа Македонија (со проблематизирање на идентитетот, јазикот, историјата, народот…) е апсолутно поприфатлив, бидејќи се почитува природното право на една нација (јус когенс во меѓународното право) за да не ни бидат дерогирани правото на самоопределување и интегритетот, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на државна и народна самоодбрана, правото на недискриминација на државите, правото на заштитата на основните човекови поединечни и колективни права итн. Либералниот калап го исклучува ова сето…

Свето Тоевски


Македонскиот свет одамна е реалност

Муцунски: Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика

Тврдењата на ЕУ, кон кои се надоврзуваат и домашните опозициски партии од албанскиот и од македонскиот политички блок, за „српски свет“ и „влијанија на Русија, Кина и Унгарија“, всушност се надворешни операции, домашно потпомогнати, присилно, со притисоци и диктати Македонија да се задржи „на патот на Европа“. Што уште појасно кажано значи да се принуди Македонија да си го смени Уставот и да внесе „државотворен бугарски народ“ во него. Шефот на македонската дипломатија во изјава за пошироката јавност изнесе значаен став, кој е и директен одговор и на обвинувањата на официјален Брисел: „Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика“. Ова е многу важно истапување на висок претставник на Владата на Република Македонија, со кое на Балканот и во политичка Европа се претставува „македонскиот свет“ како реалност со своите македонски државно-национални и политички интереси на Македонците и сите други македонски граѓани. С.Т.