Фото: „Нова Македонија“

Шест години од изгласувањето на уставните амандмани за промена на државното име

Целите и стремежите да се остварат со своја одлука, отпор и несогласување

  • Како измина шестгодишниот период од тој момент на идентитетско обезличување на цел еден народ, македонскиот, и на една држава, Македонија, дотогаш незабележано во политичката историја не само на Европа туку и во целиот свет? Дали Македонија во изминатиот шестгодишен период се помести понапред во евроинтеграциите? Или, пак, останаа само изиграните, наивни или, пак, можеби дебело корумпирани тогашни државни лидери немо да сведочат за состојбите во кои ги внесоа Македонија и нацијата?!
  • На 11 јануари 2019 година, при усвојувањето на едни крајно контроверзни амандмани за менување на уставното име на Република Македонија во „Република Северна Македонија“, пратениците од тогашното владејачко мнозинство во Собранието образложуваа дека „географската одредница Северна е историско решение за дефинирање современа држава, која своето постоење сака да го гради врз универзални принципи“. (!?) Каква заблуда!

Поминаа шест години откако македонското собрание ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име на Република Македонија во „Република Северна Македонија“ по стапувањето во сила на Преспанскиот договор.
На 11 јануари 2019 година, при усвојувањето на едни крајно контроверзни амандмани за менување на уставното име на Република Македонија во „Република Северна Македонија“, пратениците од тогашното владејачко мнозинство во Собранието образложуваа дека „географската одредница Северна е историско решение за дефинирање современа држава, која своето постоење сака да го гради врз универзални принципи“. А како измина шестгодишниот период од тој момент на идентитетското обезличување на цел еден народ, македонскиот, и на една држава, Македонија, дотогаш незабележано во политичката историја не само на Европа туку и во целиот свет? Дали Македонија во изминатиот шестгодишен период се помести понапред во евроинтеграциите? Или, пак, останаа само изиграните, наивни или, пак, можеби дебело корумпирани тогашни државни лидери немо да сведочат за состојбите во кои ги внесоа Македонија и нацијата?! И дали веќе има индикатори што упатуваат на тоа дека постојат здрави експертизи што научно аргументираат можности за враќање на поранешните позиции во однос на името Македонија и на политиката кон ЕУ?

Извршната наредба на Бајден во делот за Преспанскиот договор – наредба за Македонците да не ги бараат назад името Македонија и својот македонски идентитет

Три дена пред да се навршат шесте години, откако македонското собрание го избриша на 11 јануари 2019 година уставното име на Република Македонија, по стапување во сила на Преспанскиот договор, претседателот на САД, Џозеф Бајден, со својата дополнета Извршна наредба број 14033 нареди „преземање дополнителни чекори и кон поединци, кои го поткопуваат или го прекршуваат Преспанскиот договор“. Сѐ уште актуелниот американски претседател Бајден со својата администрација ја донесе оваа Извршна наредба, иако само за 12 дена ќе биде заменет од Трамп на кормилото на американската држава.
Со својот претседателски акт, всушност, Бајден му нареди на македонскиот народ да не го бара назад своето генеричко милениумско име Македонци, ниту да го бара назад името Македонија на својата држава. Со таа извршна претседателска наредба беше нагласена уште еднаш поддршката за Преспанскиот договор, според кој, името „Македонија“ и сите негови изведенки во меѓународната употреба се резервирани само за Грција.
Така, само турскиот султан Абдул Хамид Втори во заминување се обидел да го забрани за употреба името Македонија со својата наредба од 25 март 1903 година. Но само шест години подоцна, на 27 април 1909 година не бил повеќе султан, а Македонија се викала Македонија и во наредните децении и години. Сѐ до донесувањето на Преспанскиот договор во 2018 година и до седницата на македонскиот законодавен дом на 11 јануари 2019 година, кога е изгласан меѓународно насилно наметнатиот „добрососедски договор“ за идентитетско обезличување на цел еден народ и на една држава. Во име на повисоките геостратегиски и военополитички интереси на САД, Грција и на другите нејзини меѓународни спонзори.
Бајден со својата Извршна наредба, во полза на Преспанскиот договор и Грција, а против Македонија и македонскиот народ, е во спротивност со постапките на тројцата славни американски претседатели Томас Џеферсон, Абрахам Линколн и Џон Кенеди, кои ја градеа американската историја врз принципи актуелни и денес.

Дали наредбата на Бајден е во функција на градење чесно пријателство и со македонскиот народ, како што би рекол Томас Џеферсон?

Томас Џеферсон (13.4.1743 – 4.7.1826), „татко основач“ (Founding Father) на денешните Соединети Американски Држави, бил нивен трети претседател од 1801 до 1809 година. Оваа исклучителна личност во американската историја, посебно значаен и како автор на „Декларацијата на независноста“ на САД, во својот прв инаугуративен говор како нов претседател на САД на 4 март 1801 година ќе ги изнесе, како што нагласил, „суштински важните принципи на американската влада, кои треба да важат за оние што ја обликуваат нејзината администрација. Тие принципи се: еднаква и точна правда за сите луѓе, без оглед на нивната состојба, или уверување, верско, или политичко; мир, трговија и чесно пријателство со сите народи, без вплеткување во сојузи со ниедна од нив; поддршка на владите на државите во сите нивни права… Овие принципи треба да бидат основата на нашата политичка вера… и ако отталкаме од нив во моменти на наши грешки треба да поитаме да се вратиме на патот, кој единствено води до мирот, слободата и безбедноста“.
Овие внатрешнополитички и надворешнополитички принципи на американската држава, кои ги формулирал Томас Џеферсон, не губат од својата актуелност и денес по 224 години и тие ја наметнуваат дилемата: дали Извршната наредба на сѐ уште актуелниот американски претседател Бајден во полза на Преспанскиот договор и Грција е или не е во функција на еднаква и точна правда и за Македонците, како дел од човештвото, од сите луѓе? Дали е или не е во функција на градење чесно пријателство и со македонскиот народ? Дали Извршната наредба на Бајден е или не е во функција на поддршка и на Владата на Македонија во сите нејзини права?

Бајден со својата наредба го попречува „новото раѓање на слободата“ на Македонија и напорите на Македонците „да не исчезнат од земјата“, како што би рекол Линколн

Абрахам Линколн (12.2.1809 – 15.4.1869) бил 16-от американски претседател од 1861 до неговото убиство во 1865 година, по атентатот врз него. Во американската историја забележан како национален херој и воен водач, во својот славен говор во Гетисбург, во Пенсилванија, на 19 ноември 1863 година, покрај другото, Линколн ќе нагласи: „Храбри луѓе ги дадоа своите животи, за да живее овој народ…. Ние, живите, треба да бидеме посветени на недовршената работа, за која тие се бореа и толку благородно напредуваа…
Треба да бидеме посветени на големата задача, што останува пред нас, да бидеме силно одлучни дека тие мртви не ги дале залудно своите животи, оти овој народ, под Бога, ќе има ново раѓање на слободата и оти тој и неговото владеење нема да исчезнат од земјата!“
Пораките на Абрахам Линколн од пред 159 години денес го поттикнуваат прашањето: зошто со својата наредба американскиот претседател Бајден го попречува „новото раѓање на слободата“ на Република Македонија и напорите на Македонците „да не исчезнат од земјата“, поради погубното влијание врз нив од Преспанскиот договор?
Визионерските зборови на големиот американски државник Линколн треба да бидат вдахновение и за денешните живи Македонци да бидат силно одлучни и посветени на големата задача, што останува пред нив – својот живот како македонски, а не како „северномакедонски народ“, како и возобновувањето на Република Македонија, за да не биде дека храбрите Македонци во минатото залудно ги дале своите животи и оти залудно се бореле, за да живее овој македонски народ денес.
Доаѓањето на новиот претседател на САД фрла нова светлина на практикувањето на американската демократија, со практикување политики за национална рехабилитација, свртување кон себе и воспоставување состојба на национално политичко, економско, финансиско, здравствено, социјално, па и безбедносно заздравување. Тоа се политики на суверенизам што токму во овој историски период им требаат и им одговараат на Македонија и македонската држава, бидејќи токму суверенитетот во сите негови облици ни е загрозен од надворешни фактори. Со оглед на тоа што Македонија има стратегиски договор со САД, перспективите на заемните, меѓусебни односи имаат потенцијал за повисоки дострели, при што може да се изградат механизми за да се парира на страотните притисоци на некои центри на моќ на ЕУ, кои наметнуваат агенда за евроинтеграциите што е спротивна на меѓународното право и темелните принципи на меѓународната заедница.


Експертите се повеќе од јасни: Грците и Грција имаат целосно различен историски и национален супстрат од македонскиот

Во името Македонија се вградени македонскиот идентитет и македонската меморија и историја

Во следниве редови не пречи повторно да потсетиме на неколку клучни прашања од македонската историја и за Македонија. Бришењето на името Македонија од македонската држава пред шест години беше извршено во целосна спротивност со врховното (перемпторно) право, во пакет со жестока негација на сите достапни историски факти и аргументи дека Грците и Грција немаат никаква поврзаност со името Македонија и придавката „македонски“, ниту право да бидат нивни „единствени сопственици“, што им го дава Преспанскиот договор.
1. Во својата статија со наслов „Името Македонија од античко време до денес“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 5 јули 2018 година, сега веќе починатата историчарка д-р Наде Проева, како најголем експерт за Античка Македонија, ја нагласи сета разлика меѓу Античка Македонија и Античка Грција, а со Преспанскиот договор токму античката историја и античкото културно-историско наследство на Македонија ѝ беа „подарени“ на денешна Грција.
– Името Македонија ги влече своите корени од античко време и се користи за означување како на земјата така и на политичките творби на таа територија почнувајќи од кралството на Античките Македoнци, римската провинција Македонија, сѐ до Р Македонија. Тоа значи дека името има географскo-политичкo значење. Во легендите е запишано дека народот и земјата биле наречени според предок по име Македон. Најстарите зачувани извори за Македонија и за Античките Македонци се однесуваат на 8-7 век пред нашата ера. Во пишаните извори старогрчките и римските автори прават јасна разлика меѓу Античките Грци (Хелените) и Античките Македонци. За Античките Грци, Македонците биле варвари, како и сите други народи што зборувале неразбирливо, односно на јазик различен од хеленскиот (старогрчкиот) – има напишано Проева.
2. Во својот научен труд со наслов „Македонскиот идентитет и историските проучувања“ од 2020 година, универзитетската професорка д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја е категорична дека името Македонија се јавува како непроменлива оска на градењето на идентитетот на македонскиот народ низ целата негова историја.
– Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои еднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја – има нагласено Ристовска-Јосифовска.
3. Во својата научна студија со наслов „Идентитетот на местото, местата на идентитетите – промена на имињата на местата во постапартхејдска Јужна Африка“, Силваин Гијо од Катедрата за општествена географија на Универзитетот во Гренобл, во Франција, и Сесил Сетал од Катедрата за географија и околински студии на Универзитетот во Форт Харе, во Јужна Африка, изнесуваат заклучоци врз основа на кои може да се согледа зошто и во името Македонија се содржан, се вградени, сеќавањата на минатото и историјата на македонскиот народ и неговиот национален и јазичен идентитет.
– Географските имиња, односно имињата на местата, на областите и државите ги содржат сеќавањата на минатото, етничкиот и јазичниот идентитет на поединците и народите. Процесот на преименување на местата и државите е нераскинливо поврзан со политичките промени во различни делови на светот. Имињата на местата и државите се симболи на идентитетот и етничката припадност – имаат констатирано двата автора на студијата. Св.Т.


Потсетување на пораката на Кенеди до Американците, применлива и за Македонците:

Да се понесе товар и спротивставување секому заради обезбедување на својот опстанок!

  • Џон Фицџералд Кенеди: „Ќе платиме каква било цена, ќе понесеме каков било товар, ќе се соочиме со какви било тешкотии, ќе го поддржиме секој пријател, ќе му се спротивставиме на кој било непријател, за да ги обезбедиме опстанокот и успехот на слободата. Ако сме поделени, малку можеме да направиме, но ако сме обединети, многу работи ќе можеме да направиме!“
  • Доналд Трамп: „Ја отфрламе идеологијата на глобализмот и ја прифаќаме доктрината на патриотизмот. Кај сите што го слушаат ова низ планетата, чукаат срцата на патриотите, кои чувствуваат силна љубов за своите нации и еднакво силна лојалност кон татковината… Ги отфрлам заканите за американскиот суверенитет и нема да го толерирам тоа… Го почитувам правото на секоја нација да ги следи своите обичаи, верувања и традиција!“

Во својот инаугуративен говор како нов американски претседател на 20 јануари 1961 Џон Фицџералд Кенеди (29.5.1917 – 22.11.1963), триесет и петтиот претседател на САД од 1961 до неговото убиство во 1963 година, по атентатот и врз него, тој упатил порака до американскиот народ: „Ќе платиме каква било цена, ќе понесеме каков било товар, ќе се соочиме со какви било тешкотии, ќе го поддржиме секој пријател, ќе му се спротивставиме на кој било непријател, за да ги обезбедиме опстанокот и успехот на слободата. Ако сме поделени, малку можеме да направиме, но ако сме обединети, многу работи ќе можеме да направиме!“
И да парафразираме во истиот контекст: денес и македонскиот народ треба да биде подготвен да плати каква било цена, да понесе каков било товар, да се соочи со какви било тешкотии, да му се спротивстави на кој било непријател, за да ги обезбеди својот опстанок и успехот на својата слобода, кои се драматично загрозени.
Значителен оптимизам дека Трамп може да ги почитува и македонскиот патриотизам и правото на македонската нација да ги следи своите верувања, наспроти Преспанскиот договор.
Првите реакции кон спомената Извршна наредба на Џо Бајден се дека тој се обидува да го стави во позиција и Доналд Трамп како нов американски претседател да мора да го следи континуитетот на американската политика во Балканот и сите меѓународни договори, во кои таа има голем или најголем удел, меѓу другото, и за Охридскиот и Преспанскиот договор, а бездруго и за Бугарскиот договор. Првичните потези, кои ги повлекува Трамп, веќе покажуваат дека неговата насоченост е кон Далечниот Исток, а Балканот би бил втор или можеби и трет приоритет по важност. Допрва ќе се види дали и како ќе се однесува новиот шеф на американската држава кон најновата и последна извршна наредба на својот претходник Бајден.

Во меѓувреме, од значење е потсетувањето и на најважните ставови, кои ги има изнесено Доналд Трамп во својот говор во Организацијата на Обединетите нации во Њујорк на 26 септември 2018 година во својот прв претседателски мандат: „Америка ја водат Американците. Ја отфрламе идеологијата на глобализмот и ја прифаќаме доктрината на патриотизмот. Кај сите што го слушаат ова низ планетата, чукаат срцата на патриотите, кои чувствуваат силна љубов за своите нации и еднакво силна лојалност кон татковината… Ги отфрлам заканите за американскиот суверенитет и нема да го толерирам тоа… Го почитувам правото на секоја нација да ги следи своите обичаи, верувања и традиција. САД нема да ви кажуваат како да живеете, како да работите и во што да верувате. За возврат само бараме да ги почитувате нашите суверени права“.
Дали Трамп по шест години ќе остане доследен на своите суверенистички ставови дека во случајот со Македонија, наспроти Преспанскиот договор, ќе ги почитува доктрината на македонскиот патриотизам и силната љубов, која ја чувствуваат македонските патриоти кон својата татковина Македонија? Дали Трамп ќе го почитува во својот втор претседателски мандат правото и на македонската нација да ги следи своите обичаи, верувања и традиција, наспроти Преспанскиот договор, ниту да ѝ кажува како да живее и во што да верува? Релациите што ги воспоставува сегашното македонско државнополитичко раководство со дел од најблиските соработници на Трамп создаваат простор за реален оптимизам дека можат да бидат во значителна мера позитивни неговите одговори на сите претходно изнесени прашања. Св.Т.


Завршен коментар на авторот

Моментот кога ќе може и кога ќе мора да се поништат и Преспанскиот и Бугарскиот договор (бидејќи тие се една нераскинлива целина) не е далеку. Двата „добрососедски договора“ се своевидни „темни пештери“ во кои се масакрираат македонскиот дух и македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, македонското минато, сегашност и иднина! Наближува времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“. Доаѓа времето да се разурнат „преспанската“ и „санстефанската пештера“ во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет, а не да се влегува и натаму во нив! Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот!
Како што во Уставот пред шест години се избришало името Македонија, така ќе треба во скоро време, политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Свето Тоевски