Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колумна на амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин

За неколку дена, на 9 мај, ќе ја одбележуваме 80-годишнината од победата во Големата татковинска воjна – јубилеен датум, чие значење како за нашата земја така и за целиот свет тешко е да се прецени. Во Москва – за кулминацијата на свеченостите – Парадата на победата на Црвениот плоштад – ќе пристигнат лидери на повеќе од дваесет држави – нивната репрезентативна листа се проширува секој ден – како и голем број делегации. Парадните единици на војници од странските земји свечено ќе маршираат рамо до рамо со руските војници.
Амбасадата на Руската Федерациjа во Скопје ќе организира низа настани – церемонии на полагање цвеќе, изложба на фотографии, прием, концерт. Отворени сме да ја споделиме радоста на, како што велиме кај нас, „празникот со солзи во очите“, со сите оние за кои победата е во сеќавањето, но главно – и во срцето.
Им оддаваме почит за придонесот за заедничката победа на македонските партизани, повеќе од 100 илјади луѓе, кои храбро се бореа. Храброста и херојството на учесниците во Народноослободителна борба во Македонија, меѓу кои беа и нашите сонародници, овозможија да се задржат значителни сили на окупаторите. Повеќе од 24 илјади ги положија своите животи на олтарот на победата.
Убеден сум дека нашите планови во целост ги одразуваат изразените антифашистички ставови во широките јавни кругови, континуираното разбирање дека современата македонска државност е родена во борбата против фашизмот. Тргнувајќи од овие чувства, како што се чини, во Скопје би требало да се дејствува при определување на односот кон напорите за спротивставување на нацизмот и неонацизмот, вклучувајќи ги и резолуциите на меѓународните платформи, пред сè во ОН.
Мудроста и здравиот разум на народот се непроценливи. Високо ја цениме позицијата на оние што ја чуваат историската меморија, ја сфаќаат важноста на националните интереси за обезбедување на суверенитетот и независноста на својата земја. Се надеваме дека нашите пристапи ќе станат компас за оние што ја губат ориентацијата во потокот на лаги на историскиот ревизионизам.
За нашиот народ, Денот на победата не е само историски или празничен датум, затоа што, како што е познато, во историјата на Русија имаше многу големи победи. Но, ние ја нарекуваме токму оваа војна света. Што го прави 9 Мај свет, вистински народен празник?
Главната причина се незамисливи загуби и уништувања, бидејќи војната дојде во домот на секое семејство. Затоа во Русија се верни на споменот на хероите, на сите што учествуваа во заштитата на татковината.
Ние секогаш ќе се сеќаваме и ќе се гордееме со бесмртниот подвиг на нашите татковци, дедовци и прадедовци. Војници и офицери на фронтовите, жени, старци и деца во заднина на фронтот не се штедеа самите себеси, ги даваа сите сили за да ја одбранат независноста на татковината. Да бидеме достојни за нивните подвизи – тоа е наша света должност.

Во Македонија живее ветеранот на трудот Валентина Фјодоровна Макарова, која за време на војната, на свои 13 години – размислете за оваа бројка – започна да работи во производството за фронтот, а на 17 години – по завршувањето на војната – беше наградена со медалот „За хероjскиот труд“. Користејќи ја оваа пригода, ѝ го честитам на Валентина Фјодоровна претстојниот празник, ѝ посакувам добро здравје и сè најдобро. Во следните денови планирам да се сретнам со неа и да ѝ ја предадам честитката од претседателот Владимир Путин.
СССР одигра одлучувачка улога во победата над нацизмот. Бесмртниот хероизам на неговиот мултинационален народ ги спречи плановите на нацистите, опиени со идеите за расна супериорност, да ги поробат и уништат советските граѓани, како и граѓаните на други држави со различни националности. Мислам дека ова добро го разбираат и во Македонија…
За помладите читатели ќе наведам бројки што даваат јасна претстава за големината на трагедијата.
Вкупните загуби во Втората светска војна на 57 држави се околу 50 милиони загинати. Повеќе од половина од нив, околу 27 милиони луѓе, се граѓани на СССР. Околу 14 милиони се цивили, кои загинаа во окупираните зони. Уништени се повеќе од 1,7 илјади градови и населени места, повеќе од 70 илјади села.
Размислете што тоа значи – неверојатни, колосални загуби…
Фактите за истребувањето на мирното население од страна на нацистите и нивните помагачи, утврдени во пресудата на Меѓународниот трибунал во Нирнберг, ги сметаме за геноцид на народите на Советскиот Сојуз.
Тешко е да се пренесе ужасот од масовните убиства на деца, жени и старци, а нивниот опис од ретките преживеани предизвикува силни емоции… Овие факти се потврдени со работата на руските историчари, која траеше повеќе од дваесет години, а нејзиниот резултат беше усвојувањето во април оваа година на Законот за овековечување на споменот на жртвите на геноцидот на советскиот народ во периодот од 1941 до 1945 година.
И покрај сè, советскиот народ не само што успеа да издржи и да победи туку и херојски го ослободи од фашистичкото ропство поголемиот дел од денешните земји во Европа.

Особено ќе забележам дека во Русија никогаш не се потценувале значењето на вториот фронт и помошта на сојузниците од антихитлеровата коалиција. Секогаш ќе се сеќаваме на нашата заедничка борба и инспиративните традиции на сојузништвото.
Сепак, главната тежина на борбата ја понесе Советскиот Сојуз. На дел од нашата земја ѝ припадна околу 75 отсто од сите воени напори на антихитлеровата коалиција. Источниот фронт ги привлекуваше главните сили – против советските трупи дејствуваа повеќе од три четвртини од најборбените дивизии, од кои 507 беа уништени или заробени. Во текот на војната Црвената армија уништи и заплени 167 илјади орудија, 48 илјади тенка, 77 илјади авиони.
Во настаните што се случуваат околу Украина повеќе од три години не може да не се забележи директната поврзаност со Големата татковинска војна, со резултатите од Втората светска војна. Специјалната воена операција е насочена – меѓу другото – кон спречување на обидите да се „укине“ големата победа, да се препише хрониката на војната, целата повоена историја и да се оживее нацизмот. За примери, како што велиме кај нас, не треба да се оди далеку – тие се очигледни за сите што имаат и малку здрав разум – не се сомневам дека во Македонија има апсолутно мнозинство од такви луѓе.
Обрнете внимание на извештаите за напредокот на специјалната воена операција – Амбасадата редовно ги објавува на страниците на социјалните мрежи – каде што нашите војници често го користат црвеното знаме, го носат на воената униформа, го закачуваат на воената техника и го креваат над ослободените градови. Причината е јасна – има очигледни историски паралели со 1941-1945 година – и тогаш и сега ние се соочуваме со поддржувачи на деструктивната идеологија за супериорност на една нација.
Опсесијата на западните земји со „стратешки пораз“ на Русија е само пуста желба. Тешко е да се ослободи од впечатокот дека ова е обид да се постигне одмазда за поразот од пред 80 години.
Во Европа има многу луѓе што не можат да се помират со резултатите од Втората светска војна. Дозволете ми да ве потсетам дека војната ја загуби не само Германија – значајни воени единици што се бореа на Источниот фронт беа формирани во низа европски земји.
Сегашните европски елити подигнаа во Киев манијакален неонацистички режим, наклонет кон војна. Погледнете ја еволуцијата на помош за Украина – од шлемови и панцири до високопрецизно ракетно оружје. Воени инструктори од некои земји ги координираат акциите на украинските милитанти. Во редовите на украинските формации има илјадници странски платеници, кои – до неодамна – извршуваа негативни дејства, вклучително и на територијата на Курската Област, која беше целосно ослободена пред неколку дена, вршејќи, без претерување, вистински терор и убиства на цивили. Против Русија се воведени повеќе од 28 илјади санкции – повеќе отколку против сите земји во светот.

Принуден сум да кажам, во Европа – со ретки исклучоци – не се заинтересирани за ставање крај на конфликтот. Политиките на современите европски елити не оставаат сомнеж за ова.
Во исто време, нивните претставници се обидуваат да извршуваат историски реваншизам – да ја стават нашата земја на исто ниво со Хитлеровата Германија, промовирајќи ја тезата за наводно еднаква одговорност за започнување на Втората светска војна, да ја омаловажат улогата на СССР во ослободувањето на европските земји. Ваквите постапки е тешко да се наречат поинаку освен неморални.
Затоа денес празникот симболизира континуирана поврзаност со победата. Русија дефинитивно ќе постигне победа и сега – не треба да има сомнеж дека сите цели на специјалната воена операција ќе бидат остварени.
Победата во далечната 1945 година сведочи за несовладливоста на нашата земја, за безграничната сила на народниот дух. Ние не можеме да бидеме победени – разбирањето за ова беше цврсто во генерацијата што ги доживеа сите ужаси на војната, но со текот на годините, очигледно, тоа се замагли. Оттука – колку побрзо сфатат оние што ја поттикнуваат Украина да продолжи со воените дејства дека однесувањето кон Русија од позиција на сила нема перспективи, толку подобро.
Победата исто така ги потврдува високите духовни карактеристики што органски се својствени за нашиот народ. Не вршиме одмазда за страшните злосторства извршени врз нас – ниту за време на Големата татковинска војна ниту за време на специјалната воена операција. Напротив, се трудиме да го заштитиме цивилното население, да му помогнеме, да го нахраниме и да му обезбедиме лекови. Долги години јасен симбол на такво однесување е фигурата на советскиот војник во паркот Трептовер во Берлин, кој држи во рацете спасено германско девојче …
Хуманитарните причини се во основа на одлуката донесена од претседателот Владимир Путин да прогласи примирје на деновите на 80-годишнината од победата – од полноќ на 7-8 мај до полноќ на 10-11 мај. Очекуваме дека украинската страна ќе го следи нашиот пример.
Ваквиот потег би можел да биде вовед за директни мировни преговори меѓу Русија и Украина без предуслови, за кои сме подготвени. Посветени сме на одржливи и долгорочни решенија што би ги елиминирале основните причини за украинската криза и би го спречиле нејзиното продолжување.
Се разбира, ние сме отворени за конструктивна интеракција со меѓународните партнери – руско-американскиот дијалог и понатаму ќе продолжи да се спроведува во најактивен режим.
Русија води активна надворешна политика – таа е во првите редови на борбата за формирање поправеден мултиполарен светски поредок заснован на принципите на меѓусебното почитување на интересите и правото на секој на сопствен развоен модел.
Убедени сме дека светската заедница треба да работи заедно за да создаде нова архитектура на еднаква и неделива безбедност, која сигурно би ги заштитувала сите држави без да им наштети на интересите на другите. Нашиот заеднички континент Евроазија, за кој ова прашање е особено актуелно, мора да стане простор на мир и стабилност, пример за одржлив економски, социјален и хуманитарен развој.
Како заклучок би сакал да му се заблагодарам на весникот „Нова Македонија“ за можноста во пресрет на Денот на победата да ги запознаам неговите читатели и пошироко – македонските граѓани, со нашите пристапи кон прашањата што се важни за Русија и за целиот свет.
Наша должност е да го зачуваме сеќавање на Големата татковинска војна и на нејзините последици, на подвизите на советскиот народ. Секогаш да се сеќаваме на оние на кои сите ние што живееме денес им ги должиме најважните работи – животот и слободата.
Ќе завршам со зборовите – сметам, многу прецизни – на претседателот Владимир Путин: „Нема иднина без знаење за минатото, без разбирање на тоа на каква земја живееме и благодарение на кого живееме“.

Честит празник! Честит Денот на победата!