Сто и пет години од смртта на најпознатиот собирач на македонски народни умотворби
- Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали, Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и од Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и ги запишувал своите фолклорни материјали. Автор е на драмското дело „Црне Војвода“, а неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп
Марко Костов Цепенков (Прилеп, 7 ноември 1829 – Софија, 29 декември 1920) е најголем собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. Македонскиот институт за фолклор го носи денес неговото име. Марко Цепенков е најзначајниот собирач на македонските народни умотворби. Неговото дело е издадено во 10 тома и е повеќепати реобјавувано во Македонија. Во вкупниот број објавени и необјавени негови дела можат да се набројат повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2.900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и слично.) Автор е и на драмското дело „Црне Војвода“. Цепенков бил ориентиран кон сите жанрови на народното усно творештво, но сепак најмногу ги сакал приказните, цврсто уверен дека „малите приказни голем ум даваат“!
На научниот собир по повод 190 години од раѓањето и 100 години од смртта на Цепенков, кој го организираа Македонската академија на науките и уметностите и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ на 4.11.2020 година, проф.д-р Ермис Лафазановски, тогаш како директор на Институтот за фолклор, истакна: „Со оглед на сложената меѓународна политичка ситуација, во која се наоѓаме, собраните материјали на Марко Цепенков во целост сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Неговата оставина, ние, Македонците, денес може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело, во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија? Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите соништа“.
Според академик Катица Ќулавкова, Цепенков со раскошното творештво е дел од македонската култура и културна историја и е меѓу личностите што, како што рече на споменатиот научен собир, „оставиле непроценлив доказ за македонската народна култура, македонскиот фолклор, за јазикот, етносот и спецификите на македонскиот народ“.
Во финалната песна од својата автобиографија, Цепенков вели дека ги напишал, за да остави вечен спомен на својот мил „бугарски“ народ. Но тој себеси воопшто не се сметал како вистински, етнички Бугарин, туку како етнички антички Македонец, зашто се идентификувал со Македонците на Александар Македонски! Како и огромен број други македонски просветители, преродбеници, револуционерни дејци, така и Цепенков ја искажува својата македонска етничка припадност преку поврзаноста со Античките Македонци на Александар Македонски, тој се сметал себеси како потомок на Античките Македонци на Александар Македонци. Во оваа смисла доказ за тоа е и неговата авторска поема, објавена во бројот 28 на весникот „Автономија“ на 12 февруари 1899 година во Софија.
Во оваа поема, самиот потпишан како „еден прост Македонец“, Цепенков се обраќа кон Македонците, кон својот народ, на македонски јазик и вели: „Чеда жални, вие Македонци… Македонци, моите мили чеда… Помислете, вие мили чеда, за велики цар Александра, што се слави до ден-денеска…“
Цепенков говори и во други свои творби за „Бугари“. Така и во расказот „Силјан штркот“ тој се сместува во „Бугарите“. Под влијание на рускиот „бугаризам“, Цепенков најверојатно бил убеден дека македонскиот етникум треба да стане дел од новозамислената бугарска држава и бугарската политичка нација и во овие рамки тој исклучиво само во политичка смисла се идентификува себеси и својот македонски народ со политичките имиња „Бугари“ и „Бугарија“. Во Турската Империја нејзиниот таканаречен „милет-систем“ не признавал етнички малцинства, туку само верски заедници, население со свои верско-политички определби, па така, никогаш не биле признаени ниту Македонците како народ во етничка смисла. Македонците морале да се изјаснуваат како „Ромеи/Грци“, потоа како „Срби“, а откако Турците ја признале Бугарската црква – Егзархијата тогаш Македонците добиле „право“ да се изјаснуваат во верско-политичка смисла и како припадници на „Бугар-милетот“. Токму поради сево ова Цепенков и се изјаснувал како „политички Бугарин“, односно како поданик на Бугарската црква, на турското вазално Бугарско кнежевство, но никаде не се идентификувал себеси како етнички Бугарин! Толку за „бугарштината“ на Цепенков.
Животниот пат на Цепенков
Роден е во Прилеп во сиромашно семејство, кое води потекло од прилепското село Ореовец. Поради тешката материјална состојба, основно образование учел само една година, а потоа продолжил да го учи терзискиот занает. Во периодот 1856-1857 г. почнал да собира народни умотворби, поттикнат од Димитар Миладинов, како што вели. Работел седум месеци во Народното собрание на Бугарија по статистиката на народното население, подоцна работел и во финансискиот оддел, по што бил администратор во печатницата на браќата Поп-Спиркови.
Целокупната оставина на Марко Цепенков се чува во Архивниот институт на Бугарската академија на науките во Софија. Во современа Македонија, делата на Марко Цепенков за првпат биле реиздадени во 1954 година од Блаже Конески во „Сказни и сторенија“. Во 1957 г. творештвото на Цепенков било прикажано во вид на филм од Кирил Пенушлиски, кој една година подоцна започнал со неговото издавање. Во 1972 година било објавено целокупното дело на Цепенков на македонски јазик. Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има временски најдолга запишувачка практика – повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите најистакнати собирачи на македонските народни умотворби – браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и такви што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали.
Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали, Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и од Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали. Автор е на драмското дело „Црне Војвода“, а неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп.
Изнемоштен, напуштен, заборавен, во крајна беда, Марко Цепенков умрел на 29 декември 1920 година во Софија, каде што е и погребан.
Свето Тоевски
































