Фото: МНР

Два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската Унија во регионот, напиша на социјалните мрежи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во врска со вчерашните случувања во Брисел и одбивањето на францускиот предлог од македонска страна.

– Зборот „протокол“ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот „отворање“ во параграф шест од заклучоците на советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија – прецизира Османи во напишаното.

„Усвојувањето денес на резолуцијата во бугарскиот Парламент, во која се потенцираат токму овие две прашања ќе го блокира долгорочно европскиот процес, и воедно ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок. Француското претседателство беше многу внимателно при срочувањето на текстот внимавајќи на сензитивностите на двете страни и затоа прашањата кои не беа прифатливи за нас ги стави како недефинирани предлози (во заграда) за да потенцира дека тие се прашања кои не се решени. Оттука ние само можеме да се заблагодариме на Француското претседателство но моравме да го одбиеме нивниот предлог во ваква форма, токму поради деловите во него за кои бугарската страна без никаква аргументација не покажа разбирање“ пишува Османи на социјалните мрежи.


Милошоски до Османи: Нема потреба од два збора, ниту правдање со загради, доволна е оставка!

„Нема потреба ниту од два збора, ниту има потреба од правдање со загради. Еден збор е доволен. Оставка“. Ова е пораката од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски до актулениот шеф на дипломатијата, Бујар Османи.

– Премиерот Ковачевски и министерот Османи се двајцата актери на кои им се случи најголемиот дипломатски дебакл, после оној со Лисабонската декларација. Македонија  доби непринципиелен и понижувачки предлог за преговарачка рамка, преполн со наметнати билатерални прашања и со поглед во минатото. Факт е дека во обликувањето на овој документ активно учествувале и Ковачевски и Османи, иако тоа го криеа од јавноста. Затоа нема потреба ниту од два збора, ниту има потреба од правдање со загради. Еден збор е доволен. Оставка – пишува Милошоски.