Процесот што треба да се следи вклучува експертска евалуација или ситуациска анализа, по која би требало да побараме и препораки за надминување на предизвиците. Овие процени обично ги прават советодавни комисии составени од меѓународни експерти што работат во меѓународните организации. Експертите предупредуваат дека ние и со Грција немавме таков пристап и по инерција се почнаа процеси без да се постават на солидни темели, а тоа подразбира независна анализа и препораки врз основа на веќе договорени и ратификувани документи. Според нив, ние мора повеќе да веруваме во меѓународното право, а помалку на празни ветувања. Тоа бара поинаква дипломатија, организирано и стратегиско дејствување, кое мора да се одвива на неколку траектории паралелно…
Артикулирана институционална реакција на државата пред меѓународните институции за неправдите над македонските евроинтеграции
Со допингуваните компликации на македонско-бугарските односи, причинети од бустер-дозата со Договорот за добрососедство, се наметнаа прашањата за потреба од артикулација на презентирањето на вистината за Македонија и македонското прашање пред Европа и пред светот. Поради наездата на невистини, фабрикувани информации, извртувања на историјата и слични кампањи од Софија и слепото прифаќање на едностраноста од страна на институционална Европа, очигледна беше неопходноста од наша страна да се прикажат фактичката состојба, вистината (правната, историската) и аргументите за тоа. Имено, се наметна неопходноста да се адресираат ставови до меѓународните институции (ЕУ, ЕК, ОБСЕ, ОН), во вид на официјален документ, како позиции на официјалните македонските институции (Собранието, Владата, МНР).
Зошто е потребна наша синхронизирана кампања пред меѓународните институции
Асиметричноста на македонско-бугарската верзија на пријателство, поставена на исто така асиметричните основи од Договорот за добрососедство од 2017 година, со развојот на настаните во билатералните односи поврзани со „заедничката иднина во ЕУ“ се претвори во состојба на „пријателство со уцени за т.н. ’заедничко минато пред ЕУ‘“. Бугарија ги користи сите привилегии на ЕУ-членството од позиција на моќ да ја уценува Македонија со вето за почеток на преговорите со Унијата. Притоа, официјална Софија не се воздржува да фалсификува историски факти, но и да се претставува како историска жртва пред европските институции од самото постоење на македонската држава и македонската нација. Декларацијата на бугарското собрание од 2019 г. како официјална позиција за македонските евроинтеграции беше преточена во објаснувачки меморандум од Владата на Бугарија до другите земји-членки на ЕУ (во 2020 година), за кој се покажа дека всушност одигра на официјален документ во ЕУ, со кој Бугарија го аргументира своето вето за Македонија, колку и да се небулозни позициите искажани во него. На тој начин, актуелната позиција за почеток на преговорите со ЕУ на Македонија, практично е сведена на наше „докажување“ пред Бугарија, додека Унијата и другите меѓународни институции како да добија отстапница за „миење раце“ од спорот што го сведоа на билатерален.
Треба да остане трага во меѓународните институции за македонската позиција
и историска вистина
Уште на почетокот на оваа состојба во македонско- бугарските односи се наметнаа прашањата за потреба од артикулација на вистината за Македонија и македонското прашање да се адресира до меѓународните институции (ЕУ, ЕК, ОБСЕ, ОН), во вид на официјален документ, како позиција на официјалните македонските институции (Собранието, Владата, МНР). Во текот на изминатиов период, Бугарија веќе ефектуира три вета за почеток на македонските преговори со ЕУ и иако трипати спроведе парламентарни избори во текот на минатата година, смени неколку вида влади, не се промени нејзината позиција за ветото, ниту некој од ЕУ ги оспори нејзините аргументи изнесени во објаснувачкиот меморандум.
Од македонска страна, научници, интелектуалци, невладини здруженија континуирано реагираат на уценувачкиот пристап на Бугарија во наводното градење пријателски односи, но и на речиси индиферентниот однос на ЕУ на невистините и фалсификатите, кои Бугарија ѝ ги наметнува како аргументи и ги подметнува како „европски вредности“. Наспроти тоа, официјалните македонски институции, како јасно да не ги гледаат или препознаваат патот и начинот за документирање на македонските аргументи и вистини во овој евроинтегративен процес, претставувајќи ги смело, упорно, безрезервно и бескомпромисно вистините пред меѓународните институции како Европската Унија (заедно со Европската комисија), ОБСЕ, па и Обединетите нации…
– Треба да остане трага во меѓународните институции, особено во институциите на ЕУ за македонската позиција, историска вистина, борбата за права и правда во овој долготраен и со многу пречки, процес на евроинтеграција на Македонија. Дури и да нема одговор или реакција од тие меѓународни инстанци, треба да остане пишана трага за реакција, став на македонските официјални институции за оспорувањето на цивилизациските права што ѝ се наметнуваат на Македонија низ евроинтеграциите. Тоа може да се направи со упатување декларација, меморандум од официјални македонски институции (Собранието, Владата) од релевантните меѓународни организации, па дури и официјална јавна изјава на претставник од македонскиот државен врв би имал тежина на официјална реакција. Преземањето таков чекор е работа на храброст, достоинство, па дури и на лично воспитување на оние што официјално ја претставуваат државата. Не може да нема никаков одговор, реакција, на сета таа агресија од другата страна (Бугарија) со фалсификувани и еднострано интерпретирани аргументи, но преточени во официјални документи – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и еден од иницијаторите на прогласот на македонските интелектуалци за национално обединување, водени од промислата за опстанокот на татковината.
Експертски предлози како понатаму
Во ваква констелација се наметнува дилемата дали, всушност, нас нешто нѐ спречува, покрај веќе започнатите билатерални преговори со Бугарија, како и билатерални средби со функционери на ЕУ, преку официјален документ на некоја (или повеќе) македонска институција да побараме праведен однос за Македонија во ЕУ и почитување на нејзината историска вистина?
– Се чини дека нашите дипломати послушно веруваа на ветувања дадени „зад затворени врати“ од нивни европски колеги, кои не се во позиција да ги исполнат ветувањата. Процесот што секоја сериозна влада би требало да го следи би вклучувал експертска евалуација или ситуациска анализа, по која би требало да побараме и препораки за надминување на предизвиците. Овие процени обично ги прават советодавни комисии составени од меѓународни експерти што работат во меѓународните организации. За конкретниов случај тоа би биле меѓу другите Советодавната комисија за Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства (ФЦНМ) при Совет на Европа, Високиот комесар за малцински прашања при ОБСЕ (ХЦНМ), Специјалниот известувач за малцински прашања во ООН (УНХЦХР). Тоа се меѓувладини форуми во кои државава е членка и тие требаше досега да изготват објективна анализа на состојбата со малцинствата, јазикот, компатибилноста на постојното законодавство со меѓународните норми во двете држави. Тие механизми се активираат по барање на Владата, не сами по себе – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација. Таа смета дека сето ова досега требаше да биде направено, но иако со задоцнување и сега би било корисно и неопходно, затоа што рамката на македонскиот преговарачки тим мора да се изгради врз вакви стручни анализи.
– Но ние и со Грција немавме таков пристап и по инерција се почнаа процеси без да се постават на солидни темели, а тоа подразбира независна анализа и препораки врз основа на веќе договорени и ратификувани документи. Причините зошто овој мултилатерален слој се гради веќе речиси цел век е за на државите да им се обезбеди сигурност, бидејќи вербалните договори може да се исполнат, но и да се прекршат. Ние мора повеќе да веруваме во меѓународното право, а помалку на празни ветувања. Тоа бара поинаква дипломатија, организирано и стратегиско дејствување, кое мора да се одвива на неколку траектории паралелно – вели Ида Мантон.