Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, од Охрид директно ја прозва Европската Унија дека направила неколку историски грешки со Македонија, но и дека до крајот на годината земјава треба да ги започне преговорите за членство
Поенти од посетата на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на Македонија
Во текот на дводневната посета, на 26 и 27 септември, која во најголем дел се одржа во Охрид, беше одржан состанок лице в лице меѓу премиерите на Македонија и Унгарија, Мицкоски и Орбан, но и работна меѓувладина седница, со оглед на тоа што во унгарската делегација имаше и десетина министри. Освен премиерите, состаноци лице в лице имаа и повеќе ресорни министри од двете влади, на кои беа договорени проекти за соработка. По работниот дел на посетата беше одржана и заедничка прес-конференција на двајцата премиери, по што, според програмата, беше организирано разгледување на културно-историските локалитети во Охрид, за гостите од Унгарија.
Унгарскиот премиер Орбан, уште пред почетокот на работниот дел од средбата во Охрид, во интервју за унгарските медиуми нагласи дека мора да внимава како го кажува името на државата домаќин.
– Една од причините зошто сум тука во Охрид е да бараме решение на спорот со Бугарија и тука морам да внимавам на името на државата – Северна Македонија… Порано името на оваа држава беше Македонија, но поради проблемот со Грците мораше да го сменат името во Република Северна Македонија. Јас морам многу да внимавам и токму така да го формулирам името на државата за да не настане определен меѓународен проблем… Северна Македонија има спор со Бугарите, кои го блокираат пристапниот процес. Унгарија е лидер на Унијата и наша должност е да одиме во одредени земји за да ги решиме постојните конфликти. Делумно затоа сме тука. Но претседателството со ЕУ брзо поминува, ќе видиме, секако, има прашања што не поминуваат лесно, како што е прашањето за миграцијата – изјави Орбан во интервју за унгарско радио. Подоцна на конференцијата за медиумите, унгарскиот премиер директно ја прозва Европската Унија дека направила неколку историски грешки со Македонија. Ј.П.
Извадоци од изјавите на Орбан
– За помошта на Унгарија за Македонија за членството во ЕУ
„Следната станица е спогодба и јас имам предлог. Сакам да посредуваме во ова прашање. Дали Бугарија е подготвена да прифати да бидеме посредници, тоа е работа на таа земја. Ние на Мицкоски му понудивме да бидеме посредници. Тешко е да се разбере зошто Албанија е издвоена. Тешко е тоа да го разбере една нација. Сакам да нагласам дека националната гордост е најважна за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Северна Македонија. Тоа создава рани, голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира. Вие до крајот на годинава мора да ги отворите преговорите со ЕУ“, рече Орбан.
– За важноста на членувањето на Македонија во ЕУ
„Најважна тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ и Унгарија како претседавач со ЕУ сака да помогне. Нашиот став е јасен, зачувувањето на Западен Балкан е важно за неговата стабилност, но и за стабилноста на Унгарија па и на самата ЕУ. Унијата во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување. Не го одминуваме фактот дека Унгарија и Молдавија добија вонредно забрзување кон ЕУ, но мора да ги почитувавме земјите што долги години работат на зачленувањето. Нивниот застој во процесот, како во случајов со Северна Македонија, не е фер. Подготвени сме да разговараме за овие прашања и да работиме на тој план“, рече Орбан, додавајќи дека Македонија е многу важна за безбедноста на Унгарија и од аспект на коридорот 10 и дека дефинитивно Будимпешта е подготвена и на тој план да помогне.
– За кршењето на меѓународното право и нанесените неправди на Македонија
„Некои држави, како Северна Македонија, требаше одамна да бидат членки на ЕУ. Патот на Северна Македонија започна одамна заедно со Хрватска и затоа велам дека ЕУ прави голема грешка кон Северна Македонија. Не гледам причина зошто да биде одвоена од Албанија. Предизвик ќе биде за владата на Мицкоски да се справи со овој проблем“, изјави по ова прашање Орбан.
– За сличноста на борбата за самобитност на македонскиот и на унгарскиот народ
„И двата народа имаат долги историски традиции и за двата народа целото ова време е карактеристично по борбата за зачувување на националните интереси и слободата, а најважно од сѐ е да ги зачуваме нашите идеали и националната гордост“, нагласи Орбан.
Извадоци од изјавите на премиерот Мицкоски
– За длабоко вкоренетото пријателство и почит меѓу Македонија и Унгарија
„Македонскиот и унгарскиот народ, македонските и унгарските граѓани ги врзуваат длабоко вкоренето пријателство и заемна почит. Низ годините, нашите народи покажаа дека и покрај географската оддалеченост, заедничките вредности и визии се, исто така, клучни за градење силни односи. Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња така и во напорите за нашата европска интеграција. Денес, преку конкретни иницијативи и договори, тоа пријателство продолжува да се зацврстува, создавајќи солидни основи за идната наша заедничка соработка.
Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери што ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратегиско сојузништво. Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.
Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и на нашите аспирации за полноправно членство. Ние ја делиме заедничката визија со нашите унгарски пријатели за интегриран Балкан, каде што сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство. Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции туку и на нашата заедничка културна и историска врска, која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Европската Унија“.
– За заедничката визија за просперитет и одржлив развој
Споделуваме заедничка визија за регионалната стабилност и економскиот просперитет, а разговорите беа фокусирани на конкретни проекти, кои ќе го поттикнат развојот на нашите општини и бизниси. Покрај тоа, дискутиравме за стратегиски проекти како транспортниот и енергетски коридор Север-Југ, кој го поврзува Балканот со Унгарија, кој е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион, а нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи.
Унгарија е пример за тоа како силните билатерални односи и заедничката визија можат да донесат конкретни резултати. Верувам дека оваа посета ќе придонесе за уште посилно партнерство и за нови можности за соработка, кои ќе ги оствариме во интерес на граѓаните.